Рејтинзите на федерациите, односно државите за следната сезона ќе бидат посебни за сите три европски купови – Лигата на шампионите, Лига на Европа и Европскиот Куп.
Македонија на последниот рејтинг за сезоната што е во тек котираше високо во машка конкуренција, на шестата позиција што носи директно место во група од ЛШ. Сепак потоа Вардар го загуби тоа место на административен начин.
Од сезоната 2023/24 рејтинзите нема да бидат групни како досега за ЛШ и ЛЕ заедно, туку за секое натпреварување посебно, но ако продолжи истиот систем на бодување (бодовите од трите последни сезони без тековната), македонскиот првак има мали шанси да остане во ТОП 9 за следната сезона и да смета на директно место во елитното натпреварување. ЕХФ не го објавува начинот на бодување, но наскоро ќе ги објави рејтинзите и РФМ ќе дознае колку македонски клубови ќе ја претставуваат во Европа следната сезона.
„Новиот ранкинг на ЛШ и ЕЛ ќе ја постави секоја федерација на нејзината точна позиција, врз која ќе се рефлектира перформансот на нејзините клубови во секое натпреварување. Тоа ќе им овозможи на федерациите да стигнат на полесен начин до повисока позиција во рангирањето“, се вели извештајот на ЕХФ.
Рејтингот на машкиот клупски ракомет е во пад, за сезоната 2023/24 нема да се бројат веќе сезоните во кои Вардар стана европски првак, па станува јасно дека тешка ќе биде борбата со федерациите кои имаат и по два клуба во елитата како Полска на пример, која беше под Македонија на рејтинг листата.
Полска, Португалија, Романија…кои се под Македонија на рејтинг листата, имаат се повеќе успеси, веројатно ние ќе назадуваме уште повеќе, а од позадина демнат Хрватска, Словенија и Шведска, па од сезоната 2024/25 ќе се „молиме“ за вајлд-карта во ЛШ.
Во Лигата на Европа, која ќе брои 32 екипи, многу веројатно е дека ќе добиеме едно место меѓу директно пласираните 16 во група, и две места меѓу 32 екипи што ќе се борат во едно квалификациско коло за пласман во групите.