Европско голманско шоу во македонска изведба, за селекторот една главоболка помалку
1. „Министер за одбрана“ и „технички министер за напад“
Еден спроти друг и двајцата ТОП! Борко Ристовски и Никола Митревски ставија македонски голмански белег на дуелот меѓу Вардар и Порто и воопшто, на 5.коло во Лигата на шампионите. Она што во секој друг спорт може само да го сонуваме, во ракометот го имаме и може со право да му се израдуваме.
Борко Ристовски одигра еден од најблескавите натпревари во кариерата. „Министерот“ бранеше, проигруваше, додаваше, шутираше и погодуваше… Крајниот епилог – 18 одбрани, четири погодоци и без дилема, заслужено место во ТОП тимот на колото избран од ЕХФ.
Како куриозитет ќе остане податокот дека Ристовски беше трет стрелец на Вардар на овој натпревар после Чупиќ и Вујин. Што е уште понеобично, ветеранот на голот на Вардар, постигна повеќе голови од бековското трио Талески – Гаџа – Јотиќ заедно, што е комплимент за него, но не и за бековите во „црвено-црниот“ дрес. Со португалско искуство од годините минати на голот на Бенфика, Ристовски добро го „читаше“ Порто и беше неочекувано ефикасно решение за нивните „7 на 6“ што малку потешко се разбиваат со вардаровото најсилно оружје – одбраната 5-1 со Дибиров напред.
И така „министерот за одбрана“, стана и „технички министер за напад“ , па на крај и тие што вообичаено не се „од негова партија“ му признаа дека е фактор на стабилност меѓу стативите и дека не е така лошо што се врати во Вардар. А, ќе беше и фактор за втора победа на Вардар да не беше оној залутан среќен шут на Ареја на пет секунди пред крај што му ја пресече радоста на Вардар и му донесе бод на Порто.
2. Никуч пак „o melhor“!
За оние, малку побројни среќници што „уз протоколот“ успеаја да влезат во „Јане“, ова во секој случај беше невообичаено интересен дуел. Не само заради неизвесноста на натпреварот, буквално до крај, туку и порад онаа специфична ситуација кога уживаш во секој добар потег на „домашните“, ама не ти се туѓи ни „гостите“. Прво од мака „туфкаш“ што не погодиле вардарци, а потоа аплаудираш на двојната парада на противничкиот голман! Спонтано и без грижа на совест дека ќе бидеш „некој овде не е наш…“, затоа што и тој е наш! Митревски го брани Порто, ама е наш македонски репрезентативец. Знам, некој ќе рече, не се меша клупско натпреварување и репрезентација. И сигурно е така во Франција или во Германија, ама во Македонија малку е поинаква ракометната перспектива.
Можеби добро, можеби не, ама така е.
Никола Митревски брани во извонредна форма, две кола по ред е на врвот во ТОП 5 одбрани во ЛШ и не може да не му оддадеме признание само затоа што брани за Порто, а не за Вардар. А, не може ни да не се радуваме што е во одлична форма пред претстојниот репрезентативен собир за старт на квалификациите за ЕП 2022.
3. На старата оска во нов репрезентативен поход
И да не ги мешаме клупските настапи со репрезентација, не е ни небитен, ни занемарлив податокот дека двајцата македонски репрезентативни голмани беа на висина на задачата во натпревар од ЛШ и се во друштво на избраните во изборот на ЕХФ. Не е небитно ни занемарливо ни тоа што примерот на Борко и Никуч, инспирирано и подготвено го следи и помладите репрезентативни голмани, во прв ред, Кизиќ и Томовски. За посигурна иднина и дополнителна стабилност меѓу стативите на подолг рок. И тоа како битен факт, посебно сега пред новиот репрезентативен предизвик. Голманот е половина тим, а ТОП перформансите на македонските чувари на мрежата сигурно ќе значат и една главоболка помалку од сите оние што ги има сега селекторот Данило Брестовац со задача да ја стокми репрезентацијата во вечната транзиција и да тргне во нов поход за враќање на континуитетот.
Клупска е, но не е никако занемарлива ни „десетката“ на Кире Лазаров за Нант на француска сцена. Двоцифрената бројка зад името на капитенот отсекогаш дава дополнителна сигурност, дури и сега со 40-ка напред.
Голмани имаме и капитенот е „дос дигитос“, другото ќе го скрпиме некако. Подмладувањето останува неминовен процес, но и се поризичен со оглед на тоа кој што и колку (не)игра од репрезентативниот потенцијал. А, и младите веќе фатија 25-ка, ама се уште никако да фатат лидерска лик.
И така, врти-сучи, за репрезентација пак клучна останува старата оска. Барем додека младите бекови не станат поефикасни од старите гомани…