Ако треба да се извлече генерален заклучок, Македонија, очекувано, го промени системот имајќи предвид (не) квалитетот на играчите кои доаѓаат да решаваат напад на поставена зона. Изборот на одредени играчи е спорен, од аспект на нивниот досегашен ракометен „еволутивен“ развој. Тоа го кажа и самиот Лазаров со (не) познавањето на каратктерот на одредени играчи
Синоќа заврши првенството за нашата најуспешна национална селекција. Последен противник во групната фаза беше големиот фаворит за освојување на ЕП, репрезентацијата на Данска. Противник против кој, очекувано, не можевме да согледаме колку напреднала и до каде е имплементацијата на новиот систем наметнат од стручниот штаб.
Зад нас се три натпревари од првата фаза (во нашиот случај, за жал и последна на ова ЕП), каде што покрај Данска во првите две кола противници ни беа селекции од нашето опкружување, Словенија и Црна Гора. Пишувавме изминатите денови за поразите и играта на нашиот тим, за начинот на кој се обидовме да се спротиставиме, составот со кој заминавме во Дебрецин но и составите со кои истрчавме на терен.
Иако перидодот е краток, ќе се обидеме тука да дадеме една мала ретроспектива за сè што се случуваше на првите два, но и на последниот дуел со големиот противник.
Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна за ЕП во Унгарија и Словачка.
МАКЕДОНИЈА НИТУ Е НЕИСКУСНА, НИТУ НЕКВАЛИТЕТНА
Како што потенциравме и пред стартот на ЕП, Македонија на ова првенство патува со група на играчи во три фази од своите кариери. Еден мал дел или 25% од нив се играчи кои се од генерацијата 2000/01 и 02/03, со безмалку никакво искуство од големите настани и играчи кои со исклучок на Марко Митев и Ненад Костески кои не (играат) во суперлигашите Бутел и Еурофарм Пелистер, настапуваат во првенство со неадекватен квалитет како би можеле да го процениме нивниот напредок и моментален статус. Единствен од оваа група на играчи, Цветан Кузманоски, играч кој има солидна минутажа во клубот за кој настапува, во, од нејасни причини за нас обичните смртници, Еурофарм Пелистер 2, лишувајќи се од меѓународни натпревари кои ќе беа добредојдени во созревањето и напредокот на истиот.
Втората група на играчи е јадрото на оваа селекција, генерација 96/97 со еден двајца играчи родени 98 и 94, сочинуваат 50% од вкупниот број на селектирани играчи. Тоа е група на играчи која позади себе, со исклучок на Марко Мишевски, има континуитет од 5-6 големи натпреварувања, играчи со интернационално искуство во најсилни лиги или клубови кои се најдобри во мак ракометот. Меѓу нив и Филип Кузмановски, лидерот на оваа транзициона селекција, ракометар кој настапува во германски Хановер.
Третата група на играчи, кои учествуваат со 25% во вкупниот број на играчи, се ветерани или блиску до таа граница на играчи, предводени од Лазаров, Миркуловски и Митревски на голот.
Овие податоци покажуваат дека составот на репрезенатцијата која отпатува во Дебрецин, ниту е млад во голема мера, ниту неискусен уште помалку неквалитетен за предизвиците со кои требаше да се соочи. Состав кој, имајќи ги предвид нашите противници во „А“ групата, имаше убава можност да го помине првиот круг на ЕП.
Македонија, како и добар дел од останатите селекции се сооочи со проблеми пред самото натпреварување, со повредени играчи и како што слушаме од стручниот штаб, тоа се причините за (не) успехот на актуелното првенство во Унгарија и Словачка.
ГОЛМАНИТЕ СЕ НАШАТА НАЈМАЛА ГЛАВОБОЛКА, МАКЕДОНИЈА ИМА ВРЕМЕ ДА СОЗДАДЕ ПАРТНЕР НА ТОМОВСКИ СЛЕДНИОТ ПЕРИОД
Да почнеме од голманите. Пред самото тргнување во Дебрецин, Митревски и Кизиќ како „позитивни“ на Ковид тест останаа во Македонија. На нивно место, селекторот се реши да поведе двајца нови голмани, искусни (по години) голмани со (не) доволно искуство од вакви настани. Зошто не се повикани помлади голмани кои ќе стекнуваат искуство? Или доколку носиме искуство Борко Ристовски беше (можеби) вистинско краткорочно решение, чувајќи му грб на клубскиот колега Мартин Томовски. Томовски и Митревски демонстрираа солидно ниво на квалитет, константност и стабилност на голот. Кизиќ, Петковски и Гогов се нивна надградба и замена во периодот кој ни доаѓа.
МАКЕДОНИЈА ДОПРВА ЌЕ БАРА ИГРАЧИ ЗА СОСТАВУВАЊЕ НА ЈАДРОТО НА НАШАТА ОДБРАНБЕНА ЗОНА
Одбраната и пред почетоткот на ЕП беше посочена како проблематична. Иако, во одеден период на натпреварот со Словенија во комбинација со Томовски делувавме сериозно, сепак, Црна Гора, а особено Данска (ако ја земеме за релевантна) ни покажаа дека позициите 3 и 4 на 6-0 и централниот играч на 5-1 се во моментов крајно проблематични. Филип Талески како посебна приказна на нашиот ракомет, играч кој треба(ше) да биде исклучително важен, столб на одбраната и прв избор на левата бековска позиција, очигледно има проблем кој го надминува ракометниот терен и влегува во сегментот на психологијата.
На ова ЕП, но и претходно, можеше да се забележат ситуациии на неизградени шутеви во напад кои или се плод на недоволна техничка подготвеност или недсициплина на самиот играч. Во одбрана иако има солидна улога и во клубот во кој настапува, сè уште делува неискусно во делот кога треба да се „излезе“ и направи конкретен фаул, кога треба да се остане плитко или покрие пивот. Талески е важен дел и веројатно, до појавата на некои момци од 2002-ра генерација, ќе биде важен во двата правци.
Марко Мишевски, има добра физика и солидна висина, но имајќи предвид возраста „потроши“ и (пре) многу сезони во неиграње. Мишевски под итно треба да најде клуб каде „ќе носи“ и ќе решава. Во спротивно тешко ќе се развие до степен да биде корисен за националниот тим. Филип Кузмановски има одлични предиспозиции за да игра на која било позиција во нашата зона, но неговата запазена улога во напад и фокусот кој е негов проблем го прават ранлив во нашата зона. Мартин Велковски беше нашиот најстандарден играч во два правци, особено во одбраната каде беше и повеќе од солиден. Натпреварите за Еурофарм Пелистер во Европа ги даваат резултатите.
СИСТЕМОТ КОЈ ГО ФОРСИРАМЕ ТРЕБА ДА ЗАВИСИ ОД ИГРАЧИТЕ КОИ ГИ ИМАМЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ, НЕ ОБРАТНО
Нашиот напад требаше да изгледа малку поразлично од тоа што го видовме на ЕП, особено на натпреварите со Словенија и Црна Гора, кои требаше да се „добијат“. Очигледен е потписот на новиот стручен штаб, во делот на имплементација на т.н шпански систем, со одредени излоации на една и друга страна и игра 1 на 1 и 2 на 2, но повредата на капитенот, иако недоволно објаснета, донесе до тоа нашиот напад да биде „принуден“ на соработка Кузмановски/Талески или Миркуловски како човек кој треба да ги поврзе бековите. Тука се поставува прашањето, дали со бекови како Талески, Кузмановски, Ѓорѓиев и Митев е возможно и логично да се форсира систем каде треба еден играч да има одлични карактеристики на дуел игра или соработка со пивот?
Останува горчината од тактичките решенија со Игор Ѓорѓиев на фундаментална позиција во нашиот напад, па и одбрана и брзото „разочарување“ од испорачаниот квалитет на младиот струмичанец. Сепак, треба да поминат години и натпревари во силна лига за да можеме да очекуваме нешто повеќе од него и неговата генерација. „Жртвата“ на нивното играње беше националниот тим.
Велковски како играч кој не троши топки и е релативно сигурен со игра 2 на 2, играше во рамките на очекуваното и заедно со Серафимов, кој има подобро изграден шут, се нашата блиска иднина. Неможноста да одигра квалитетна „петка“ во одбрана го прави Мартин Серафимов тешко вклоплив во првите 16 на националниот тим.
Пешевски со натпреварот со Данска заокружи едно солдно одиграно првенство, иако очекувавме повеќе во „поважните“ натпревари. Стоилов во договор со капитенот и помошникот најверојатно ќе ја изнесе Македонија на грб преку квалификациите и евентуално баражот, но за потоа Македонија треба(ше) да подготвува замена и партнер на Пешевски. Аларов, Лазаревски и Петров се во релативно зрела фаза иако националниот тим не им е доволно позната средина. Ова беше шанса, изминатите година две да се инкорпорираат во најсилната селекција, особено што и тројцата играат во два правци и ќе бидат солидна комбинација со Пешевски. Македонија има пивоти и во генерациите 2000 и 2002, но во моментов тие не се „сериозна“ конкуренција.
Транзицијата беше на солидно ниво, имајќи предвид (не)искуството на нашиот тим во минатото.
Ако треба да се извлече генерален заклучок, Македонија, очекувано, го промени системот имајќи предвид (не)квалитетот на играчите кои доаѓаат да решаваат напад на поставена зона. Изборот на одредени играчи е спорен, од аспект на нивниот досегашен ракометен „еволутивен“ развој. Тоа го кажа и самиот Лазаров со (не) познавањето на карактерот на одредени играчи.
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете