ПРЕСИНГ: Со сегашниот начин на тренинг и физичка подготвеност, регионов долго нема да биде конкурентен за висок пласман

Слично како и во случајот со Македонија, јавноста и особено стручната фела има(ше) многу забелешки во однос на селектирањето на играчите, со еден заклучок на големиот Петар Метличиќ дека „играчи се создаваат во клубовите, никако во репрезентација, таму се надоградуваат“. Иако е дегутантно да се прави паралели на двете држави (Макеоднија и Хрватска), имајќи предвид „базенот“ на играчи со кои располагаат, успесите кои се зад нив, па својствено на тоа и амбициите со кои настапуваат, сепак пораката на големиот титулар Метличиќ е универзална и на површина ги вади аномалиите на едниот и другиот селектор.

Во светот на ракометот ништо ново. Полуфиналистите на последниот светски шампионат, по ист распоред ќе разигруваат за поделба на одличјата. Ако Данска и Шведска беа во кругот на селекции кои би требало да бидат дел од завршните борби на ЕП во Будимпешта, Шпанија и Франција, имајќи предвид проблемите со повредени играчи (Пранди, Н’гесан, Ремили) и подмладувањето на стартот на олимпискиот циклус и не(оправдано) откажување на првата ѕвезда Дујшебаев, ги сврстувавме во „кошот“ на селекции кои ќе имаат проблем да обезбедат полуфинале, со цел респрект на нивниот „минат труд“ изминатите 10-15 години.

Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна за ЕП во Унгарија и Словачка!

ВАЛТЕР ХРИНЦ УШТЕ ЕДНАШ ГО ПОТВРДИ СИСТЕМОТ КОЈ ГЕНЕРИРА И СЕЛЕКТИРА МЛАДИ ИГРАЧИ СО ВРВНО РАКОМЕТНО И МЕНТАЛНО НИВО

Шведска и Норвешка водеа ракометна војна на последниот ден од втората фаза, со императив на победа (или нерешен резултат за Норвешка) и пласман во полуфиналето. Невообичаено „тврд“ натпревар, но имајќи предвид значењето и очекувано, на крајот од денот. Натпревар кој ги оправда очекувањата и на квалитативен план, но и со возбудувањата и пресвртот кои го приредија „трите круни“. Дуел на два, несомнено, големи играчи на денешницата, Сандер Сагосен и Џим Готфирсон, комплетно фокусирани на нападот, штедејќи се во одредена мера на другата страна на теренот, имајќи предвид улогата во нападот која двајцата ја имаат во своите селекции.

Како што најавивме, Кристијан Берге, селекторот на Норвешка, ако сака вррен резултат ќе мора да го има Сагосен во „полн сјај“ но и О’саливен како важна алка во отсуство на повредениот Јоханесен. И така и беше, Берге, потпирајќи се на искуството, го стартуваше натпреварот со Сагосен и О’саливен, и Рајнкинд како десен бек, ракометар кој одлично го искористи вниманието на противничката одбрана на соиграчите на бековските позиции и одигра натпревар за респект. Одлично прво полувреме за норвешката селекција, со одличен ефект од „резервистот“ Кристијан Саверас на голот, затворајќи и ограничувајќи ги бековите на Шведска, на штета на доста примени топки од страна на пивотите. Сепак, на крајот од денот, резултатот покажуваше дека Берге и норвешкиот тим се движат на вистинскиот пат.

Во отсуство на Паличка, долго време Шведска бараше поддршка од своите голмани за да може да фати приклучок на натпреварот со големиот ривал, кој се промовира во селекција со најдобар напад. Два моменти или подобро кажано, двајца играчи го обележаа финишот (а богами едниот од нив и целиот натпревар). Првиот од нив, Сандер Сагосен, играч од највисок калибар, играч на кој (ќе) се базираат успесите на нациналниот тим, но како што најавивме во претходните колкумни, играч кој не ја има формата од претходните првенства. Тоа се почуствува и на овој натпревар, кога беше најпотребно, Сагосен иако презеде одговорност, како вистински лидер, направи, за негов калибар, премногу грешки.

На другата страна, ја нотираме феноменалната партија, „зачинета“ со реализацијата на клучниот пенал за победа на  најдоброто десно крило во генерацијата на која и ние како Македонија полагаме многу надежи, момци родени 2000-та година, новиот Иван Чупиќ на светскиот ракомет, вансериски талент кој од Кристијанштад минатата сезона е член на „лисиците“ од Берлин, Валтер Хринц. Играчот кој постигна шест погодоци, воодушевувајќи го светот со „мирната рака“ и стабилноста со која го реши натпреварот. На нас, како македонски ракомет ни останува да анализираме, учиме и „препишуваме“ од системот кој генерира и селектира репрезентативци, кои на возраст на која во Македонија сеуште ги сместуваме во графата „деца“, кои презентираат високо ниво на квалитет и ментална подготвеност. Крајниот епилог од самиот натпревар, колку и да е значаен за мене е во втор план.

ШПАНИЈА СЕ ИЗВЛЕЧЕ НА ПОБЕДАТА НАД ШВЕДСКА ВО ПРВИОТ КРУГ ЗА ПЛАСМАН ВО ПОЛУФИНАЛЕ

Во останатите два натпревари од оваа група, кои беа предигра на големото дерби, Шпанија „низ иглени уши“ се провлече во дуелот со се по конкурентната Полска, покажувајќи ранливост и неконстантност во втората фаза, базирајќи се на исклучително важната победа над Шведска во првиот круг за пласман во полуфиналето. Русија и Германија, како две големи спортски нации, на ова првенство со различни очекувања и планови, одиграа крајно неизвесен натпревар, на кој видовме дузина млади играчи кои, во Ковид ситуација, се промовираа на големата сцена. Свесен за тоа дека сум по малку досаден, но чуствувајќи потреба да се најави идната голема ѕвезда на европскиот ракомет, и овој пат ја потенциераме разноликоста, леснотијата на постигнување голови и разорниот шут на, сеуште до крај, неоформениот Сергеј Марк Косоротов.

КОГА „ГОЛЕМИОТ“ НИКОЛА ДАВА 120% ОД СВОИТЕ МОМЕТАЛНИ МОЖНОСТИ И ФОРТУНАТА ЌЕ СЕ ПОСТАВИ КАКО СОЈУЗНИК НА „ЕКСПЕРТИТЕ“

Во групата „1“ Данска со не докрај јасни амбиции (барем за поширока јавност) за конечниот епиолог од натпреварот против Франција, на која само победа ја носеше во борба за медалите, изгуби добиен натпревар во кој ги одмараше најдобрите играчи како Хансен, Салструп и Гитсел. И во таква ситуација, Данска долго го држеше под контрола самиот натпревар се до последните 10-тина минути. За обележување е пристапот на, очигледно „потрошениот“ Никола Карабатиќ, кој иако во моментот неможе да го достигне нивото на кој го гледавме изминататите години, освојувајќи се што е вредно во ракометот, мотивираност која импонира и бескопмромисност да се дојде до борба за медалите и веројатно на најубав можен начин да ја заврши пребогатата репрезенативна кариера. Од самиот натпревар издвојуваме и потврдуваме една констатација изнесена и претходно дека на Франција и недостига креатива во играта, искусен кадар на централната бековска позиција кој би ги повразал Ричардсон, Мем, Н’гесан и останатите потентни бекови и квалитетен голмански пар за да може и во иднина „да пука“ на (нај)висок пласман. Како што можеше да се забележи и на овој натпревар, втората па дури и третата опција на Николај Јакобсен на бековските позиции, без проблем го „решетеа“ голот на Жерард и Пардин, доведувајќи го во прашање квалитетот на одбранбената зона на „експертите“ и во голема мера создавајќи нервоза и притоа намалувајќи ја самата самодоверба кај самите играчи.

Карл Конан не е Дидие Динар, но да бидеме реални Франција во моментов нема на голот ракометар од калибарот на Тиери Омејер. Франција долго време синоќа чекаше поддршка од голманите за да биде конкурентна на натпреварот, и како што вообичаено се случува „среќата ги прати храбрите, но и упорните“ па така „дојдоа петте минути“ на француската селекција за пресврт и минимален триумф. Останува да претпоставуваме дали Данска „ја избра“ Шпанија за противник во полуфиналето или поважно за Јакобсен беше со одморен прв тим да ја нападне титулата. Во секој случај, со ваков развој на настаните и неверојатниот факт дека до сега немаше проблеми со Ковид, Данска е прв фаворит за титулата. Хартијата е една работа, теренот сосема друга, во спротивно ракометот и спортот не би биле тоа што се.

СО МОМЕНТАЛНИОТ НАЧИН НА ТРЕНИНГ И ФИЗИЧКА ПОДГОТОВКА ОВОЈ РЕГИОН УШТЕ ДОЛГО НЕМА ДА БИДЕ КОНКУРЕНТЕН ЗА НАЈВИСОК ПЛАСМАН

Во останатите два натпревари од оваа група, Исланд со Палмарсон, Елисон и Јонсон како повратници ја потврди класата и најави во иднина атак на самиот врв, со многу цврстина и одлична тактичка поставеност во играта во одбрана убедливо совладувајќи ја Црна Гора. Како аномалија на (според информациите) „раскараниот“ стручен штаб на црногорците, е стартната поставеност со Чавор и Стеван Вујовиќ (веројатно сакајќи со пониска и подвижна одбрана да се спротистави на Елвар Јонсон и особено Омар Магнусон) во два правци, изостанувајќи ја од стартниот состав проверената формула на бековските позиции Бранко Вујовиќ – Анѓелиќ – Чепиќ. Многу брзо, по стартните 1:6 за Исланд, Рогановиќ направи неколку промени, но се чини дека противникот на Црна Гора на овој натпревар е селекција која нема да дозволи да ја прокоцка оваа преднсот. Да бидеме реални, Црна Гора во овој момент не е подготвена физички да се носи со селекција од ваков калибар, која покрај Франција е синоним за квалитет во тој сегмент, оставајќи простор за размислување дали селекциите од овие наши простори со ваков начин на тренинг, анторпологија и физичка подготовка имаат шанса и во иднина рамноправно да се надигруваат на високо ниво.

ИГРАЧИ СЕ СОЗДАВААТ ВО КЛУБОВИТЕ, НИКАКО ВО РЕПРЕЗЕНАТЦИЈА, ТАМУ СЕ НАДОГРАДУВААТ

Хрватска после лошиот резултат на СП во Египет, со многу проблеми со Ковид го заврши ова првенство на осмото место, со нерешен исход од последниот натпревар против Холандија. Слично како и во случајот со Македонија, јавноста и особено стручната фела има(ше) многу забелешки во однос на селектирањето на играчите, со еден заклучок на големиот Петар Метличиќ дека „играчи се создаваат во клубовите, никако во репрезентација, таму се надоградуваат“. Иако е дегутантно да се прави паралели на двете држави (Макеоднија и Хрватска), иамјќи предвид „базенот“ на играчи со кои располагаат, успесите кои се зад нив, па својствено на тоа и амбициите со кои настапуваат, сепак пораката на големиот титулар Метличиќ е универзална и на површина ги вади аномалиите на едниот и другиот селектор.

Со таа разлика што Хорват не е Лазаров или обратно, во однос на нивниот идентитет  кај пошироката јавност и последиците по нивните функции од (не)успехот на ЕП.

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете