ИНТЕРВЈУ МИХАЈЛО МИХАЈЛОВСКИ: Вардар не е мој, тој е наш, македонски бренд – и државата тоа треба да го сфати!

Почесниот претседател на РК Вардар, човекот кој три децении го градеше брендот пред да му го предаде на Русинот Сергеј Самсоненко и да доживее да се радува на двојна европска круна на „црвено-црните“ – Михајло Михајловски од оваа сезона одново е на чело на клубот. Во моментот кога беше најнеопходно тој му се врати на Вардар и го спаси од најцрното сценарио. И не само што го спаси, туку Вардар сега е стабилен и гледа кон светла иднина.

Но, Михајло Михајловски не го дефинира само Вардар во ракометниот свет.  Малку помалку од четири децении тој работи за доброто на македонскиот и регионалниот ракомет. Низ својата кариера ги минал сите скалила, од директор на машкиот национален тим, претседател и потпретседател во Ракометната федерација, па се до актуелен прв човек на СЕХА Газпром лигата, која под негово менаџирање прерасна во квалитетно натпреварување.

Металуршки инжeнер кој кариерата ја започнува во „Железара“ поради фактот дека бил спортски ориентиран добил шанса да се покаже и во едно поинакво светло, како претседател на РК Металург, па тоа му ја носи втората љубов во животот – ракометот. Покрај ракометот, фудбал и тенис се спортови кои редовно ги следи, додека во младоста пливање му било хоби, бил државен првак во пинг-понг со Вардар, додека на двапати бил вице-првак во двојки, а сака и шах. По заминувањето од „Железара“ во 1982 година случајно влегува во Вардар, за да помогне како потпретседател, а потоа ќе стане олицетворение на „црвено-црниот“ тим.

И така паралелно Михајловски расте и како успешен бизнисмен, но и како спортски работник чија улога е и тоа како важна во комплетниот процес на растот, развојот, па и ако сакате комплетната ренесанса во машкиот клупски ракомет (бидејќи тој е виновникот кој го внесе Самсоненко во РК Вардар). Седум години подоцна се враќа во клубот во една од најтешките години за спортот воопшто. Во пандемиски услови со сета своја енергија, ентузијазам и финансии се бори за да го одржи клубот на високо ниво какво што навикнавме во изминативе години.

„Ако го вратам филмот наназад во Вардар сум од ’82/’83 до доаѓањето на Самсоненко, период во кој Вардар бил многупати првак, освојувач на Купот, имал променлив успех во Лигата на шампионите и по тогашниот систем сме биле 12-13 рангирани во Европа. Двапати игравме во полуфинале на Куп на Купови и едвај дочекав, кратко и јасно кажано, да се појави Самсоненко. (се смее) Секако му предадов стабилен клуб со солидна екипа за во Лигата на шампионите, а тој првата сезона ги донесе Тоскиќ и Брумен. Потоа од година во година носеше се поквалитетни играчи и го препороди Вардар, ги испиша најголемите успеси во историја на клубот и на некој начин се случи ракометно чудо во Македонија – Вардар да биде двапати европски првак и трипати да игра на Ф4 во Келн“ – вели Михајловски како вовед во разговорот и продолжува:

Од архивата на 24Ракомет: Михајло Михајловски

„Кога го зема Сергеј ЖРК Вардар имавме едно видување во кое јас му објаснив дека е различна афирмацијата (и клупска и лична) во женски и машки ракомет, дека интензитетот и квалитетот е поинаков. Отворено му го понудив клубот, со сите документи на увид, договорите, потребните финансии, а условот кој го постави тој беше да бидеме шампиони. На крајот на таа сезона, откако станавме шампиони ми се јави и за два дена ја организиравме прес-конференцијата на која го претставив како нов сопственик…

„Но секоја приказна има и почеток и крај, и кога почнаа на Вардар работите да му одат низ брдо на никој од нас не ни беше пријатно. Вардар во тој момент не беше само македонски, балкански, туку и европски бренд, кој со резултатите во Европа (секако тука улога играат и другите наши претставници во европски купови) ние бевме треторангирани, што е за почит и голем успех за македонски ракомет. Видовме дека пропаѓа клубот, незадоволни играчи, неисплатени плати… ми се јавуваше тренерот дека играчите не сакаат да тренираат, имаше една хаотична состојба во клубот. Во договор од една страна со раководните структури во државата, а и јас, кој бев 31 година дел од Вардар и клубот прерасна како составен дел од мојот живот, и не е лесно како со гума да се избрише сето тоа, одлучив брендот да не згасне. Суштината беше и патриотска и може ќе звучам нескромно, но ако не се појавев јас во тој момент клубот ќе згаснеше. Во тој момент донесов одлука, но со големи ветувања на останатите структури во државата за да се нафатам да го спасиме клубот. Од денешен аспект можам комотно да кажам дека клубот е спасен иако доцна го превземав, а и од тие играчи кои можеа да се добијат на пазарот се потрудивме да обезбедивме квалитет. Ги задржав петте играчи – Стоилов, Дисингер, Чупиќ, Калараш и Дибиров, тоа беше сè што остана од Вардар. Донесовме македонски репрезентативци – Талески, Георгиевски, претходно Ристовски и Мишевски се вратија, секогаш сум сакал без оглед на резултатите, 50 посто во тимот да се наши, македонски играчи. Се направи една пристојна екипа со амбиции да се најде меѓу осумте тима во Европа, финале во СЕХА (објективно Веспрем е посилен сезонава) како и шампионска и Куп титула во Македонија. Не одеше наједноставно затоа што влетавме во една светска пандемија, почна со одложување на натпревари, па позитивни играчи, па не може да се тренира, па изолации… Оваа сезона, а мислам дека и останатите го делат моето мислење, треба што побрзо да заврши и да се заборави. Во една ваква ситуација не можев да барам од ветените финансиски сретства од државата, тие одат за справување со корона-кризата и за медицински цели, економијата опадна и целиот товар – организациски и финансиски падна на мене. Имам пријатели кои ми помогнаа (Комерцијална банка, Телеком, Тутунска банка, Саник и десетина помали компании), кои од пријателски побуди и некои заеднички бизниси допринесоа да успееме до тука до каде што сме.“

ДОМА СМЕ НИВО НАД СИТЕ

На едната амбиција – четвртфинале во ЛШ Веспрем и застана на патот, а реални се шансите истото да се случи за пласман на Ф4 во СЕХА лигата. Ќе бидете ли задоволни само со домашни титули?

„Не сум убеден дека Веспрем ќе биде пречка, јас по природа сум оптимист и верувам дека Вардар и оваа сезона ќе игра на Ф4 во СЕХА. Што се однесува до Лигата на шампионите не сум задоволен! Објективно и искрено речено можевме многу повеќе на некои натпревари. Секогаш ни недостасуваше нешто малку, на пример, со Елверум во последна секунда примаме гол за нерешено, со Порто во претпоследна секунда исто така за нерешено… Првиот меч со Мешков Брест, кој значеше многу, го загубивме со два разлика иако на пет минути до крај водевме со два разлика… Сите овие киксови, спортски пехови, некои наши грешки – невоиграност, нова екипа, не чинеа и доколку ги немавме овие пропусти во осминафиналето ќе игравме со Запорожје или со Алборг, со кои можеме да се носиме и ќе се најдевме меѓу осум во Европа што ќе беше фантастичен успех во оваа ситуација. На домашна сцена после првиот меч со Еурофарм Пелистер, кој ни е единствен конкурент за титулата, убеден сум дека ќе бидеме шампиони на Македонија и дека ќе го освоиме Купот затоа што сме една нијанса поквалитетни од нив иако за македонски ракомет е добро што Еурофарм е исто така квалитетна екипа, но треба да се создадат барем уште три – четири тима на тоа ниво што ќе доведе до уште поголем прогрес на ракометот.“

По скоро една деценија пауза и Вардар и Еурофарм Пелистер од следната сезона ќе бидат дел од националното првенство од самиот старт. Вардар и Работнички беа единствените клубови против ваквата одлука, може ли да образложите зошто?

„Ние имавме еден допис до РФМ и до сите клубови. Не може сите исто да мислиме, но јас претендирам дека сум долго време во ракометот и знам што е реално, што не е. Според мене ова е во најмала рака некоректна одлука на клубовите. Зошто!? Затоа што на малите клубови кејф им е да играат со Вардар, со Еурофарм… па еве ќе играат со нив, ќе заврши првенство и ниту Еурофарм, ниту Вардар нема да загубат од ниту еден од нив. Оваа сезона сите се согласуваме дека не беше нормална поради пандемијата, но ако следната претендираме и се надеваме дека ќе биде нормална година, тогаш Вардар кој ќе се натпреварува на четири фронта ќе има најмалку 60 натпревари во текот на сезоната. Како е возможно? ЛШ се игра среда-четврток, СЕХА сабота- недела, каде да вметнеме термин за домашно првенство, кога Вардар ќе има тренинзи и кога ќе патува!? Имаме и две ЕХФ недели кога се паузи, јануари исто така е пауза поради ЕП или СП. Во десет месеци сезона, со овој број на натпревари треба да се види дали е практично изводливо да се функционира со ваков систем на натпреварување. Тоа е одлука на клубовите, ќе се прилагодиме, ќе играме со резервни состави… Ако на ова се додадат и подготвителен период и пријателски натпревари, не сум од вчера во ракометот, ќе биде исклучително тешко, а дали ќе имаме некој ефект од тоа, не верувам.“

ТОМОВСКИ И ЧУВАРА СЕ ПОТПИШАНИ

Вардар веќе претстави дел од засилувањата за следната сезона Гурбиндо, Кудуз, Ѓукиќ, а неколкумина ракометари кои ја чекаат својата промоција како вардарови играчи, првиот човек на „црвено-црните“ ексклузивно ги потврди.

„Македонскиот репрезентативец Мартин Томовски е договорен и потпишан. Истото се однесува и за Јан Чувара – полскиот репрезентативец, кој ќе го подготвуваме и за година-две треба да биде замена за Дибиров. Со бекот од Египет сме во преговори и најголем проблем создава добивање дозвола од армија за да се случи трансферот. Чупиќ и Дисингер заминуваат. Не сакам да ги кажувам плановите ќе имаме уште неколку нови засилувања и Вардар следната сезона ќе биде минумим 30-40 посто посилен ако го споредиме со овогодишниот.“

КАНТАГРЕЛ ЗАМИНУВА, НА КИЗИЌ МУ „ЛЕТА“ ПАМЕТОТ

Големо изненадување во пресрет на новата сезона е заминувањето на голманот Марко Кизиќ за кој се сметаше дека ќе биде иднината меѓу диреците на Вардар. Но, не е само тој, заминува и Французинот Кантагрел. Останува ли првиот голман Ристовски?

„Кај мене нема прв, втор или трет голман, сите се подеднакво важни, и кој како ќе се покаже на тренинзи и на натпревари си го креира интерниот ранкинг. Ристовски е одличен голман, има договор уште една година и ќе остане во екипата. Тој во моментов има ситни проблеми со коленото, кои ќе ги санира, ќе ослабе 10 килограми (се смее) и потоа ќе биде оној Борко кој добро знаеме што може и умее. Томовски е стандарден македонски репрезентативец и секако работиме и на ангажман на трет квалитетен голман кој ќе ја даде целината меѓу диреците. Што се однесува до Кизиќ, грубо кажано, дете е, па му лета паметот. Кизиќ е дете на Вардар и многу е логично да остане во клубот. Прочитав некаде дека финансиите биле спорни, но ние не ни дојдовме до таа фаза од преговорите. Тој дојде со став дека сака да му се гарантира дека ќе брани. Јас не можам да го гарантирам тоа, екипата има тренер, а и од сега не можеме да знаеме што ќе се случува следната сезона. Не бил задоволен од минутажата која ја добивал, но ако така гледаме тој сезонава имаше поголема минутажа од Кантагрел. Имаше и блесоци и слаби натпревари. Јас го убедував да остане затоа што со Томовски ќе се тандем за во репрезентација и ќе му помогнат на Митревски, но тој не сакаше. Претпоставувам дека му е ветена поголема минутажа во Еурофарм Пелистер, иако не знам како ќе ја добие покрај Хендави и Чаневски, кој е капитен и сезонава добро бранеше. Но тоа е негова одлука и за мене е нелогична. Му посакувам среќа. Мојот став е дека никого не држам со сила во Вардар. Не сакам незадоволни играчи во мојата екипа, а тоа го покажав и со Марко Вујин, кого го пуштив да замине на сред сезона без никакви проблеми. Истото го сторив и со Кантагрел, кој исто така побара раскин на договорот, го доби, и си оди на крајот на сезоната.“

СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ТАЛЕСКИ ЌЕ ОСТАНЕ

Михајловски сам кажа дека би сакал половина екипа да бидат македонски репрезентативци, па од таму и прашањето каков ќе биде статусот на Филип Талески за следната сезона со оглед на тоа дека неговиот договор завршува.

„На Талески му завршува договорот и направивме начелни разговори, не можам да тврдам, но мислам дека ќе остане во Вардар. Тој не е комплетно задоволен, а од друга страна не го пружи она што се очекуваше од него. По негово кажување и не доби баш шанса и мисли дека треба да добие повеќе простор. Се надевам дека ќе остане! Што се однесува до други македонски репрезентативци, кажете ми кој би можел да игра во Вардар и јас ќе сторам сè што е во моја моќ за да го донесам во клубот. Со задоволство и сум преговарал и сакам што повеќе македонски играчи во клубот. Разговарав со Кузмановски, но тој не сака, а и има договор во Германија. Манасков има договор со Веспрем…“

Размислува ли Вардар за поширок ростер со оглед на тоа дека од една страна ќе има четири фронта на кои ќе се натпреварува, а од друга во домашното првенство бројот на странци ќе се намали на шест?

„Логично е, а и секој тренер сака во првата екипа да има минумим од 22 до 24 играчи затоа што приоритет е ЛШ, па СЕХА и домашното првенство. Не е лесно тоа да се направи. Може да го земеме Веспрем, кој игра на истите фронтови, но има 28 регистирани играчи, а тоа може да си го дозволи затоа што има 12-13 милиони евра буџет, Сегед има десет милиони евра. Таму државата, Лотарија и сите државни компании даваат пари. Од Телеком овие два клуба добиваат по два милиони евра годишно, сума која е тотално неспоредлива со онаа која ја добива Вардар. Што се однесува до странците, тој пропис е ригиден. Од осум во следната сезона ќе бидат шест странци, може треба да се оди постепено, да бидат седум. Не може ние да очекуваме од Вардар како европски бренд и натаму да постигнува завидни резултати со македонски играчи. Мислам дека треба тие критериуми малку да се изменат. Јас сакам македонски играчи и реков дека се трудам 50 посто од екипата да бидат наши ракометари, но и во тој случај имам седум-осум странци во тимот. Не можам конкретно да дадам одговор, погрешно е или не. Тоа е двосмислено, сакаме повеќе македонски играчи, но сакаме и квалитет, така што мора секогаш да најдеме некоја средина.“

НАЈЛЕСНО СЕ ПРЕГОВАРА СО ВРВНИ ИГРАЧИ

Со оглед на искуството кое го има, но и играчите кои минале низ неговите „раце“ морав да прашам дали има ракометар со кој му било најлесно или најтешко да преговара?

„Не сум имал тешки преговори, сакаш или не сакаш да играш. Со сила никој не можеш да натераш. А и во мојата екипа не сакам незадоволни играчи и да имаат договор ги пуштам да заминат. Играч кој не е задоволен не ми треба во екипа. Најлесно ми било да се договорам со врвни играчи – со Пепи Манасков никогаш не сме потпишувале договори. Со него се договаравме усно. Тој ќе ме прашаше какви ми се плановите, ќе ми кажеше што мисли и тоа е тоа, се беше на доверба. Има многу такви играчи со кои сме имале таква меѓусебна доверба. Два играчи кои се врвни би ги споменал – Игор Карачиќ го донесов од БиХ со операција на рамо, но го знаев неговиот квалитет и знаев дека вреди и во договор со Вујовиќ дојде и стана лидер и легенда во Вардар. Карачиќ е одличен играч, но такви финансиски услови какви што има во Келце, Вардар во моментов не може да му понуди. Истото се однесува и за Илија Абутовиќ, кој дојде од Словенија и стана еден од најдобрите одбранбени играчи во Европа.“

НЕСПОРНА Е ЉУБОВТА НА ВУЈО И ВАРДАР

Ги споменавме играчките промени, но што е со клупата? Веселин Вујовиќ е секогаш избор број еден кога се прашуваат навивачите, се шпекулираше дека Звонко Шундовски може да биде нов тренер на Вардар и колку има вистина во тоа дека се размислува за странски тренер?

„При послаби игри на Вардар имаше притисоци и од спортски работници, и од новинари, и од навивачи… Ми велеа ’Михајло си заборавил ракомет, не го менуваш Стевче’. Лесно е да замениш некого, но треба да најдеш и соодветна замена. Во тој момент кога беа актуелни тие „приказни“ единствени два слободни тренери беа Зоран Кастратовиќ и Звонко Шундовски, кој се врати од Израел. Јас не сум убеден дека тие двајца се подобри од Стевче Алушовски, а и не сум ни разговарал со никого. Јас му ветив на Стевче шанса и тој ја има мојата комплетна поддршка да ја заврши оваа сезона. За странски тренер размислувам кога имам слободно време за тоа. Што се однесува до Вујовиќ, ние сме добри пријатели, се слушаме од време на време, се консултираме, разменуваме мислења, скоро и се видовме. Неспорно е дека Вујо го сака Вардар и јас ќе разговарам со него и ќе видам каде ќе може да се најдеме во таа соработка. За оваа година му ветив на Алушовски шанса и му ја дадов, дали ја искористи комплетно или не, резултатите кажуваат.“

„КОМИТИ“ СЕ НАЈЛОЈАЛНИ И НАЈДОБРИ НАВИВАЧИ ВО ЕВРОПА

Ако некој реално им недостасува на вардаровите ракометари сезонава тоа се фановите. Љубовта е взаемна, клубот е тесно поврзан со навивачите, па од таму и на првиот човек му е добро јасно колку е присутно нивното отсуство на трибините.

„Нема да погрешам ако кажам дека навивачите на Вардар се едни од најквалитетните, најлојалните и најдобрите во Европа и дека таа помош од нив е благо кажано осми играч на секој натпревар. Свесен сум за тоа дека многу различни резултати би постигнале со или без нив. По моето враќање во клубот сезонава поради короната се случува одвреме – навреме да ме побараат. Јас имам навика да соработувам Комити на тој начин што тие ќе ми дадат тројца нивни претставници со кои јас ќе комуницирам и со кои ќе се договарам. Сакаат да патуваат, да направат кореографија… Сум имал добра соработка и, морам да ги пофалам, дека не сум имал проблеми со нив. Тие се делеа на овие-оние, но јас изнаоѓав начини како да се избалансира сето тоа и тие да бидат осми играч на секој меч и мислам дека така ќе продолжиме и понатаму. Се надевам дека од септември ќе се дозволи да има публика во салите и ќе се видиме одново со нив, ќе се договориме за правила на игра и ќе соработуваме како што сме соработувале претходно.“

ВАРДАР Е МАКЕДОНСКИ БРЕНД И ТРЕБА ДРЖАВАТА ДА ГО СФАТИ ТОА

За да биде Вардар одново голем (пред се за да цели повторно на врвот на Европа) потребни се финансии. Дали има најави за таква поддршка?

„Сите ние правиме напори да најдеме поголеми брендови, очекувавме дека некоја од обложувалниците ќе го помогне клубот, но со оглед на ситуацијата, и тие работат – не работат. Имам доволен круг на бизнис партнери и пријатели и ќе се обидам да донесам уште три-четири бренда кои ќе го помогнат Вардар. Во ниту еден момент не мислам дека Вардар е мој, јас секогаш сметам, дека тој е наш, македонски бренд. Морам, во целата оваа приказна околу спонзорирање на клубот, од кој сакаме резултати, не само во Македонија туку и во Европа, да потенцирам дека неминовно е и државата да изнајде ресурси како би се помогнал спортот. Ваучерскиот систем е заживеан, добар е, но ниту оддалеку не е доволен за она што треба. Може во него треба да се донесе поинакво решение за поголема финансиска помош за екипи кои направиле некој фантастични резултати, да се изнајде некоја форма и критериуми кои ќе направат разлика. Ваучерот е одлична мерка за омасовување и за прогрес на спортот, но на помалите клубови.“

СЕХА Ф4 ОДНОВО ВО ЗАДАР

Покрај враќањето на чело на Вардар, Михајловски мораше да се соочи со уште еден голем пандемиски предизвик – организација на новата сезона во СЕХА лигата, која за првпат во својата историја стартуваше со задоцнување од три месеци.

„Сезонава беше вистински предизвик! Во СЕХА лига имаме десет држави, сите со свои проблеми со короната, сите имаа различни мерки и прописи, патувањето беше проблем, изолациите… Дури и ова што се одигра до сега не е идеално, но е добро. И спонзорот на Лигата, Гаспром, има разбирање и е свесен за целата ситуација, а можам да се пофалам и дека го продолживме договорот за соработка. Амбициите на СЕХА се добро познати, да растеме со квалитет од година во година. Интерес има – ЦСКА Москва, Динамо Букурешт, австриска екипа…, но јадрото да останат екипите од регионот. Со оглед на целата ситуација донесовме одлука групната фаза и осминафиналињата да се одиграат до крајот на оваа сезона, додека четвртфиналето ќе се игра по 15 август, а финалниот турнир ќе биде организиран од 3 од 5 септември во Задар.“

ГОРД СУМ НА СЕКОЈ УСПЕХ, ЌЕ БИДАМ УШТЕ ПОГОРД АКО СЕ ПОВТОРАТ ИЛИ НАДМИНАТ

Приказната за Михајло Михајловски не е комплетна ако не се спомене дека тој беше директор на машкиот национален тим во време кога Македонија ги правеше пионерските чекори за неколку години подоцна прво како в.д., а потоа и со еден мандат да биде прв човек на РФМ. Во негово владеење Македонија може да се пофали со најголемите репрезентативни успеси, седмото место на жените на ЕП 2008 во Македонија и петтото место на мажите на ЕП 2012 во Србија.

„Бев директор на машка ракометна репрезентација кога првпат настапи на ЕП во Италија во 1998, а една година подоцна и на СП во Египет. Потоа имаше одредени политички промени, она што никогаш не сум сакал е кога се мешаат политика и спорт. Секогаш сум на ставот дека спортот треба да биде комплетно изолиран од политиката. Во РФМ се вратив како потпретседател кога прв човек беше Трифун Костовски, потоа кусо време бев в.д, а потоа и бев претседател еден мандат и тоа само поради поддршката која ја имав од клубовите, кои беа и главни иницијатори за да ја прифатам позицијата. Вистина е дека во периодот кога јас бев прв човек на Федерацијата, машката репрезентација по десет години се појави на едно СП, а потоа создаде континуитет на големи натпреварувања и ги постигнавме најголемите успеси и кај мажите и кај жените. Особено ЕП во Србија кога за малку ни побегна полуфиналето, тоа беше страшен успех. Федерацијата организациски направи се за да однесеме десетици илјади навивачи во Ниш, а потоа и во Белград (каде имаше и рекорд 11 илјади Македонци) и да овозможиме нашите ракометари да се чувствуваат како да играат дома. Многу работевме, комплетно во РФМ за достојно да се претставиме и како спортска нација, но и да направиме најголем успех. Тоа е најдобар резултат досега на тие големи натпреварувања, се надевам и би сакал да се повторат и да се надминат како успеси. Тогаш ќе бидам горд како Македонец по се она што сум го работел долги години во спортот да дочекам да се случи едно такво ново достигнување.“

СУМ МУ ПОМАГАЛ НА ПЕЛИСТЕР ИАКО „ЧКЕМБАРИТЕ“ МЕ ИСВИРКУВАЛЕ ВО БИТОЛА

Михајловски е синоним за Вардар, но факт е дека тој е вљубеник во ракометот, кој несебично давал не само за Вардар и Македонија, туку и за другите клубови. Интересно е што и својата спортска кариера ја започнува како претседател на Металург.

„Јас сум металуршки инжeнер и работев во Железара од ’71 до ’82 година и брзо се афирмирав таму, а и спортски бев ориентиран и луѓето ме замолија да се нафатам да бидам претседател на РК Металург. Ракомет ниту сум играл, но во Железара тоа беше клуб во подем, со амбиции кој сакаше од фабричка екипа да прерасне во нешто повеќе и ми делуваше како предизвик и се согласив. За четири календарски години Металург смени четири ранга на натпреварување и од Втора републичка лига стигна до Втора Југословенска лига, која беше особено силна. Потоа ја сменив работата, ја напуштив Железара и како бизнисмен сакав да видам што можам да сторам надвор од капија. Покоен Васко Маркоски, кој беше претседател на Вардар во тоа време ме викна да помогнам. Пола година бев потпретседател, а потоа Маркоски се загуби негде (се смее), а јас останав во клубот. Кога ќе влезеш во некој спорт, кога ќе ти влезе во крв потоа тешко се остава. Вардар и Пелистер беа големи ривали порано, па и Вардар – Металург, Борец, Јафа… Најмногу време опстануваа Вардар и Пелистер, односно во поново време со Металург, но некако Вардар е како константа во сите периоди. Ми беше криво затоа што Битола е ракометен град, имаат и сала, и среќен сум што сега се појави Еурофарм Пелистер. Но во тие години сум интервенирал кај партнерите во РЕК Битола да им се помогне, во една прилика купив комплетно дресови, тренерки, топки за клубот… не паметам веќе, почнуваат да бледнеат работите. Но знам дека сум му помогнал на клубот иако „Чкембари’ ме исфиркувале во Битола. (се смее)  Сега со Еурофарм и господин Зоран имам коректни спортски релации и сакам успешна соработка. Тие се ривали, но и спортски пријатели.“

ПРВ ЧОВЕК ВО РЕГИОНОТ НА ЛИСТАТА ОД 100 НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛУЃЕ ВО РАКОМЕТОТ

Од сите резултати и достигнувања кои ги имал досега во кариерата како спортски работник Михајловски најмногу се гордее што бил прв човек од регионот на листата од 100 највлијателни луѓе во светскиот ракомет.

„Како мој најголем успех и најмило индивидуално признание ми е кога пред пет-шест години на Ф4 во Келн излезе брошура со 100 највлијателни луѓе во светскиот ракомет, а јас се видов себе си на 21. место. Во тоа елитно друштво на функционери, членови на ЕХФ и ИХФ, судии, делегати, бев изненаден и ми потекоа солзи радосници што бев прв човек од целиот регион од спортските работници и функционери. Морам да потенцирам дека Драган Начевски, кој е прв човек на Судиската организација на ЕХФ беше рангиран пред мене, 11. место, но од спортските работници јас бев прв и се чувствувам почестен за таквиот статус. Морам да признаам дека сите титули и признанија годат, но она на кое најмногу се израдував е првата титула во Келн, која ја прославив како почесен претседател на Вардар во времето на Самсоненко.“

ВАРДАР НА Ф4 ВО КЕЛН = НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА

За крај одлучив да го прашам првиот човек на Вардар дали може да се надеваме дека во некоја блиска иднина одново ќе ги видиме „црвено-црните“ на Ф4 во Келн?

„Тешко прашање и во моментот невозможна мисија! Буџетот со кој Вардар располага сега е далеку од конкуренцијата, има десетина клуба кои се посилни во моментов. Кога би имало многу подобар буџет ние знаеме и можеме да склопиме добра екипа која ќе претендира на Ф4. Во овој момент целта за следна сезона ќе биде место меѓу најдобрите осум во Европа. Имам чувство и убеден сум дека тоа ќе го постигнеме. Но, ќе потенцирам одново, мора пошироките структури во државата да размислуваат слично како мене, дека Вардар е наш, македонски, балкански и европски бренд кој треба да се негува.“