Шест групи за шест поранешни селектори на Македонија. Со Илија Темелковски, Македонија се врати на големите натпреварувања во 2009 година, а неговите резултати со младинските селекции се далеку поголеми. Во 2000 година на ЕП во Атина беше освоено 9. место, а две години подоцна на ЕП во Полска момците ја освоија 4. позиција. Од првенството во Атина сега во тимот е Лазаров, додека Јоноски и Соколески во стручниот штаб. Од првенството во Полска, Миркуловски е дел од националниот тим и сега. Во 2017 година ги предводеше Томовски, Талески, Кузмановски... до 6. место на Мундијалот во Алжир. Илија Темелковски ја анализира групата Д.
Во оваа група фаворит е Германија со оглед на рејтингот кој го има пред конкуренцијата, како и фактот дека ја има најсилната ракометна лига на светот. Единствен минус можеби е што во последно време имаат сè повеќе странци во Бундеслигата и тоа се рефлектира и на квалитетот на репрезентацијата. Таа не бележи некои конкретни резултати и да биде меѓу оние топ 5 репрезентации и тоа им се случува неколку години наназад. Во секој случај Германија важи за сила кон која треба да се има респект.
Германците имаат смена на генерацијата
И тие прават промена на генерација, ќе настапат со млад тим, менуваа и селектори, но сметам дека за нив групата е лесна и не е доведено во прашање пласманот во следната фаза. Таму веќе приказната ќе биде поинаква – конкуренцијата е многу посилна (Норвешка, Шпанија, Шведска) и затоа не гледам големи шанси дека Германија може да се замеша во некоја борба за медал. Нивниот максимум на ова првенство е можеби од 5. до 10. место.
Австрија е селекција во подем
Како втор фаворит по Германија во групата Д ја гледам Австрија. Од ЕП 2019 во Австрија репрезентацијата според мене е во подем. Голем дел од ракометарите играат во Бундес лигата, предводени од Билик од Кил, а тоа е квалитетен збир на момци, кои можат да бидат пријатно изненадување. Имаат искусни играчи и евидентно е дека работат на кревање на нивото и квалитетот на својот ракомет. Многу повеќе комплетно го развиваат ракометот и лигата им е сè посилна, а ќе напоменам – многу играчи се градат во Бундеслигата.
Полска нема наследници за Биелецки, Јурецки…
Можеме да речеме дека и Полјаци има во Бундеслигата, но факт е дека Полска нема некој завиден квалитет и нема направено некој повпечатлив резултат во последно време. По смената на генерацијата на Биелецки, Јурецки…играчи кои важеа за еден голем квалитет во Европа, сега е просек. Полска ја следев и на СП во Египет каде не покажа нешто со што би можел да кажам дека го привлече моето внимание и не очекувам некој резултатски блесок.
Белорусите се аутсајдери
Репрезентацијата на Белорусија ја гледам како аутсајдер во групата. Немаат ниту квалитет, ниту капацитет да внесат нешто и да ја направат групата поинтересна. Кај нив основата се играчи од Мешков Брест, каде исто така се повеќе играат странци, без некоја квалитетна лига или, пак, конкуренција на ракометари. Очекувам Белорусите да претрпат пораз од трите други противници во групата.
Лимитот на сите репрезентации од оваа група би била главната фаза, ниту верувам, ниту очекувам дека некој од нив може да направи нешто повеќе.
* * *
Скандинавските земји – Норвешка, Шведска и Данска за мене се едни од главните кандидати за титулата. Потврдуваат и во женски и во машки ракомет дека во моментов се неприкосновени. Играат брз, страшен ракомет, на многу голови. Можеби не играат многу одбрана, но од друга страна имаат добри голмани. Неколку години наназад поделбата на медали е меѓу нив. Норвешка и Данска првенствено, а не е чудно и Шведска да избие. Може да се случи дури и овие три земји да си ги поделат медалите на ова првенство.
Франција би ја елиминирал, не ја гледам меѓу фаворитите. Таа е веќе стара репрезентација. Не направи ништо конкретно околу подмладувањето и смената на генерација и мислам дека е далеку од онаа Франција која ја знаевме и која освојуваше светски, европски и олимписки титули. Мислам дека само Шпанија може да им ги помрси сметките на Скандинавците, иако не сум сигурен околу составот со кој Шпанците ќе излезат на ЕП.