ПРЕСИНГ: Тоа е спорт – шест меча, само еден пораз и одиш дома

Моментот кој ги исфрли Словенците од ритам е кога и двата тима имаа по еден исклучен играч и беа 5 против 5 во поле. Тогаш словенечкиот селектор го извади својот голман за да добие плус играч во напад и напаѓаше 6 против пет, но без голман. Во тие минута и пол, Словенците направија за нив несвојствени технички грешки при проигрувањата, што Египќаните го искористија и дадоа три лесни гола без голман против себе


Репрезентацијата на Словенија, заедно со Германија (ќе видиме што ќе направи денес Хрватска) се едни од разочарувањата на ова СП. Словенците кои сме навикнати постојано да ги гледаме во завршните борби од секој голем турнир, овој пат прерано го завршуваат шампионатот, без пласман во четврт-финалето. Иако само со еден пораз на турнирот, Словенците испаднаа од понатамошните борби на шампионатот. Се чини дека токму тој пораз од Русите се покажа како пресуден за Словенците, не само што не пренесоа бодови во вториот круг, туку што не се пласираа во четвртфиналето.

На последниот меч против Египет, кој беше од пресудно значење за двете репрезентации, во кој само победа беше во игра, Словенците влегоа доста самоуверено. Одбраната пред се беше главен сегмент од нивната игра. Доста агресивна и подвижна 6:0  со Мачковшек и Габер, во отсуство на Благотиншек, на средината.
Јанц како втор одбрамбен играч кој делуваше нешто поистурено напред што заради својот физикус, што и поради неговата подвижност и Хенигман како петти одбрамбен играч. На голот го имаа до денес незабележителниот Ферлин, кој имаше свој ден и така им овозможи неколку лесни голови на Словенците преку контри и контранапади.

Во напад словенците делуваа доста расположено, каде играта со два средни бека функционираше добро. Словенците почнаа со Мачковшек на лев бек и ако против таков шутер беше оправдано што Египќаните излегуваа подлабоко, за мене неразбирливо е зошто продолжија да играат агресивно на 9 метри и кога во игра беа Бомбач и Зарабец на бекови.

Двајца играчи кои нон стоп бараат игра „1 на 1“ и се перфектни во тоа, да им се остави толкав простор за игра е погубно.  Неколку голови од 6 метри , асистенции до пивот и исклучувања беше резултатот од таа игра.  Друг интересен момент во играта на Словенците е што свесно се откажаа од позицијата лево крило, барем во фазата на напад, за да добијат квалитетен играч во фазата на одбрана. Имено на таа позиција доби задача да игра Хенигман, кој инаку е лев бек меѓутоа е добар одбранбен играч. Ако добро ја зврши улогата во одбрана, не се снајде баш најдобро во напад. Во последните два натпревари имше шут  0 од 3, поготово против Швеѓаните каде промаши два зицери во одлучувачките моменти кога се кршеше резултатот.

Како што го завршија првиот дел, така продолжија и во второто полувреме и се чинеше дека нема начин како да го загубат мечот. Моментот кој ги исфрли Словенците од ритам е кога и двата тима имаа по еден исклучен играч и беа 5 против 5 во поле. Тогаш словенечкиот селектор го извади својот голман за да добие плус играч во напад и напаѓаше 6 против пет, но без голман. Во тие минута и пол, Словенците направија за нив несвојствени  технички грешки при проигрувањата, што Египќаните го искористија и дадоа три лесни гола без голман против себе. Психолошкиот момент беше многу поголем од фактот што Египќаните дадоа три гола. Од тогаш тие добија поголема самодоверба, мотив, желба и се смени текот на натпреварот. Го презедоа водството и Словенците од оние кои го контролираа натпреварот се претворија во тоа да го бркаат водството на Египќаните со што дополнително им створи притисок  дека не смеат да погрешат .

На крајот натпреварот заврши како што заврши, недоволно за Словенците да поминат во четвртфиналето. Да се брка пласман во директен дуел со домаќинот на турнирот кој исто така поседува квалитет и е под притисок  да игра во завршницата беше тешка задача. Словенците требаше порано да си ја завршат задачата. Едно е сигурно дека ние како гледачи останавме ускратени да гледаме уште некоја квалитетна изведба на Зарабец, Јанц, Доленец и останатите.