СЕДМЕРЕЦ: Ваучер за спортот или спорт – за ваучер?!

За сите по нешто, за некого повеќе, за некого премалку – на крај карамбол!

1.Ракометните клубови се кренаа против „ваучерот“

Осмислен како „контролирана помош од државата за спортот“, ваучер системот од година во година внесува повеќе неред отколу ред во македонскиот спорт.

Последната распределба на ваучерите за 2022 година со кој според Агенцијата за млади и спорт „се поддржани 885 спортски субјекти и индивидуални спортисти“ односно „се реализирани 575 милиони денари“  (приближно околу 9,5 милиони евра), предизвика бура реакции во јавноста во повеќе спортови. Од тоа како е вреднувано олимпиското сребро на најуспешниот македонски олимпиец Дејан Ѓорѓиевски, па до тоа кој колку и зошто толку (не)добил од ракометните прволигаши.

Иако ракометот, генерално како спорт, доби најмногу од ваучер-колачот, сепак, има сериозни реакции и забелешки за распределбата, критериумите и за транспарентноста.

Незадоволни од висината и уште повеќе од начинот на распеределба на средствата во ваучер системот, дел од клубовите што се натпреваруваат во единствената Женска ракометна лига најавија бојкот на пролетниот дел од првенството. Ним им се приклучија и дел од екипите што се натпреваруваат во машката Прва лига и испратија заеднички приговор до РФМ со предупредување за бојкот на натпреварите, ако не добијат одговор за ваучерот…

2.Кој како ќе ги нареди бројките…

Критериумите се горе-долу јасни на хартија, но, нејасни во практика. Кој ги знае „дупките“ може добро да ги набилда бодовите, па ќе дојде „протнат“ прволигаш повисоко рангиран од стандарден суперлигаш што изборил пласман во европски купови?! Или некој пријавил поголем број активни играчи или некој некако „извадил“ повеќе репрезентативци на оние просто-проширени списоци и си добил бодови.

И така редејќи ги бројките за ваучерите, спортскиот момент во спортот станува спореден. Спортот станува математика, а ваучерот цел, а не средство во функција на спортот.

Се формираат клубови – за ваучерот!

Се прошируваат лиги – за ваучерот!

Се отвораат школи за што поголем да биде бројот – за ваучерот!

Се прелеваат децата од една во друга – за ваучерот!

Се брка пласман – за ваучерот!

Се полнат репрезентативните списоци – за ваучерот!

Спорт – за ваучер!

И после, имаме бројки, а немаме резултати…

А, во суштина ни Вардар, ни Еурофарм Пелистер во меѓународни рамки не можат да направат некој посериозен резултат само со тие 250-300 илјади евра ако не обезбедат уште 2-3 милиони плус и тоа без даночно ослободување, за разлика од тие ваучерските.

Не може нешто многу да напреднат ни „малите“ клубови со ваучер од по 3-4 илјади евра, а згора на тоа тие и многу потешко ќе најдат уште некој плус што ќе вложи без стимулативно даночно ослободување, посебно ако се клубови од посиромашни општини.

Ваучерот им е најтаман на оние „средните“ што добиваат колку што им е горе-долу и буџетот, па опстојуваат од сезона во сезона – за ваучерот. Ни погоре, ни подолу.

Погоре е поскапо, подолу догодина ќе биде помалку…

3.Зошто се крие предлог-листата?!

И така, освен оние за кои ваучерот е спас од пропаст и оние за кои „што дојде, добро дојде“,  другите се незадоволни…Исто е секој февруари.

Топката се префрла од националните федерации кои ги рангираат и доставуваат предлог листа до Агенцијата за млади и спорт која ги доделува средствата.

Еден од главните проблеми во суштина е транспарентноста, што сигурно и не е баш само така, без причина…

Во Законот за спорт наведени се критериумите и надлежностите за користење на средствата од даночното ослободување. Во член 14-г од Законот за спорт, пак е точно прецизирано дека:

„Националната спортска федерација е должна најдоцна до 20 јануари во тековната година до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот да достави барање за користење средства од даночното ослободување и предлог-листа на спортски клубови и активни спортисти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средствата од даночното ослободување согласно со овој закон и Законот за данокот на добивка и да ја објави на својата веб страница.

Проверував и ја најдов од ФФМ објавена на 20 јануари, ја најдов и од кошаркарска на 20 јануари и од одбојкарска малку подзадоцнета на 8 февруари…

На официјлниот сајт на РФМ барав, барав, ама предлог листа не најдов ни до 20 јануари, ни до 14 февруари. Очигледно не ја нашле ни клубовите за да можат да реагираат со приговори пред, наместо после распределбата на ваучерите кога баш и не може нешто многу да сменат и покрај бојкот-заканата!

Дали РФМ која патем е и најуспешна македонска спортска федерација со најголем ваучер од АСМ од 15.800.000 денари, ја исполнила и законската обврска да ја објави предлог листата на Комисијата на која „се вреднуваат, верифицираат и рангираат спортски клубови и активни спортисти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средствата од даночното ослободување“?

Ако ДА – каде и кога е објавена предлог-листата. Ако НЕ – зошто не е објавена кога веќе постои законска обврска? (за секој случај и дополнително проверена и лично потврдена и од директорот на АСМ…)

За да бидат работите појасни и за да нема незадоволни и бојкот-аларми во спортот што се уште ни е број еден. Или не е?!