ЖРК Вардар не така одамна и Ѓер го носеше„во заби“, сега сме живи радосни што се врати на европска сцена со победа во Приштина, но и тоа е нешто, подобро од ништо!
1.Приштина не е Будимпешта, ама за вардарки е битна
Велат, не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш или како што вели Коелјо „тајната на животот е да паднеш седум пати, а да станеш осум“. Спортот често не потсетува на оваа мудрост.
Не потсетува Металург со години наназад, не потсетија и вардарци пред година-две, не потсетуваат сега и вардарки со нивното враќање на европската сцена.
ЖРК Вардар не така одамна „во заби“ го носеше и Ѓер, сега сме живи радосни што се врати на европска сцена со победа во Приштина. Но, и тоа е нешто, подобро од ништо!
Гостинската победа на ЖРК Вардар во Приштина во ЕХФ Европскиот Куп, реално, е далеку од спектакуларните пет фајналфори во ЛШ. Сепак, оваа победа е и тоа како важна за младите ракометарки што сега го носат „црвено-црниот“ дрес, за сите оние што успеаја да го одржат клубот во живот кога дојде крајот на „големиот скап проект“, па и за македонскиот женски ракомет во целина.
ЖРК Вардар тешко падна, но некако успеа пак да стане и по три години пауза, пак да се врати на европската сцена со победа. Вистина е дека Приштина не е Будимпешта, но за вардарки е и тоа како битна.
Впрочем, вардарки се и со најреални шанси да останат единствен македонски претставник во следната рунда од европските купови во женска конкуренција и сезонава единствени што ќе играат европски меч на домашен терен. ЖРК Металург и Чаир веќе го завршија настапот на двојните гостувања во Луксембург, односно на Фарски Острови, а во истиот ранг двојно гостување ќе има и ЖРК Деспина следниот викенд, реално без многу шанси на нивни терен да ја мине шведската Скара.
2.Зошто „проектите“ се со краток век?
Спас на РК Вардар во слободниот пад од европска шампионска слава до работ на неизвесноста за својата иднина, враќањето на ЖРК по распадот на „големиот скап проект“.
Подемите и падовите на Металург од најсветлите до најмрачните денови во Автокоманда во долгогодишна битка со кризите и долговите.
Успешното спојување и брзото раздвојувањето во проектот ГА-КЛ7.
Обновени сеќавања на шампионскиот Кометал ЃП низ новиот проект на ЖРК Ѓорче Петров, летово промовиран со големи амбиции, есенва веќе закочен со порази, тренерски смени и проблеми…
Сето ова и уште по нешто споредно плус, некако спонтано го наметнува прашањето – Зошто проектите во спортот се со реалтивно, краток век?
Почнуваат ветувачки, достигнуваат блесок или некој врв и после тоа, некако редовно и релативно брзо, доаѓа крајот на приказната.
Кој знае, можеби затоа што повеќето се проекти, а не процеси. Проектот почнува и завршува, порано или подоцна, зависно од проценката и од парите. После тоа е фазата падни-стани.
Некој успева, некој згаснува.
Има ли чаре?
Па, најверојатно „чаре су паре“ што би рекле нашите драги соседи. И тоа е така, не само кај нас туку и пошироко.
На овие наши простори, покрај парите, се разбира, можеби чарето е и во некоја стабилна локална или уште подобро, национална стратегија за спортот, посебно кога тој е број 1 во државата.
3.Блесокот на новите и потсетување на старите
А, оној најновиот проект во македонскиот ракомет, да се надеваме и многу подолгорочен од оние брзоблескавите, РК Алкалоид, во дебитантската сезона си доминира во прволигашкото друштво и си се „изнаклава“ голови. Новата 50-ка на новите „фармацевти“ предводени од Љубомир Савевски, овој пат заврши во мрежата на Кичево, со уште една +30 победа (56-21).
Во бројките и фактите за оваа седмица, не може, а да не се спомене ни 16-ката на 37-годишниот Мите Караиванов со која Младост Богданци победи во прволигашкото деби со Вардар Неготино. А, ветеранот на ракометните терени постигна повеќе од половина од головите на богданчани (26-25).
Во друга паралела, не може да не се спомене ни 9-ката на 14-годишната Ива Младеновска во европскиот настап на ЖРК Металург против Дуделанж и покрај елиминацијата на македонскиот тим во ЕХФ Европскиот куп. Сигурно се сеќавате, Ива Младеновска е она талентирано девојче што ја предводеше македонската кадетска репрезентација и беше МВП на ЕХФ шампионатот во Литванија и што со 14 години влезе во сениорска. И, што за малку не ќе можеше да игра во домашната лига по фамозниот член 13.
Вреди да се спомене и суперлигашката победа на Металург против Радовиш. Во неа нема некои куриозитетни бројки, ако се занемари тоа што Металург некој ден пред тоа остана и без третиот Француз и со Радовиш играше со 13 од кои 3 голмани. Но, за Металург е и тоа како битна победа, токму како уште едно станување по сите кризи и падови.
Седум пати падни, осум пати стани…