Пет победи за петка, титула и прослава за десетка на женската кадетска репрезентација на Македонија
1.„Овие девојки се гордост за сите нас“
Имаше многу ракомет во изминатава седмица и многу возбудливи дуели од Струга до Клаипеда, но дефинитивно, од сите што беа на терен најмногу честитки и симпатии одат за женската кадетска репрезентација на Македонија. Апсолутно заслужено!
Новите македонски ракометни „лавици“ и „стариот волк“ Љубомир Савевски ги заслужуваат сите честитки за триумфот на У17 ЕХФ шампионатот во Литванија со кој обезбедуваат место во највисокиот ранг на наредните европски првенства за младинки и за кадетки и го отвораат патот за новата генерација во македонскиот женски ракомет. Уште повеќе, за начинот како се бореа, како одиграа и како го прославија триумот во Клаипеда. Подготвени, сигурни, супериорни, константни, мотивирани и репрезентативно сплотени – се што посакуваме и со години мака мачиме да го достигнеме во македонскиот женски ракомет. Девојчињата покажаа дека се може да се достигне.
„Овие девојки се гордост за сите нас“, со право рече селекторот Љубомир Савевски.
Шест натпревари за осум дена, пет победи за петка, титула и прослава за чиста десетка! Голема победа против Полска во полуфиналето и уште поголема против Исланд за титула. Двоцифрени остварувања, голови и одбрани за најавни шпици, МВП за најмладата Ива Младеновска и уште две индивидуални признанија за Теодора Дуковска и Марија Јовановска во идеалниот тим. Ќе се согласите, одамна сме немале вакво издание во женскиот ракомет и со право му се израдувавме како да е олимписки турнир, а не ЕХФ шампионат У17!
Енергијата и борбеноста на македонските кадетки на овој шампионат некако ме потсети на СП во Франција од 2007 и на едно слично вакво издание на тогаш најдобрата женска репрезентација на Македонија. „Виновникот“ и тогаш и сега, секако е Љубомир Савевски на клупата. Кој го знае, ќе го препознае тој белег.
Иако го познавам одамна и го почитувам како ретко кој друг што е 200% посветен на ракометот, признавам дека и јас бев помалку скептична за неговото враќање на клупата по децениската пауза во која Цевак се обидуваше да „избега“ од ракометот. Не заради стручноста или дека заборавил ракомет додека го немаше по салите, туку од пусти страв да не биде онаа хрватската „подгријана јуха“ за некој што заслужува да биде главен на масата.
Од оваа перспектива пак сега, по дебито со сениорките и двата шампионати со младите категории, велам – требаше порано „да го вратиме“ или, уште подобро, воопшто да не му дозволиме „да замине“ и 10-15 години да го немаме во македонскиот ракомет.
2.За „лавчињата“, Полска, сепак, била појака …
Искуството на „стариот волк“ можеби е токму тоа што сега на моменти му недостасува на Кире Лазаров на машката клупа. Кадетите предводени од Лазаров како селектор, одиграа добар ЕХФ шампионат во Скопје, но не го освоија пехарот што го посакуваа.
За волја на вистината, кадетите се надминаа себе си во првиот дуел со Полска за полуфинале и блеснаа на најјако во пенал рулетот со Швајцарија. Но, прилично лошо „отворија“ со Грција и лошо „затворија“ во втората пресметка со Полска за титулата на шампионатот. Токму кога беше најпотребно, гореа премногу во желбата да успеат, да се докажат и да бидат како селекторот, промашуваа зицери и примаа лесни голови.
Кадетите имаа домашен терен и два меча помалку од кадетките во Литванија, но шансата некако им се лизна низ раце.
Иако ја немаа супериорноста на кадетките, и кај кадетите квалитетот брзо исплива на површина, а нешто и потона на дното. Марко Митев веќе се профилира како прв плејмејкер во новата генерација, заслужено доби МВП признание и место во идеалната седморка заедно левото крило Петар Атанасијевиќ. Искуството од европските настапи со Металург и тоа како беше забележливо во напредокот на десното крило Александар Петковски кој, не знам од кои тактички причини, не ни беше во составот за дуелот со Грција и ЕХФ шампионатот го почна како резерва на трибини. Селекторот сигурно подобро си знае.
Лазаров селекторски ги пофали своите избраници, рече дека е горд на момците и дека со работа може многу да постигнат. Но, колку и да е „заљубен во овие деца“, селекторот сепак, нешто ќе треба да корегира во изборот и во системот.
На кадетите не им недостасуваше ни борбеност, ни подготвеност, им недостасуваше малку повеќе стабилност и сигурност во играта, со помалку индивидуални излети.
Треба и со време да се навикнат на клупата да гледаат тренер од кој може многу да научат, а не свој идол кого треба да го импресионираат.
3.Вардар ја освои Струга
Како Струга нема друга! И, Не е тоа само празна изрека. Струшкиот ракометeн турнир единствен на отворено, и во своето 49. издание остана традиционално највозбудливата најава за новата сезона.
Вардар ја освои Струга со тесна победа на продолженија во финалето против „бранителот на титулата“ Еурофарм Пелистер. Дуелот за „струшката титула“ донесе убав, брз ракомет со многу пресврти. На моменти и да заборави човек дека е подготвителен летен турнир, а на завршен за титула.
Струга годинава доби и дополнителен олимписки „шмек“. Струшкото финале го судеа „финалистите“ од Токио, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, а „бронзениот“ од ОИ, Едуардо Гурбиндо на „Женска плажа“ дебитираше во дресот на Вардар. Оргинално на отворено, сигурно прв пат во кариерата.
И, ако по Струга се познава сезоната, тогаш таа сигурно ќе биде неизвесна и интересна.
Вардар и Еурофарм Пелистер, уште еднаш потврдија дека моментно се „главните“ на македонска ракометна сцена и со нивното комплетно враќање во домашното првенство Супер лига ќе добие на квалитет. Во неколку дена шампионот и вицешампионот два пати ги одмерија силите, битолчани го зедоа Супер Купот, вардарци ја освоија Струга. Ривалството продолжува…
Вујо облечен онака во „клод зелено“ на почетокот ја збуни малку публиката да не, не-дај-боже, преминал во Пелистер, ама после полека-полека се навикна некако окото на новиот помалку необичен колорит на клупата на „црвено-црните“.
Збунувачки интересно, за почеток!