Првпат на македонската ракометна сцена сезонава ќе гледаме ракометар, односно голман од Кувајт – Али Сафар, кој ги засили редовите на македонскиот првак Вардар. Кувајтскиот репрезентативец е прв ракометар од својата земја, но и од државите на Персискиот Залив воопшто кој направил трансфер во Европа. Потекнува од кралско семејство и неговата иднина веќе е дефинирана, но љубовта кон ракометот која ја има чуварот на мрежата е причината што и пркоси на традицијата. 'Прво ракометна Европа да слушне за мене, а потоа ќе се повлечам за да станам министер' – вели Али Сафар.
Сафар е интересен лик, специфичен, самоуверен 27-годишен спортист, кој од седум годишна возраст е во ракометот. Тренирал и кошарка во училиште, но ракометот бил спорт број еден во Кувајт додека растел, па се ориентирал во тој правец. Кариерата ја почнува како пивот, но по една година е прекомандуван меѓу диреците. Во неговата земја спортот е хоби и потребно е секој да има професија, па Али Сафар завршува Фармацевтски факултет и при ширењето на корона пандемијата работи во три болници. Има патувано насекаде низ светот, од Австралија преку Европа до Америка, една година живее во Египет и студира фармација во Каиро, но на повик на Федерацијата и националниот тим студиите ги завршува дома.
Дел е од голема фамилија, има петорица браќа, двајца помлади и двајца постари, а со еден од нив дели и минутажа во националниот тим. Не крие дека е од кралска лоза, каде неговиот дедо и чичко се министри и дека според семејната традиција неговата иднина веќе е дефинирана. Сепак, љубовта која ја има кон ракометот е причината што пркоси на ‘проекциите’ кои се дадени за него.
Во моментов е ѕвезда број еден во Кувајт, кој ја носи капитенската лента во националниот тим, но и играч кој треба да ги отвори вратите на Европа за спортистите од Заливот. Инфлуенсер, особено активен на Инстаграм, кој преку социјалните мрежи одржува контакт со семејството, пријателите и фановите. Нема планови да стане македонски зет (барем засега) затоа што има девојка, која наскоро треба да му се придружи во Скопје, а дека е заљубен најдобро говори фактот дека прв збор кој го научил на македонски е „те сакам“.
Неговото доаѓање во Вардар не е чиста случајност. Тој „црвено-црните“ ги следи од 2013-та година. Вели дека нема натпревар кој не го гледал, особено настапите на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите. Доаѓањето во Скопје и потписот за Вардар за него е остварување на сонот. Едниот сон е исполнет, сега ќе се обиде да го реализира вториот – да ја крене шампионската титула со Вардар во Лигата на шампионите. Со тоа ќе стане првиот играч од Кувајт и од Персискиот залив на кој му успеало тоа.
„Јас бев голем фан на Вардар од пред да станам негов играч. Ми беше сон да играм за Вардар и тој ми се исполни. За мене овој клуб е пред Барселона и Кил, поради начинот на кој ги освои двете титули во Лигата на шампионите, поради хемијата, братството… Вардар за мене е во топ клубови во Европа и за спортист мислам дека тоа е вистинска средина и затоа прифатив да потпишам за клубот на две години со можност за продолжување на уште една. Знам сè за Вардар, го следам од 2013 година до сега, сите натпревари, знам што се случува во „Јане Сандански“, ги гледав трите Ф4 во Келн. Не беше воопшто тешко да се согласам да потпишам за Вардар“ – низ смеа коментира Али Сафар.
Голманот дојде на тренинг камп во Вардар, а по еден месец трансферот беше официјално потврден.
„Мојот тренер во Кувајт, Али Грин, еден од најдобрите тренери на голмани во Заливот, тој правеше сè за мене, видео снимки, статистика… и се поврза со мојот менаџер Горан Стојков и ме препорача како играч, кој може да биде наследник на Штербик. Според него ако работам и тренирам на високо ниво може да бидам добар како Штербик и дојдов на еден месец во Вардар, како на тренинг камп. И тренерот и соиграчите одлично ме прифатија и потоа и се договоривме.“
АКО НЕШТО САКАМ ТОА И ГО ПРАВАМ
Семејството не било воодушевено од европскиот ангажман, затоа што некои од нив не ни знаеле каде е Македонија, но како што вели Али него никој не му противречи.
„Кога им кажав на моите дека ќе дојдам во Македонија да играм во Вардар, малкумина и од семејството и од пријателите знаеја нешто за земјата. Згора на тоа во Кувајт спортот е како хоби, таму се вреднува училиштето и дипломата. Потекнувам од кралска лоза и јас сум единствениот во моето семејство кој е професионален спортист. Семејството веќе ми има направено планови за мојата иднина, но јас премногу го сакам спортот и ракометот и не ги послушав. Никој не ми противречи. Ако нешто сакам, тоа и го правам. Единствено мајка ми ми рече да не одам, но јас се борам за нешто што го сакам. Тие го слушаат и почитуваат мојот збор, не само семејството, туку и Федерацијата и земјата, затоа што колку и да звучи нескромно таму имам статус на ѕвезда, а сега рејтингот ми е уште повисок поради трансферот во Европа. Сега сум посветен на спортот, но кога ќе се вратам дома по десет години ќе бидам министер (се смее).“
СЕГА СУМ НИКОЈ И НИШТО ВО ЕВРОПА, НО ЌЕ СОЗДАДАМ ИМЕ И ТУКА
Али Сафар за првпат во својата кариера ќе заигра во Европа и ќе биде комплетна енигма за ривалите на Вардар и во Лигата на шампионите и во СЕХА, а секако и во домашното првенство. Кувајтскиот голман вели дека со нетрпение ги очекува овие натпревари и дека има три стила на бранење, кои треба да му помогнат да се профилира на пазарот.
„Возбуден сум секако! За првпат во кариерата ќе играм во Лигата на шампионите и во СЕХА. Сиве овие години напорно работев и бев посветен за да дојдам до оваа шанса. Сега сум никој и ништо во Европа, но се надевам дека ќе создадам име и тука. Фактот дека не ме знаат како играч тоа е предност пред конкуренцијата. Имам три стила на бранење, за секој играч се менувам. Кога немам подготовка за натпреварот бранам стандардно, но најчесто гледам видеа, детално анализирам и ги проучувам противничките играчи. Кога сум подготвен за натпреварот бранам во друг стил, ако го знам играчот тогаш се поставувам на поинаков начин. Затоа ние голманите сме различни од другите ракометари. Мора да бидеме попаметни, затоа што треба да ’прочитаме’ повеќе играчи.“
ОНА ШТО Е БОРКО ВО МАКЕДОНИЈА, ЈАС СУМ ВО КУВАЈТ
Сафар минутажата ќе ја дели со двајца македонски репрезентативци, искусниот Борко Ристовски, како и Мартин Томовски.
„Борко е ракометар со преголемо искуство и за кратко време научив многу од него. Многу знае и се обидувам да го следам. Познат ми е неговиот статус на ’министер за одбрана’, но факт е дека ние сме многу слични. Јас имам таков статус во Кувајт. Мартин е одличен дечко и соиграч, мислам дека добро ќе се надополнуваме меѓу диреците“, вели чуварот на мрежата и додава: „Тимот е неверојатен! Играчи од различни профили и различни земји собрани на едно место и со иста мисија да играме сите за еден и еден за сите. Минатата година нивото на Вардар беше паднато, но сега ќе се врати, сигурен сум, ќе видите! Анте Гудуз ми е цимер, одличен дечко. Сите се дружиме и комуницираме, еднаш-двапати во неделата пиеме кафе заедно. Има многу нови играчи во тимот, но добро сме прифатени и мислам дека сите брзо се адаптиравме. Столе е вистински капитен, Тимур работи премногу за тимот, за да бидеме обединети и да ги разбереме работите. Вујо е одличен тренер. Среќен сум што имам можност да учам од легенда како него, кој бил и голем играч и кој има големо познавање за ракометот.“
ВАРДАР Е ШАМПИОН И САМО ШАМПИОН
Високи очекувања во пресрет на новата сезона има чуварот на мрежата. Одбрана на двојната круна на домашна сцена и блесок во Европа.
„Очекувања од сезоната – шампиони и само шампиони! Запознав дел од конкуренцијата кога игравме пријателски натпревари со Металург и Еурофарм Пелистер, сега играме и на турнирот во Струга. Има добри екипи, но верувам во квалитетот на Вардар. Верувам дека тој е број еден и дека ќе ја одбраниме двојната круна. И во Европа верувам дека ќе го кренеме нивото на Вардар.“
Морав да го прашам што е она што тој како играч може да му го понуди на тимот во тој процес?
„Не се плашам лесно, немам трема, во војна сум и морам да се борам! Голем борец сум, не се плашам од никого и одам против секој. Се надевам дека ќе се покажам себе си… Имам сон и ќе работам напорно секојдневно за да направам нешто со Вардар, да постигнам успех. Веќе реков, ми се исполни сонот да заиграм за Вардар и ќе давам 100 посто од себе на секој натпревар, затоа што го сакам клубот. Исто така знам колку навивачите се важни и свесен сум дека со нивната помош сите играчи даваат 200 посто од себе и со таква поддршка сите ќе се бориме уште повеќе. Едвај чекам да ја почувствувам атмосферата.“
СЕКОЈА НЕДЕЛА ИМАМ НОВ ПРЕКАР: ПАЈАК, СУЛТАН…
Али Сафар е познат по прекарот Пајак, но откако е во Вардар вели дека соиграчите секоја недела му даваат нов прекар.
„Фановите во Кувајт почнаа да ме викаат пајак. Не знам зошто, најверојатно поради моите одбрани. Интересно е дека сите голмани имаат такви прекари, некои се пајак, некои октопод… Јас тука секоја недела добивам нов прекар. Оваа недела сум Стивен Сегал (се смее) Дарко Ѓукиќ ми го даде овој прекар. Претходно бев Султан, во Кувајт ме викаа и ’амлад’ што значи голем човек.“ (се смее)
САКАМ ДА ПОМОГНАМ И ДРУГИ СПОРТИСТИ ОД ЗАЛИВОТ ДА ЗАИГРААТ ВО ЕВРОПА
Али Сафар си има поставено мисија и да ги отвори вратите на Европа за другите спортисти не само од Кувајт, туку и од Персискиот Залив. За него особено била тешка петгодишната забрана која неговата земја ја имала од ИОК за интернационални трансфери и настапи на меѓународни натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво.
„Кога бев мал, ракометот беше спорт број еден во Кувајт. Мојата земја осумпати има учествувано на СП, четирипати сме биле азиски шампиони, трипати настап на Олимписки игри. Но, последните пет години, пред пандемијата, имавме забрана за настап на меѓународни натпревари и меѓународни трансфери и игравме само во националното првенство. Нормално без присуство на странци и контакти од надвор не можевме да се развиваме како играчи и падна и квалитетот на ракометот, но и на спортот воопшто. Сега забраната е тргната и работиме напорно за да вратиме малку од стариот сјај, да се најдеме на едно големо натпреварување. Со еден од браќата (помлад) сме заедно во националниот тим и сме голмани. Од една страна тие пет години беа лесни за мене, имав од 20 до 25 одбрани по натпревар (се смее), но факт е дека квалитетот беше слаб и не можев да созревам повеќе како играч. Затоа и дојдов во Европа, сакам да се развијам, да се покажам. Во Кувајт и во Азија имам видено сè и освоено и немам повеќе предизвик и сега сакам да се пробам во Европа. Јас сум првиот спортист од Кувајт кој направил трансфер по завршувањето на забраната. И не само од Кувајт, туку и во Заливот воопшто, и се надевам дека ќе ја отворам вратата за другите ракометари и спортисти да дојдат и да играат во Европа. Веќе ме контактираа и од Бахреин и од Саудиска Арабија за да дојдат тука на тренинг камп или да одиграат пријателски натпревари, тоа би можело да биде почеток на убава соработка.“
ВО ПРВИТЕ РЕДОВИ ВО БИТКАТА ПРОТИВ КОВИД-19
Пред да му се случи трансферот во Вардар, Али Сафар, скоро една година посвети на својата професија – фармацевт и бил дел од луѓето во првите борбени линии против коронавирусот во Кувајт.
„Завршив Фармацевстки факултет, затоа што во Кувајт спортот не го гледаат како главна професија, мораш да имаш диплома, да бидеш подготвен за она што следи. Беше напорно, но го завршив факултетот и две години не работев, бев посветен на ракометот. Кога почна пандемијата морав да и помогнам на мојата земја. Ја имав таа несреќа од мојата група колеги сите да се заразат од корона, со исклучок на мене и се случи одреден период да работам за три болници истовремено. Еден ден работев 18 часа, три смени по шест часа во секоја од трите болници, а потоа имав ден одмор. Многу беше лоша ситуацијата во земјата во тој период. Но, тоа заврши и сега сум комплетно посветен на ракометот.“
800 ПРОТЕИНИ И 800 ЈАГЛЕХИДРАТИ
Голманот откри и некои интересни работи за него, односно дека функционира и се одржува во форма со строг режим на исхрана кој го применувал и дома.
„Без разлика што потекнувам од арапски земји каде се користат многу зачини имам посебен начин на исхрана. Не јадам многу и внимавам што внесувам. Тоа до некаде ми е и професионална деформација, затоа што на факултет ја изучував човековата физиономија како и хемикалии и такви работи. Мојата исхрана се состои од 800 протеини и 800 јаглехидрати во четирите оброци кои ги имам во денот. Секако дека си дозволувам еден ден во неделата слобода и тогаш јадам бургер или слатки. Немојте да мислите дека не пробав веќе дел од традиционалните македонски јадења.“ (се смее)
ВО СКОПЈЕ СУМ КАКО ДОМА
Покрај храната која веднаш ја засакал кувајтскиот репрезентативец вели дека Скопје е град кој е убав за живот, не само за туризам. Затоа по само месец дена престој тука се чувствува како дома.
„Скопје е убаво место за живот, толку кусо време сум тука, а веќе се чувствувам како дома. Ја сакам храната, луѓето се добри, позитивни, те прифаќаат без разлика што си странец, ефтино е. Имате и убава историја и едвај чекам да имам некој слободен ден за да го посетам Охрид. Најмногу од се ми се допаѓа што луѓето сакаат спорт, ако си спортист ти си крал. Сакам да возам велосипед и го правам тоа и на кејот на Вардар и секој ден има многу луѓе кои трчаат, вежбаат, тренираат, возат велосипеди… Луѓето тука го сакаат спортот и спортуваат, а тоа не сум го видел на многу места.“