АКО влеземе на СП, АКО се пласираме на ЕП, АКО загусти ќе ги викнеме...
1.Повеќе приказна отколку логика
За два дена стартува 27.Светско ракометно првенство во Египет. Македонија сè уште е на чекање и „на готовс“ да летне за Египет како прва резерва ако откаже некој од 32 учесници на првиот Мундијал во проширен состав. Практично, тешко остварливо дури и во новата реалност во која ништо не е исклучено. Теоретски, неколку дена надеж во кои се врти приказната и како Филипче броиме ковид-позитивни, ама во Шведска и во Чешка.
Ние сме подготвени, два пати го победивме Чиле. Значи, можеме и по трет пат во Каиро, по некоја проста математика.
Ако влеземе на СП, се разбира.
А, се погоди и ситуацијата деновиве посебно да се фокусираме токму на Чиле и на таа група во која се уште и домаќинот Египет, Шведска и нашите стари другари Чесите. Гаралда ја одбра Македонија за подготвителна база пред настапот во Египет, а во меѓувреме додека ние подготвително разигрувавме со Чиле, се зголемуваше бројката на ковид-позитивни, прво во репрезентацијата на Шведска, па потоа уште со поголем замав во Чешка.
И така ја фиксиравме „Г“ како најдостижна за првата резерва.
Ако биде нешто, таму сме?! Важи, договорено!
Аргументите дека Шведска или Чешка ќе го откажат настапот на СП ако им е десеткуван првиот состав, или дека не можат да состават репрезентација од пошироките список од 35 пријавени кој со дозвола од ИХФ може и да се прошири за вонредна ковид-ситуација, а ние можеме поквалитетно да одговориме на ситуацијата, ако си признаеме искрено, баш и не држат многу вода. Ајде да беше некоја од егзотичните репрезентации како Капе Верде па и да се понадеваме дека не можат да соберат заменска репрезентација дури и претседателот да облече дрес, ама Шведска или Чешка?!
Уште помалку држи вода аргументот дека домаќинот нема да ризикува или дека Парондо ќе има нешто против ако европските фаворити во групата му дојдат со резервен состав, па Хасан Мустафа веднаш ќе го прати чартерот во Скопје за да ја донесе силна Македонија на СП. И ќе се искупи за гревот што им ги даде вајлд-картите на Русија и на Полска, а не нас, ако ние си ја заслуживме оти си бевме 15-ти во Виена!
Важи, ќе биде…
2.Фактите „во фолија“
Каков и да биде крајот на приказната за египетскиот мундијал и првата резерва, македонската репрезентација со многу „ако“ ги одработе овие вонредни јануарски подготовки и запиша две пријателски победи со новиот поинаков состав.
Со капитенот како стручен набљудувач и со неколку од „ветераните“ на повик, да се приклучат АКО затреба. Ако по некоја случајност сепак, влеземе на СП…Ако, не дај боже, загусти во март-мај-јуни за следното ЕП…
Ако, пак се пласираме како што е по планот, репрезентацијата на ЕП 2022 ќе биде 99 отсто подмладена. Таква е најавата.
Се исцртува новата физиономија на репрезентацијата, што би рекол селекторoт, но сè уште има премногу „ако“ околу најуспешната македонска репрезентација.
А тоа „ако“ обично значи несигурност.
Нешто како бек шутер кога ќе тргне во напад, па во последен момент се мисли ако шутне да не утне…или да подаде на друг. Тука нема погодок, дури ни во чиста ситуација.
Јасно дека транзицијата е процес во секоја репрезентација. Јасно е дека никаде и никогаш нема комплетен рез во смена на генерации. Некои играчи се подолговечни, други порано ја заокружуваат кариерата.
Јасно е и дека националниот дрес е и чест и обврска и гордост и слава. И, тешко е да се каже и „јас не можам веќе…“ и „ти не ни требаш повеќе…“.
Но, и тоа мотање на фактите во фолија и „филување“ на идеална состојба, на крај може да има контра-ефект.
Ако треба ќе ги викнеме, ако загусти ќе ги смениме, ако не треба ќе ги отпишеме… Тоа не е ништо друго туку од една страна непочитување на ветераните кои многу дале за репрезентацијата, а од друга, потценување на помладите кои допрва треба да даваат.
Зошто никој не излезе да каже дека Борко Ристовски, кого го нема во последните два репрезентативни собири го заврши своето во репрезентацијата и дека им го отстапува место меѓу стативите на Томовски, Кизиќ…туку се мачиме со полу- изговори за настинки и ситни повреди?
Зошто никому не му е јасно каков е репрезентативниот статусот на Дејан Манасков кој во квалификацискиот со Швајцарија, во ноември, не играше наводно заради процедурите за влез и излез во Унгарија кои за чудо, токму тогаш ги откриле, а сега дошол па се вратил во Веспрем затоа што бил повреден, ама ако треба, за два дена пак ќе се врати во Скопје, па ќе летне за Каиро?!
Зошто капитенот Кире Лазаров беше во улога на набљудувач на контролните со Чиле кога веќе беше повикан и ги одработе подготовките. Да видиме како ќе се снајдат без него на терен или како би било со него на клупа во друга улога?
3.Товар „не сте како претходните….“
Сакале да признаеме или не, македонската репрезентација задоцни неколку години со подмладувањето и процесот сè уште се одолговлекува. Тешко оди одвикнувањето од старото и навикнувањето на новото.
Со едните ќе подготвуваме, ама, со другите ќе играме на СП (ако влеземе, нормално), оти овие првите не се дораснати ни квалитетни за да играат на Мундијал?! Зошто тогаш се повикани во репрезентација, ако не се играчи од репрезентативен калибар? За да им стои репрезентативен статус во си-ви?
Со едни ќе ги тераме квалификациите, ама на ЕП 2022 , ако се пласираме, ќе бидеме 99 отсто подмладени! Која е логиката? Тие што ќе играат во март-мај-јуни ќе бидат стари и непотребни до следниот јануари? Или овие во кои сега се нема доволно доверба дека може да се изборат, до јануари ќе играат во Кил и во Барса и ќе станат Мелвини и Макуци?
Колку ќе може новата генерација во националниот дрес вистински да просперира ако стално им повторуваме „не сте како претходните…“? Наместо да се борат со нова здрава конкуренција за секое место во тимот, тие сè уште се во загубена битка со старата – „ако не оди, Кире ќе влезе…“„Столе е тука, го вративме…“ „Џомба можел, не можел – ќе игра ако треба“ .
Нова физиономија ама во стара рамка? Така некако…