Едни патуваа низ Европа, па се изгубија на терен. Другите не патуваа, ама и тие се изгубија.
1. Џабе патот!
Пет европски натпревари и само еден бод во Битола. Тоа е поразителниот биланс од настапот на македонските претставници во европските купови во изминатата седмица.
Едни патуваа низ Европа, па се изгубија на терен. Другите не патуваа, ама на крај и тие се изгубија. На кондиција.
Металург влезе во автобус и храбро тргна на долга европска тура до Шпанија. На долгиот пат „металурзи“ весело ги совладуваа километрите до Леон. Ама на „апсолвентската“ требаше и да се игра, па потоа на терен ич не беше весело. Патот како пат беше подвиг, во ред. Ама вистинска цел на „европската тура“ не беше да се стигне од Скопје до Леон и назад, туку да се одигра натпревар на европско ниво! А, Металург тука малку се измеша.
Заморот и тешките нозе по два дена пат беа разбирливи и очекувани. Не беше неочекувано ни дека Маноло Каденас ќе знае да го искористи тоа и да ги осигура бодовите. Сигурно не очекуваа да се сожали и да им попушти затоа што гостите дошле од далеку?!
Ајде, покрај патот, како оправдување за лошото издание нека биде делумно и скорешната тренерска смена. Иако баш и не би требало. Спектакуларна победа на Металург против Адемар Леон можеби никој и не очекуваше. Ама нема алиби за игра – кому како оди, само да поминеме на редот.
Амбициите од Автокоманда летово покажуваа во друга насока.
За вака, поарно ич да не „тепаа“ толкав пат!
ЖРК Куманово пак, помина уште полошо од Металург на „пат низ Европа“. Кумановки тргнаа со автобус до Украина на двојно гостување во Лвов. И уште по првиот меч во кој останаа на -16, јасно стана дека Галичанка ќе биде „непремостлива препрека“ за остварување на европските амбиции на ЖРК Куманово кои завршија експресно со два порази за два дена во ЕХФ Купот.
Долг пат за кус престој.
А, летово тие се амбицираа дури и за настап во Лигата на шампионите!
2. Еден Волф, страшен Волф
Шампионот и вицешампионот останаа концентрирани само на европските настапи, ама во системот играш…не играш…не играш…играш, се уште мака мачат да влезат во натпреварувачки ритам.
Во четвртиот натпревар од во ЛШ, Вардар дома беше надигран и совладан од Келце. За вардарци ова е втор пораз во четири одиграни натпревари во ЛШ, прв на домашен терен кој сезонава и не значи многу со празни трибини. По ремито со Порто и поразот од Келце, евидентно е дека Вардар резултатски оди во надолна линија. Во надолна линија одеше и играта на вардарци на последните два натпревари. Помалку некарактеристично за „црвено-црните“, како што одминуваа минутите, така паѓаше и концентрацијата и играта.
И колку што беше Вардар понемоќен, толку на другата страна Волф беше пострашен, а Алекс опасно прецизен. Одговор во Вардар немаше, ни од бековите ни од голманите. И, поразот беше неминовен.
„Сами се побед(у)ваме“ , поразително прозвучеа зборовите на Алушовски на тајм-аутот. Решение немаше.
За самопобедување нема ни алиби иако најчесто се повторува – немаме натпревари за да имаме игра!
3. Од плус седум на нула
На слични маки се најде и Еурфарм Пелистер. Со само два официјални натпревари во три месеци, битолчани се далеку од тоа што го посакуваа и што го очекуваа. СЕХА лигата не ни почна, дома не играат, им остана само Лигата на Европа и само два одиграни натпревари со многу осцилации.
Во европски „сушна“ седмица како оваа, битолскиот бод против Кадетен Шафхаузен изгледа многу голем. Но, реално, ова реми за Еурофарм Пелистер е далеку од новата проекција за успех. Туку, падот на нула од комотни +7 многу повеќе потсетува на ланската слика. Само што лани тоа дебитантски поминуваше со „лоша среќа“. Коронарната состојба и „брзо се заморивме, затоа што паузиравме…“ се само благо оправдување. Реално, многу поголема вина за испуштената победа во Битола, лежи во грешките, промашената тактика и во лошата проценка.
Во анализите по натпреварот во Битола, некој забележа дека Еурофарм Пелистер подобро изгледаше претсезонски во Струга, отколку сезонски во Европа. Ова споредба не е мерлива, ама друга нема.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 25-25 КАДЕТЕН ШАФХАУЗЕН |
Ќе беше ли поинаква сликата ако битолскиот тим влезеше во полн натпреварувачки ритам во Лигата на Европа?
Од оваа перспектива, можеби ќе беше многу подобро сехалигашите уште сезонава да се вратеа во домашната Супер лига. Наместо вака да чекаат СЕХА да почне, ако почне… Во згуснатиот распоред овде барем ќе си играа по два-три пати неделно и колку-толку немаше да бидат толку уморни од неиграње.
4. 17-ка за Белеска, 15-ка за Јовевска…
А не дека не е необично интересно и на домашна сцена дури и кога условите се изместени. Во женската Супер лига, паѓаат 50-ки, но и други чудни рекорди. По интернационалците, на голгетерската листа 15+, оваа седмица влегоа и две ракометарки на домашна сцена и тоа на еден ист натпревар. Белеска постигна 17 гола во поразот на Пелистер. На другата страна, Јовевска запиша 15-ка за Кузман Вардар, во дуелот на кој паднаа дури 77 гола (43-34), а на терен беа само 15 ракометарки – вкупно! Домашниот тим играше со девет, а гостите дојдоа само со шест ракометарки.
Некој што не знае, ќе рече играме атомски ракомет!