Ем го победија Монпелје во Франција, ем останаа „свои на своето“ во Македонија
1.Никогаш не ги отпишувај предвреме „црвено-црните“
„Ферари“ ли е Вардар или пак „Бентли“ небитно, битно Давид Дејвис добро го нагази уште на стартот. Прекин на црната серија порази со сензационална победа против Монпелје во Франција е старт каков што може само да се посака и за Вардар и за вардарци и за Дејвис по неговото враќање во Скопје, но, и враќање во Лигата на шампионите по епизодата со Веспрем.
Сензационалната победа на Вардар против Монпелје во Франција стави главен белег на изминатата седмица и на стартот од вториот дел во ЛШ, најави будење на двојниот европски шампион и интересна пролет во најелитното европско натпреварување.
Вардар излезе од лошата серија од седум порази во последните седум натпревари од групната фаза во ЛШ и ја прекина добрата серија на Монпеље од осум последователни победи. Што, реално, не е ни така лесно, а, ни така едноставно. Уште повеќе, ако тоа даѓа по голем средсезонски ремонт.
Кај Вардар, за среќа, се покажа онаа позитивната страна на промената кога таа носи нова енергија. Дејвис со целата своја енергија брзо воспостави свој систем, играчите барем по овие први реакции, добро се вклопија и покажаа дека им одговара кога секој има јасно доделена мисија во играта.
Канаје и Монпелје во својата победничка серија против Вардар есенски потонат во порази, можеби превидоа дека два пати сензационалниот европски шампион, никогаш не треба предвреме да се отпише. Но, што е за право, и Вардар од своја страна одигра за голема победа. Со дисциплинирана и рационална игра во нападот со мотивираните Французи во преден план, со добро поставена одбрана во добра корелација со Мартин Томовски во ТОП издание, Вардар воспостави контрола на терен, знаеше што сака и што може да оствари. И успеа во тоа.
„Победата против Монпелје беше добра за тимот, за екипата, за сите. Сега сите веруваат повеќе во системот“ – ќе рече Давид Дејвис по победата.
2.Систем по потреба – се проширува, се скратува, се проширува…
Системот беше интересна тема неделава и во еден друг сегмент во македонскиот ракомет. Како систем на натпреварување во домашното првенство на кој во последниве 2-3 сезони никако да му го фатиме крајот. Во него очигледно веќе никој не верува штом постојано се менува, се проширува и се скратува, кому како ќе притреба. И тоа се „на потпис“.
Ајде по ред, оти и така е „карам каша“ и тешко е да се фати логика зошто нешто што лани било оценето како лошо и погрешно, сега пак ќе се враќа како добро и оправдано?!
УО на РФМ на последната онлајн седница на 17.02.2022, „ја усвои иницијативата поднесена од страна на ракометните клубови, за промена на националниот систем на натпревари за сезоната 2022/2023“. Од УО не информираа дека за разгледување на предлозите за промени во системот на натпреварување во младинските лиги и во единствената Женска лига се формирани комисии. За најсилната Супер лига директно е прифатено да се оди на промена!
Иако во штурото известување за јавноста нема подетална информација за каква промена конкретно станува збор, од она што се знае од подоброупатените, а и по списокот што кружи со месеци за „собирање потписи“, се работи за повторно проширување на Супер лигата од сегашните 12 на ланските 16 екипи. Иницијативата за да се реализира официјално треба да добие амин од Собранието на РФМ на годишната седница закажана за јуни. Ако Собранието ја прифати иницијативата, тогаш се поништува ланската одлука за системот на натпреварување усвоена на 14.04.2021, според која од сезоната 2022/2023 Супер лигата требаше има концентриран квалитет и од сегашните 12 да се намали на 10 екипи, односно во неа да останат најдобрите 8 од оваа сезона, најдобриот од Прва лига и победникот од баражот меѓу 9-от од Супер и 2-от од Прва лига.
Наместо тоа, со усвоената инцијатива сега системот се враќа назад на оној гломазниот од лани со 16 екипи, разводнет во две групи со по 8 екипи, во кои во регуларниот дел ќе бидат поделени и најдобрите. Систем во кој во регуларниот дел шампионот и вицешампионот ќе играат во различни групи, односно, ќе нема дерби дуели Вардар-Еурофарм Пелистер се до плеј-офот!
Симптоматично е што и во двата случаи во проширувањето на Супер лигата на 16 екипи се заобиколува ставката (ако во меѓувреме наменски не е сменета!!!) дека системот на натпреварување се утврдува две сезони однапред, а не два месеци пред почеток!
Така беше и во 2020 со изговор на „вонредните услови поради короната?!“. Така е и сега во 2022, со изговор – не знам кој! Претпоставувам со „почитување на волјата на клубовите“ или така нешто!
3.Ем незадоволни, ем потпишани
Од неофицијалните информации за списокот и за „волјата на клубовите“ и финтитe од основно „само вие не сте потпишани…“, само Вардар останал „свој на своето“, имун на „сугестиите“ и доследен на ставот дека е против проширување на Супер лигата со кое, дефинитивно нема да се добие на квалитет во македонскиот ракомет. Сите други, свиткале опашка. Секој со некои свои сметки.
Ако е за ваучерот, лоша е математиката, се виде и годинава дека од широка Супер лига, со исклучок на тој за кој е проширена, сите други се „покуси“.
Ако е за „пуленчето“ да си има другарчиња што ќе може да ги победува, а пак да игра во најсилната – тоа само создава лажна слика и како „систем“, кога тогаш, пак ќе ни се удри од глава.
Не ми е јасно, ако од септември важи новиот систем, по кој во Супер лигата влегуваат 4 прволигаши сигурно, со бараж шанса и за 5-от, зошто ќе играат екипите во годинашниот суперлигашки плеј-аут? За кој да не е последен?!
Не ми е јасна ни која им е математиката на клубовите што се „ем незадоволни, ем потпишани“ кога догодина ваучерот пак ќе биде „раситенет“ со суперлигашки бодови на 16 наместо на 12, односно 10 клубови?!
Не ми е јасно, а ни убедливо за исправноста на одлуката, ни она штуро известување од седницата на УО на РФМ.
Патем, не ми е јасно ни зошто на него недостасува информација за другите точки од дневниот ред. Меѓу другото и за селекторско-директорскиот извештај за настапот на македонската репрезентација на ЕП 2022 и за „историското“ 22.место.
Камо отчет пред јавноста, пред „фалангата“ ?! Или и таа стана небитна?