Репрезентацијата малку виновна за прволигашкото дерби без победник?!
1.Реми како реми, како победа или како пораз?!
Ете, бидна и новото, долгоочекуваното и со посебен интерес проследено прволигашко дерби, меѓу новиот проект РК Алкалоид и сега веќе постариот и во меѓувреме „одбрендиран“ РК Голден Арт. Заради ривалството, преселбата на ресурсите, амбициите и резултатите, структурите и репрезентативните потенцијали, прволигашкиот дуел стана ново македонско дерби и во изминатата седмица, настан што „мора да се види“, кој во сала, кој на безбедна дистанца, залепен на „стрим“.
И што е за право, прволигашката пресметката на непоразените го оправда дерби предзнакот и по жарот и борбеноста и по резултатската неизвесност. Па ако сакате, и по конечниот исход – без победник!
А, реми како реми, секогаш може различно да се протолкува.
Со оглед дека е на „гостински терен“, а и како му се израдуваа на крај, за РК Голден Арт и за Никола Матлиевски, ремито со главниот ривал за лидерската позиција во прволигашката конкуренција е рамно на победа. Иако, во поголем дел од натпреварот, тие и беа поблиску до триумф, но на крајот и блиску до пораз.
За РК Алкалоид и за тренерот Љубомир Савевски пак, ремито очигледно беше доживеано како пораз, што до некаде е и разбирливо со оглед на прокоцканата предност во финишот.
„Не сум задоволен, очекував дека ќе поминеме подобро…практично загубивме добиен натпревар“, ќе рече искусниот стратег.
2.Репрезентацијата како цел и како изговор
Искрено, малку ме изненади и ме подзачуди оној втор дел од изјавата во која дел од причините за неостварената победа се бараат и во репрезентативните обврски на дел од играчите и на членовите на стручниот штаб, покрај оние другите здравствени отсуства. А, противникот, ете, не прифатил одложување…
Чекајте малку, само што почнавме!
И ако било така, не смее да биде. Уште помалку да се потенцира. Па нели тенденција на новиот проект (беше) е да регрутира млади играчи со репрезентативен потенцијал и да биде база и поддршка за репрезентацијата? А не репрезентацијата уште од старт да стане товар!
Што требаше да прави Металург на времето кога имаше по 9-10 репрезентативци? Да ги одложи сите натпревари по секој репрезентативен собир?!
Друга работа е што новиот клуб, сакале или не, е под лупа на јавноста, малку повеќе од другите, барем на почетокот. И колку и да ја негираме, свесно да ја прикриваме или занемаруваме, сепак има опасност секоја отстапка кон клубот да биде протолкувана како „привилегија“ и да повлече несакана реакција. Па и да изгуби вредност и сè што е реално добро во проектот за македонскиот ракомет.
3.Прва замена – ем шанса, ем уплав
Изјавата на Савевски спонтано, отвора уште една дилема – ќе го плаќа ли новиот клуб данокот на репрезентативната мултифункционалност или репрезентацијата, односно репрезентациите, клупската? Или пак со тек на време сè ќе си добие своја намена и функција? Оти, во специфичната двојна улога што ја има Љубомир Савевски како тренер на машкиот прволигаш и селектор на македонската женска репрезентација, освен за време на собирите на машката, клубот треба да се престројува и за време на женските собири. Или ќе мора Савевски успешно да „жонглира“ со машките клупски и со женските репрезентативни обврски.
Многу „или“ се наредија пред проектот и пред новиот репрезентативна акција за некој ден.
Од следната недела женската репрезентација е на собир и стартува со подготовки за евентуалниот настап на претстојното СП 2021 во Шпанија како, официјално, прва резерва за Мундијалот.
Овој статус од една страна отвора резервна шанса да се игра на едно големо натпреварување на кое „на прва“ не сме се пласирале. Од друга страна носи „уплав“ од ланското искуство кога машката репрезентација беше „прва резерва“ за СП во Египет. И како таква се подготвуваше „да влезе од клупа“, а на крај сепак, истрча неподготвена во Каиро.
За разлика од ракометарите кои го запазуваа континуираното присуство на големите настани, ракометарките сега имаат резервна шанса да го прекинат деветгодишното отуство и да се „загреат“ за следното ЕП 2022 на кое сме сигурни како еден од трите домаќини.
Теоретски има шанса, а практично имаме и пример како не смее да се прокоцка.
Верувам дека селекторот овде успешно ќе „изжонглира“.