ИНТЕРВЈУ ДЕЈАН МАНАСКОВ: Порано постоеше ред, сега многу лесно се станува репрезентативец

Репрезентативното лево крило и актуелен ракометар на унгарски Веспрем, Дејан Манасков принудно е на шестмесечен „одмор“. Повредата на лигаментите на коленото и операцијата го вратија во Скопје каде ја минува првата фаза од рехабилитацијата. Тој недостасуваше во националниот тим во неделата на ЕХФ, а ќе го пропушти и Европското првенство во јануари следната година, што ќе претставува отсуство од второ големо натпреварување во низа, по СП 2021 во Египет. Првпат по 2013-та година Манасков се согласи на интервју (во ваков облик) и открива интересни детали од својата ракометна приказна за 24ракомет.

Постариот син на македонската ракометна легенда Пепи Манасков е задоен со ракомет. Роден е во Кретеј, Франција каде неговиот татко тогаш настапувал, а потоа до шест години живее во Германија, каде одел и во градинка. Вели „откако паметам за себе сум гледал ракометни натпревари и како секое дете чекав со нетрпение да заврши мечот и да се симнам долу на теренот да си играм со топката.“ На 7 години во Словенија првпат почнува да тренира ракомет, трипати неделно во училишен тим. Потоа се враќа во Македонија, во Велес, каде е дел од тимот на Борец. Се „кали“ во Академијата на Металург, каде доаѓа на 15 години (кога се запишува во средно училиште во Скопје). Манасков игра на позиција среден бек се додека Лино Червар не го прекомандува во првиот тим на Металург (на 16-17 години) каде Мојсовски и Миркуловски имаат главен збор како организатори на игра, па затоа тој добива нова позиција – лево крило.

Тој е дел од ренесансниот период во македонскиот ракомет и големите пресметки меѓу Металург и Вардар, сè до крахот на тимот од Автокоманда во 2015, кога минува една полусезона во Вецлар – прво интернационално искуство. Потоа се враќа дома, една сезона ќе го носи и „црвено-црниот“ дрес пред одново да се врати во Германија, во Рајн Некар Левен. РНЛ не е средината во која се пронаоѓа, па прави нов потег – унгарски Веспрем, клуб во кој се задржува најмногу по Металург, веќе петта сезона игра за овој тим.

Дејан за себе вели дека можеби е единствениот ракометар (на светот) кој нема играно во кадетска и младинска селекција, а стигнал да биде стандарден сениорски репрезентативец. Првиот повик за А тимот го има со Љубомир Савевски, дебитира под палката на Звонко Шундовски, а прво големо натпреварување му е ЕП 2012 во Србија, кога Македонија го освојува историското петто место. Од тогаш е незаменлив во националниот тим и е дел од генерацијата која го држи континуитетот настапи на големи натпреварувања. По една деценија првпат изостана од тимот на СП во јануари во Египет, а сега принудно ќе отсуствува и на Европското првенство 2022. Иако ќе пропушти второ големо натпреварување во низа 29-годишниот ракометар размислува позитивно и вели дека сега е во најубавите години од кариерата и верува дека најдоброто допрва следи.

„Во моментов сум комплетно насочен кон санирање на повредата. Главна цел ми е што побргу да почнам со главниот дел од рехабилитацијата и со тренинзи и да се вратам побрзо и што е најважно комплетно здрав. Мотивиран сум и подготвен. Во март ќе бидат шест месеци од повредата и доколку сè е како што треба, се надевам, ќе се вратам за најважниот дел од сезоната. Секое лошо за добро е! Ќе се вратам посилен. Сега сум во најубавите играчки години и си имам поставено цели кои сакам да ги исполнам – титула во Лигата на шампионите на клупски план и да играм со Македонија на Олимпијада – тие две работи ќе ми бидат доволни“, низ смеа потенцира Дејан Манасков.

ВЕСПРЕМ КАКО ДА ГО СЛЕДИ ПРОКЛЕТСТВО

Покрај Металург, Веспрем е втор клуб во кој Дејан Манасков најдолго ја минува кариерата. Клубот секогаш цели високо, условите се одлични и најважното репрезентативецот има добра минутажа, а тоа се причините поради кои тој петта сезона го носи дресот на овој клуб. Што се однесува до она што е причината што не може да се стигне до титула во Лигата на шампионите, Деки вели – како клубот да го следи проклетство!

„Унгарија можеби е во Европска Унија, но по менталитет, од навивачи до луѓето во клубот се многу слични на нас, како гледаат на работите. Во Германија некогаш ќе победите, некогаш ќе загубите и поразот не се сфаќа толку трагично. Во Веспрем сфаќањата се како кај нас, кога ќе победите сте херои, а кога ќе загубите ве гледаат од косо! Досега минав феноменални четири години, преубаво ми е таму. Тоа е клуб кој секогаш е на врвот и цели кон  сите можни титули и тоа ми е најважно. Сега сум во играчки најзрелите години и верувам дека во вистинско време сум во вистински клуб за достигнување на високи цел, затоа што кажав дека желба во кариерата ми е да освојам титула во ЛШ. Тоа ме држи во Веспрем, а и се чувствувам како дома, играм, задоволен сум и кога сте среќни не менувате средина“ – објаснува македонскиот репрезентативец и додава: „Притисокот во Веспрем за освојување титули секогаш е голем. Но, за да се стигне до една титула треба многу коцки да се вклопат. Некогаш на хартија може ќе имате и подобра екипа и подобри играчи, но тоа не е гаранција дека ќе освоите титула. Веспрем во последниве десет години мислам дека има играно на шест Ф4 и три финалиња и ги има загубено. Тешко е да се каже што недостасува. Кога сте член на тој тим не недостасува ништо. Лини имавме супер сезона се до натпреварите со Нант. Еден лош натпревар и цела сезона паѓа во вода… потоа ја загубивме и титулата, а до тој натпревар сè беше перфектно! Или сезоната кога игравме со Вардар финале во Келн и кога загубивме. Почнавме катастрофално, мислевме дека ќе се сруши светот, имаше голема нервоза во клубот, си замина Врањеш дојде Дејвис и имавме серија од 13 победи во Лигата на шампионите и стигнавме до финале со Вардар и… како да е проколнат клубот. Имаме такво чувство. Во тоа финале не бевме вистинските и заслужено загубивме, но оној меч со Келце!? Невозможно е да водиш девет разлика и да загубиш! Уште 100 години да го играме тој натпревар нема така да заврши. Затоа некогаш имаме чувство како да е некое проклетство. Некогаш во спортот и среќата треба да ви е наклонета. Велат дека таа се заслужува, не знам, можеби не сме ја заслужиле досега, но нема предавање, ќе се бориме и сезонава до крај, па ќе видиме што ќе биде.“

За пет години се сменија и три тренери, можеби тоа имаше влијание? Можеби клубот немаше трпение?

„Во клуб како Веспрем нема трпение, тие инвестираат многу, вложуваат многу и се бараат резултати. Дејвис добро ја водеше екипата, но ја загубивме титулата во Унгарија – што е главна цел пред секоја сезона, најважното нешто за клубот, и тоа го чинеше тренерската позиција. Сега нè предводи Момир Илиќ, за кој мислам дека ќе биде одличен тренер. Го негува шпанскиот систем со некои свои додатоци, има добра визија за ракометот, го разбира и сега за сега успешно работи, другото ќе покаже времето.“

МОЖЕ ЌЕ ОСТАНАМ ВО ВЕСПРЕМ, МОЖЕ НЕМА

На Манасков договорот со Веспрем му е со важност до јуни 2022 година. Постои заеднички интерес за продолжување на соработката, но поради повредата преговорите стагнираат. Понуди има и од други клубови, и сите опции се во игра.

„Има заеднички интерес за продолжување на соработката. Со Веспрем бевме во преговори уште лани и се чекаше да се формира буџетот, но повредата малку ја ‘закочи’ работата и засега ништо не знам, можеби ќе останам, може не. Фактот дека сум повреден го прави потежок целиот тој циклус, но ќе видиме. Најважна ми е сега рехабилитацијата, фокусиран сум на тоа, а за клуб ако не останам во Веспрем, ќе најдам нешто друго. Имам и други понуди, се разгледуваат сите опции“, потенцира Манасков.

ГОДИНА – ДВЕ НИ ФАЛЕА СО МЕТАЛУРГ ДА ИГРАМЕ ВО КЕЛН

Дејан Манасков е дете на Металург, кое растеше преку дерби дуелите со Вардар во најубавиот период за македонскиот клупски ракомет.

„За Металург дебитирам на дерби против Вардар, на 16-17 години. Имаше многу повредени и се отвори простор и Лино (Червар) ме зема. Паметам дадов два гола, но го загубивме натпреварот. Тоа беше прекрасен период, таму се оформив како играч. Убава екипа со многу македонски играчи, скоро цела репрезентација, со прекрасна хемија. Години исполнети со многу успеси и убави спомени, од сезона во сезона бевме се подобри и подобри и кога требаше да се достигне врвот… Да се почекаше уште година – две убеден сум дека ќе стигневме до Ф4 во Келн затоа што имавме одлична екипа. За жал, се растури таа приказна и моравме да си бараме други средини каде ќе ги продолжиме кариерите.“

„Секој меч со Вардар беше посебен! Секогаш полни трибини, позитивно, спортско ривалство, особено беше интересно кога игравме во ‘Кале’. Покрај дерби дуелите со Вардар од тој период посебни ми се победите против ПСЖ и Барселона. Еден мал клуб како Металург успеја да победи гиганти како Барса и ПСЖ.“

ИМАВ ПРЕДДОГОВОР СО ВАРДАР КОГА ИГРАВ ВО ВЕЦЛАР

По распадот на шампионскиот тим на Металург, по СП 2015 во Катар, Дејан Манасков минува една полусезона во Вецлар, а потоа се враќа дома, но сега во редовите на Вардар. Многу се шпекулираше околу тоа дали крилото однапред било договорено или не со „црвено-црните“, а сега ги откри деталите.

„Имаше интерес од Вардар уште пред да заминам за Вецлар, но во целиот тој хаос, првпат да се соочував со такво нешто во кариерата, не знаев која страна да ја фатам буквално! Луѓе ми се јавуваа, имаше некои понуди, но реков дека ми треба малку време да размислам. Контактирав со Андеј Голиќ, му кажав дека сум слободен и дека барам клуб, дека парите не ме интересираат и дека важно ми е само да играм. По една недела ми се јави со понуда од Вецлар и јас потпишав за нив. Веднаш потоа потпишав и со Вардар дека од следната сезона ќе играм за него. Знаев дека ќе се вратам дома, но се сè држеше во тајност до крајот на таа сезона“, раскажува Дејан и додава: „Влијание имаше и Пепи. Тој беше тренер во Вардар и во разговор со Самсоненко инсистираше да играм во Вардар. Вистината е дека тоа беше проект во кој многу се инвестираше, со одлична екипа, добар тренер и го гледав како шанса дека можам да напредувам и затоа и дојдов.“

Но, наместо три сезони остануваш само една.

„Имав добри моменти во Вардар но едноставно не гледав простор дека можам да напредувам, мислев дека ќе стагнирам и затоа се одлучив да барам друга средина и место три години останав само една. Во Лига на шампиони не ни играв премногу, повеќе беше СЕХА и домашно првенство. Тогаш бев млади и не доволно зрел како сега и сметав дека ми требаат квалитетни и силни натпревари, и одлучив да барам нов предизвик за да се докажам и за да напредувам. Не се каам за ништо во животот, и денеска би ја донел истата одлука! Во РНЛ имав неуспешна авантура, но потоа се отвори Веспрем каде имам успешни пет години.“

КАВГАТА МЕЃУ ЈАКОБСЕН И СИГУРДСОН ЌЕ ГО „ИЗБРКА“ ОД РНЛ

Дел од детството Манасков минува во Германија, па од таму перфектно зборува германски и воопшто не му беше тешко да се адаптира во средини како Вецлар или Рајн Некар Левен. Други релации и проблеми се оние кои ќе го тргнат Дејан од Бундеслигата.

„Кога сакав да заминам од Вардар на мојот актуелен менаџер му реков дека не сакам да одам во било кој клуб и не по секоја цена, но кога излезе опцијата за година дена во РНЛ решив да се обидам. Клубот е перфектно организиран на секое ниво и на почетокот се беше супер, се до моментот кога на еден бундеслигашки натпревар во ноември (паметам игравме против Вецлар) не дојде до расправија меѓу тренерот Јакобсен и Сигурдсон. Сигурдсон беше лут затоа што не играл цело време, туку делевме минутажа. Мојот менаџер го гледаше тој натпревар и по караницата Сигурдсон му рекол ‘Продолжи му го договорот на Дејан јас не останувам тука. Јас веќе бев и во фаза на преговори со РНЛ за продолжување на соработката, но кога се вратив од репрезентативен собир преговорите стагнираа. Престанав да играм. Потоа имав и повреда на СП во Франција и бев отсутен два месеци (скинат мускул) и во Германија кога ве нема, веднаш ве прецртуваат.  Откако потпишав за Веспрем и не играв многу и така заврши таа авантура.“

ДО 25 ГОДИНИ БЕВ НАЈМАЛ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА И НОСЕВ ТОПКИ

Дејан Манасков нема настап за кадетска или младинска селекција, туку директно влегува во А тимот. Причината е што во периодот кога расте малку внимание се посветува на тие селекции, а кога имал шанса, неговиот татко Пепи Манасков, како тогашен селектор го оставил надвор од тимот.

„Јас сум можеби единствениот играч на светот кој не играл ниту во кадетска, ниту во младинска конкуренција, а станал сениорски репрезентативец (се смее). Имав шанса на 14 години, кога уште играв за Борец. Татко ми беше селектор и требаше за два дена да направи селекција од 40 деца да состави список од 14 играчи за квалификации во Русија. Јас бев две години помал од генерацијата. Паметам дека бев на училиште и дека во весник прочитав дека не сум во состав. Отидов дома и и плачев на мајка ми. Кога дојде татко ми дома, таа го ‘нападна’, а тој ја пресече и и рече ‘Ти не се мешај, јас знам што правам’ и со тоа заврши дискусијата. Не му се лутев, верувам дека знаел што прави и зошто не ме земал.“

„Прв повик во репрезентација имав од Љубомир Савевски на ‘Трофеј Карпати’, на 17 или 18 години, бевме некоја микс-репрезентација. Потоа играв и на еден пријателски турнир во Норвешка, додека прв официјален меч за Македонија ми е последниот квалификациски натпревар со Босна и Херцеговина за ЕП 2012 во Србија кога веќе знаевме дека сме пласирани на првенството. Звонко Шундовски беше селектор и играв во последните десетина минути од мечот. Убаво ми тргна (се смее). Србија 2012 прво големо натпреварување – ние освојуваме петто место, историски успех! Јас имав 19 години и нема да го заборавам никогаш тоа чувство на национален херој. Доаѓаш дома, сите во тебе гледаат, пречекот на плоштад, одењето кај претседателот – тоа ми се спомени за цел живот! Бесценето!“, се потсетува со задоволство крилото и продолжува: „Интересно беше што на тоа првенство бев цимер со Аљуш (Стевче Алушовски) кој имаше 39 години и кого го знам од мали нозе затоа што претходно играше со татко ми. Сите беа постари од мене, јас собирав топки, носев топки, правев се што ќе ми се кажеше (се смее). Убав период е тоа, до 25 години бев најмал во репрезентација (до тогаш носев топки), но дружељубив сум и сакам да слушам. Сите ме почитуваа и јас почитував и не ме ни малтретираа, ама и не молчев (се смее). Ако почувствував дека не е нешто како што треба знаев да се спротивставам, да возвратам. Додека не создадов некој статус во репрезентацијата интересно беше.“

ПОРАНО ПОСТОЕШЕ РЕД, СЕГА МНОГУ ЛЕСНО СЕ ДОАЃА ДО СТАТУС РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

„Постои голема разлика од времето кога јас влегов во А тимот и сега! Порано мислам дека имаше и ред во репрезентација, и се знаеше, и тешко беше да се стане репрезентативец, додека сега на новите генерации лесно им е да добијат таков статус. Во моментов едвај може да се состави список од 40 ракометари – зборувам за квалитетни, за да може да играме на големи натпреварувања. Тешко е и затоа што не се почнало на време, туку мора да се почне сега некој процес и да се мисли како да се санира таа дупка од седум – осум години кога не излезе ниту еден играч. Кога влегов јас во националниот тим со исклучок на Стевче Алушовски, другите беа иста генерација или година – две помлади или постари. Влетавме јас, Столе (Стоилов) и Џомба (Гоце Георгиевски) и долги години таа селекција беше цело време заедно. Потоа прво во 2016 година влезе Филип Кузмановски, а година дена подоцна се направи поголема промена. Во периодот од кога јас влегов во репрезентација до генерацијата на Талески, Кузмановски, Томовски… немаме ништо! Да имаме барем двајца играчи од тие генерации, сето ова ќе беше многу полесно. Кај нас малку и јавноста е нетрпелива, а од друга страна мора да се внимава на овие младиве кои сега доаѓаат да не изгорат. Секоја промена е тешка. Можеби тие деца не беа доволно оформени за самостојно да го носат тој товар, додека нас ни беше полесно. Ние бевме двајца- тројца и само го надополнивме тимот и лесна беше адаптацијата. Имаше некој што не води и како крило или пикер е многу полесно. Но, ако си на бековска позиција ти си креатор на играта и кога немаш кој да те води е многу потешко.“

ПОСТЕПЕНА ПРОМЕНА Е ПОДОБРА И ПОБЕЗБОЛНА

Македонија се обиде со длабок рез да внесе промени во репрезентацијата, но СП во Египет во јануари беше премногу болно и за играчите и за публиката.

„Не ги делам играчите на стари и млади, туку на добри и лоши. Ако некој може на 39-40 да игра успешно и ако има желба да настапува и ако нема некој подобар од него во моментов, тогаш зошто да не игра!? Па земете ги пример Французите или во Шпанија, имаат репрезентативци кои играат со 40 години. Мислам дека постепено треба да се направи резот. Ние се обидовме со смена на генерација во Египет и се случи тоа што се случи. Нормално тоа зависи и од стратегијата на Федерацијата и на селекторот, од тоа дали се бара успех за четири – пет години, во таков случај во ред е да се направи таков силен пресек. Според мене постепено е подобро и побезболно.“

ЗА УСПЕХ ТРЕБА КОНТИНУИТЕТ, КИРЕ Е НАЈРЕАЛНА ОПЦИЈА

Многу промени и се случија на Македонија и на клупата – Лино Червар, Раул Гонзалез, Данило Брестовац и сега Кирил Лазаров.

„Знаевме дека ќе дојде Кире, сите чекавме, тој е најреална опција, а и мислам дека многу промени ни се случуваа на селекторска позиција. Обврван беше единствен што се задржа подолго, потоа Лино година дена, па Раул две години, па Данило, пак, година дена, а ако сакаме систем и некој успех треба да има континуитет. Затоа мислам дека Кире е добра опција и сега работите се добро поставени. Очекувам набрзо покрај Кире и други промени. Столе е при крај со репрезентативна кариера, Џомба – може ќе одигра уште некоја година и ќе биде уште потешко во иднина, но ќе видиме.“

Може ли во тебе да го бараме новиот лидер на репрезентацијата?

„Како крило не можам да превземам таква улога, не можам во цела таа слика да делувам од мојата позиција. Како играч зависам од бекот, тој ми ја креира шансата за погодок. Освен кога ќе истрчам во контра, не можам да земам топка и да шутнам сам од 10 метри.“

ИМАВМЕ НЕСОГЛАСУВАЊА СО ДАНИЛО, НО СП ГО ПРОПУШТИВ ПОРАДИ ПОВРЕДА

На СП во Египет не играше поради повредата или друга е причината?

„Имав некои несогласувања со Данило по ЕП во Австрија, но разговаравме и го решивме тоа. Причината поради која не играв на СП е повреда. Прво во ноември имав повреда на адукторот, а потоа во декември пред Ф4 во Келн ми ‘пукна’ задна ложа. Штрлек имаше коронавирус и Веспрем направи се за експресно да санирам повреди и да играм на ‘фајнал-фор’. Бев во контакт со Данило и тој ми кажа дека ќе има собир на репрезентацијата, но дека не се знае дали ќе играме во Египет и дека не не планира мене, Џомба… Му објаснив дека ми одговара и мене затоа што морам да ја санирам повредата. По Ф4 комплетно се опуштив, беа празници, одмарав и до 6-7 јануари (кога се јави Данило) немав воопшто тренирано. Искрено му кажав дека не сум спремен и ризикувам да обновам повреда. Нему му беше јасна мојата ситуација и се договоривме дека ако сум му потребен за втор круг ќе дојдам во Египет, но од тоа немаше потреба.“

НЕ ПОСВЕТУВАМ ВНИМАНИЕ НА КРИТИКИ, НЕ ЧИТАМ КОМЕНТАРИ

Како играч Манасков многупати знаел да даде одлучувачки погодоци, но имал и некои нереализирани зицери во клучни моменти. Поради тоа бил или херој или трагичар за спортската јавност. Според него најважно е дека превземал одговорност, а спортот е таков – некогаш ќе постигнеш гол, некогаш не.

„Секогаш сакам да постигнам гол, сакам да го направам најдоброто за тимот и сум погодувал во важни моменти и сум промашувал, тоа е составен дел од спортот. Најважно е да се превземе одговорност и да се шутне, и потоа да знаете да се носите со тоа – и кога ќе победите и ќе дадете гол во последна секунда да не скокате и кога ќе промашите да не се паѓа ниско, да се држи средина, баланс! Не посветувам внимание на критики, нит сум читал, нит сум се оптоварувал со коментари – опериран сум од тоа. Мене ми е важно мислењето на селектор, капитен, тренер, соиграчи. Многумина од тие што коментираат не знаат како е да се биде на долу, на терен. Ако мислат дека од дома, пред ТВ знаат што се случува – немаат поим. Тоа е исто како јас да седнам на компјутер во канцеларија и да мислам дека можам да направам нешто, а немам поим. Затоа не се правам паметен и си молчам, иако има и такви кои се прават паметни – само треба да се носите и со тоа. Психата е многу важна, знам како го гледам голот кога имам 100 посто самодоверба или кога немам. Долга е сезоната не може да се држи високо темпо цело време, некогаш сте во подобра форма, некогаш паѓате. Не сме роботи, луѓе од крв и месо сме. Не треба да се сфаќаат работите трагично. Ние играме спорт за навивачите, навивачите се тука за нас.“

Кога сме кај навивачите се смири ли дефинитивно со „Комити“? Бевте во конфликт кога играше во Вардар…

„Eдна другарка која е фан на Вардар ми искоментира на пост на Инстаграм, на слика за петиција да се гради стадион во Битола ‘Оди играј во Пелистер’. Јас тоа го ставив на мојот профил и не знам како беше сфатено дека тоа е против Вардар и Комити. Беше извадено од контекст, но потоа се извинив – ако ми простија добро! Некои мислам да, некои не, некои повторно ме свиркаат, не ме засега тоа. Нормално не може сите да ме сакаат, не сум ни прв ни последен. Немам ништо против Вардар и Комити. Бев играч на Вардар, а и како дете сум го гледал Вардар, татко ми има играно таму, таму ја заврши и кариерата.“

ПРЕЗИМЕТО МАНАСКОВ Е ЧЕСТ И МОТИВ

Дејан Манасков е израснат и функционира во ракометно семејство во секоја смисла на зборот. Покрај легенда како Пепи, неговиот помал брат Мартин е бек на Охрид, репрезентативниот соиграч Филип Кузмановски му е зет за братучетка…

„Интересно е (се смее) мора да се зборува за ракомет! Но, се е во позитивна атмосфера, шеги. Кај нас дома цел живот е ракомет и мислам дека најтешко и е на мајка ми, која мора да не трпи сите (се смее).“

Тешко ли е да го носиш презимето Манасков?

„Никогаш не сум имал од дома притисок дека морам да играм ракомет. Љубовта која ја покажав за ракомет беше посилна од сè, а од татко ми како помош сум добивал само совети и критики, никогаш не форсирал ништо. Желбата, трудот, она што сум вложил и откажувањето од многу работи ме прави она што сум денеска. Тој е затворен тим, не држи многу предавања, ни го дал патот и не остава сами да одлучуваме. Не се меша во изборот на клубови или одлуките во врска со кариерата. На пример, кога заминав од Вардар, не се консултирав со него, само му кажав дека си одам – таков сум, независен и го правам она што мислам дека е најдобро за мене. Чест и задоволство е да се носи презимето Манасков, а од друга страна ми е и предизвик затоа што сакам да бидам најмалку успешен како него, а ако може, нели, и повеќе. Тоа ми е мотив во кариерата, да стигнам на некое ниво на кое бил татко ми. Добро, тој играл во некое друго време, кога ракометот бил различен од денеска, играме и на различни позиции… И на репрезентативно ниво и на клупско (играв финале во ЛШ) имам поголеми успеси од него, сепак можам слободно да кажам дека играч како него еднаш се раѓа.“