Кога и македонските ракометарки победуваа шампиони и играа за Олимпијада
1.Наместо победи редиме спомени
Уште еден декември и уште едно европско првенство со предзнак женско, Македонија го проследува од далеку. Уште од 2012 година македонската женската ракометна репрезентација ја нема на големите натпреварувања. Од година во година во последниве осум, надежта стигнува најдалеку до баражот. А, во декември додека гледаме како некои други редат победи, ние евоцираме спомени на едни посреќни денови за македонскиот женски ракомет.
А, не беше секогаш вака…
Беше еднаш едно време кога и македонската женска репрезентација правеше потреси и подвизи како овој на Србинките со Холандија или оние на Хрватките во серија.
Пред некој ден, на почетокот од ова ЕП 2020, ние евоциравме спомени од пред 23 година и од оној историски настап на СП 1997 во Германија кога Македонија за прв пат влезе во големото друштво. И на прва, направи сензација – ја победи Данска, тогаш неприкосновена на светската и на европската сцена со европска, олимписка, а потоа и светска титула. Нешто како сега машката репрезентација, на пример, да ја победи Франција. Така би му дошло.
И излезе „македонското девојче“ на големата ракометна сцена. Нацева го поведе орото со Кастратовиќ, Кисељева, Георгиевска, Наумовска, Чупиќ, Велкова, Маслова, Ташчи, Абрамова… Македонија на крај беше седма, Кастратовиќ рекордерка со 71 гол. Немаше медал, но успехот беше голем, а радоста во Македонија уште поголема. За нас седмото тогаш беше рамно на „злато“. И така се славеше. Оттогаш па се до денес.
Колдинг 2020, пак неизоставно буди спомени на Колдинг 1999 година и она СП во Данска и во Норвешка, кога една македонска репрезентација прв пат беше на чекор до Олимпијада. Во Колдинг тогаш имаше сè, и победи и ајвари и скандали и урагани. Се преживеавме, ама кој да верува дека Македонија пак ќе направи сензација! Македонската репрезентација од Колдинг отиде во осминафинале во Трондхајм, а дел од македонската експедиција на пат за Скопје. Картите беа чекирани. Тоа беа такви времиња…А, Македонија пак направи сензација. Ја победи Кореја и обезбеди четвртфинале. Се славеше тогаш и во Трондхајм на терен и во Копенхаген на аеродром и во Македонија насекаде.
Беше 7 декември 1999 година. Точно на денешен ден.
Времето не може да се врати назад, но затоа останува надежта, дека еден ден пак ќе имаме ракометен празник во декември. Во надежи и еуфории ни нема рамни!
Впрочем, не е далеку 2022. Ако ништо друго, на ЕП 2022 се враќаме на европската сцена како ко-домаќини на шампионатот, директно без баражи. Само дотогаш треба нешто и да се сработи со нашата женска репрезентација, за да не бидеме таму само како добри домаќини. И пак да си редиме спомени како било некогаш пред дваесет и кусур години.
2.Прва резерва
Во осумгодишниот пост, во декември веќе се навикнавме да бидеме само неми набљудувачи и наместо за нашите, во замена да се радуваме на балканските успеси и подвизи на ракометните шампионати. Битно, за некого да навиваме, а тие сепак, ни се поблиски од Норвежанките и од Холанѓанките.
Да навиваме и да чекаме што побрзо да дојде и да застане јануари кога на сцена се ракометарите. Е, таму веќе е (или беше?) друга приказна. Она што во 90-те беа ракометарките, во изминатата деценија станаа ракометарите. „Излези момче…“ го замени „Македонско девојче“. А, Македонија во ракометна еуфорија со сите надежи и сомнежи, ги испраќа, ги придружува и ги пречекува ракометарите. Во еуфорија се слават победите и се „разработуваат“ поразите. Битно, емоции во земјата на ракометот, никогаш не недостасуваа.
Зошто е она „е“ или „беше“ ? Затоа што сè уште е отворено дали приказната ќе остане во сегашно или ќе биде во минато свршено време.
И затоа што овој јануари што доаѓа, може да биде поинаков од оние претходните. Може да биде како декември…Македонија ни „на прва“ директно, ни „на втора“ со вајлд-карта , не влезе меѓу учесниците на СП 2021 во Египет.
Сега, чекаме трета шанса како прва резерва. Деновиве тој статус доби и официјална потврда од ИХФ – Македонија е прва резерва за СП!
Во некои нормални времиња, тоа речиси и да не значи ништо. Но, во вакви коронарно-ненормални, тоа сепак, не става во подготвеност до последен момент. И во надеж, се разбира.
Ако некој од 32 земји учеснички го откаже настапот од коронарна или некоја друга причина, тогаш Македонија влегува на СП како прва резерва. И го задржува континуитетот во настапите на големите натпреварување што го тера цела деценија. Ако не, повторно влегуваме во незгоден квалификациски вртлог за СП и се враќаме чекор назад.
Но, нели надежта последна умира. Ако ништо друго, ќе не држи барем уште некоја седмица.
3.Охрид победуваТ!
А таму некаде меѓу спомените и надежите за репрезентациите, на клупски план изминатава седмица актуелни беа европските откажувања и домашните возбудувања.
Вардар никако да излезе на мегдан со ПСЖ и со „ел команданте“. Коронарната состојба пак го стави Вардар во мирување во ЛШ. Од исти коронарни прични, отпадна и двојното гостување на Металург во Русија во Лигата на Европа. Од нашите на европска сцена останува само Еурофарм Пелистер во утрешната пресметка со Тримо Требње да ја оправда довербата, да ја преброди резултатската криза и да ја врати надежта во Битола.
Дома пак, се поинтересна и понеизвесна стана битката во Супер лигата, едни се борат да го фатат последниот воз за плеј-оф и останок во македонската елита, други да ја потврдат доминацијата за добра стартна позиција. Охрид и Металург останаа единствени без пораз на лидерските позиции во групите. Заради европските настапи, „металурзи“ имаат одиграно само шест натпревари во „Б“. Но, суперлигашката сезона барем досега дефинитивно, останува во знакот на охриѓани кои имаат перфектни 11 од 11 во „А“ и деновиве ќе атакуваат и на рекордната 12 победа во серија. Со тоа Раде Стојановиќ со Охрид би го надминал успехот што го направи Стевче Алушовски со Пелистер во сезоната 2018/2019 кога битолчани имаа еден пораз на старт и потоа суперлигашка серија од 11 победи.
Охрид засега добро трчаТ и победуваТ. Само напред!