Поранешниот репрезентативец Владимир Темелков е активен на ракометните терени и во петтата деценија од животот. Иако настапуваше во Бундес лигата, вели дека врвот на неговата кариера се првите неколку години во првенството на Луксембург. Веќе десетта година игра за тимот на Керјенг, со кој освојуваше титули во првенството и во Купот. Работи како тренер во младинските категории на клубот и не планира да ја заврши играчката кариера оваа сезона.
Темелков, на стартот на новата сезона игра во одлична форма во дресот на Керјенг од Луксембург. На последниот натпревар, кој Керјенг го доби со Мерш со 44-25, велешанецот даде девет погодоци од исто толку обиди. Тој е еден од најдобрите стрелци и незаменлив во тимот. Тоа беше поводот по подолго време да поразговараме со него.
Десното крило ја започна кариерата во Борец, а во Македонија беше дел уште од битолски Пелистер со кој играше во Лигата на шампионите, ЕХФ Купот, Купот на победниците на Куповите и во Челинџ Купот, во кој стигна до големото финале во 2002 година. Во 2003 година го направи првиот интернационален трансфер, во бундеслигашот Филинген, каде играше две сезони. Потоа беше дел од второлигашот Вилштат четири години, пред да се врати во Бундес лигата во дресот на Балинген, чиј дрес го носеше од 2009 до 2011 година.
Оттогаш е во Луксембург, во тимот кој своевремено се викаше Башараж, а сега Керјенг и таму настапува веќе десетта сезона. Во оваа држава живее со неговото семејството, сопругата Хелена и синот и ќерката.
„Овде се зборува германски и француски. Јас немав проблеми со адаптација, со оглед на претходното искуство во Германија. Германски зборувам, француски многу малку, а овдешниот јазик и германскиот се како македонскиот и српскиот. Животниот стандард е многу подобар од Германија, затоа и дојдов овде. Некои велат дека е поскапо отколку таму, но има 15 минути до граница со Франција, исто толку со Германија, па секогаш може да купуваш од каде што сакаш. Платите се многу повисоки од Германија и поради тоа многу луѓе оттаму доаѓаат овде“, вели Темелков.
Со Керјенг го освои Купот на Луксембург во 2012 година, а во 2014 година го освои шампионатот, а имаше настапи и во европските купови.
„Играм веќе десетта година во клубот Керјенг од Луксембург. Јас сум многу задоволен од условите и тие се многу задоволни од мене, па нема причина да не ја продолжуваме соработката секоја година. Освоивме две шампионски титули, а пред да дојдам јас клубот немаше освоено ништо. Лигата е полуаматерска, во клубовите има по неколку професионалци, но многу вложуваат во ракометот и затоа имаат голем напредок. Со мојот клуб во европските купови ги елиминиравме Војводина и Железничар пред неколку години и тоа доволни говори. Во лигата играат многу странци, па дури некои и од Франција и Германија. Сигурно не е на ниво како многу други европски лиги, но полека напредуваат и вложуваат во млади ракометари. Во лигата тука се Берхем, Еш, Диферданж…Ако направиме споредба со Македонија и ако ги изземеме Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, сигурно екипите од Луксембург ќе можат да им парираат на сите македонските суперлигаши. Јас тренирам секој ден и плус теретана и функционирам како професионалец, исто како во Германија“, вели Темелков.
Десното крило во последно време повеќе ги следи случувањата во македонскиот ракомет и во Суперлигата.
„Сега почнав повеќе да ја следам македонската Суперлига и ги гледам преноси на Ракометната федерација на Македонија. Ми се допаѓа што дел од клубовите вложуваат во младите категории и мислам дека добро се работи, гледам дека има многу технички добро потковани играчи. Веќе е време на младите повеќе да им се даде шанса. Нашата генерација што е во заминување, прокоцка многу баражи, многу квалификации, за потоа да направи нешто повеќе…па сметам дека и може да прежалиме некои големи натпреварувања за да добиеме нови лидери во националниот тим од помладите ракометари. За разлика од нас, сегашните репрезентативци имаат и полесен пат до ЕП или СП, ние тогаш бевме меѓу првите, го кршевме мразот…“
За националниот тим Темелков играше на три големи натпреварувања – СП 2009 во Хрватска, ЕП 2012 гдина во Србија и СП 2013 во Шпанија. За ЕП 2014 година беше на поширок список, но тогашниот селектор Ивица Обрван не сметаше на неговите услуги во Данска.
„Не сакам многу да се навраќам на минатото и на тоа што било, но жал ми е бидејќи мислев оти нашата генерација можеше да направи нешто повеќе од тоа петто место во Србија. Но и покрај тоа, јас имам многу убави спомени од настапите за националниот тим. Мене тие настапи многу ми помогнаа во градењето на кариерата низ Германија, бидејќи таму многу се ценат играчи што имаат репрезентативно искуство. Мислам дека можев уште да и помогнам на репрезентацијата, бидејќи во тие години кога не играв, чувствувам дека можам уште да дадам на теренот, не само како играч, туку и како советник за помладите играчи. Јас сум играч со поразличен, атипичен стил и можев да помогнам особено во одбраната. Ги следев настапите на ЕП 2014 и следните големи натпреварувања, кога имавме проблеми на астрана со одбраната. Но тоа е што е…Тогашниот селектор Обрван ми се јави и ми кажа дека нема да смета на мене, бидејќи чувствувал дека не можам да и помогнам на репрезентацијата. Не ми беше сеедно, но го прифатив тоа и ја испочитував неговата одлука. Тука знаев дека е крајот, иако бев спремен и да седам на клупа и да не бидам прво крило. Потоа се посветив повеќе на семејството и на клупската кариера“
На позицијата на Темелков во националниот тим играа Златко Мојсоски, Никола Костески, а последните неколку години најчесто во комбинација се Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Ненад Костески…
„Најмногу ми се допаѓа стилот на игра на Ненад Костески и ме потсетува малку на мене. Исто така и на неговиот брат Никола. За Ненад, кој се уште е млад, важно е да биде во добри тренерски раце и да работи многу во иднина. Сметам дека би можел да биде мој наследник. Сите што играат или играле на десно крило се квалитетни играчи, но Георгиевски се ближи кон залезот на кариерата, тука е и Поповски, кој игра знае да игра добра одбрана, но мора да биде 100% да биде посветен на ракометот“.
Велешанецот е задоволен од тоа што го направил досега во кариерата и иако настапуваше во Бундес лигата, сепак смета дека врвот се првите неколку години во Луксембург кога беше во одлична форма.
„Јас играв долги години во Германија, четири сезони во Бундес лигата и четири во Втората Бундес лига. Сметам дека психички и физички бев најподготвен во првите неколку години во Луксембург, па дури и до ден денеска сум таков, со оглед на тоа што повредите ме одминуваат. Со текот на времето научив многу за здравиот начин на исхрана и на живот. Иако не може да се споредува со Германија, сметам дека во Луксембург беше врвот на мојата кариера. Откако ја завршив репрезентативната кариера бев во најдобра форма, а не сметаа на мене на ЕП во Данска и СП во Катар“.
Во дресот на Македонија десното крило одигра 78 натпревари и даде 243 погодоци. Вели дека нашата машка селекција има капацитет за нешто повеќе од учество во иднина.
„Македонија имала и ќе има квалитетни играчи. Но сегашните ракометари кои се во подем и кои играат во Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, можат многу да учат од квалитетните странци. Нашата генерација полека заминува, но мислам дека им пренесовме голем дел од нашето искуство на помладите и уште им пренесуваме. Зошто да не направиме подобар резултат од тоа петто место во Србија. Треба само работа и трпение, резултатите нема да дојдат веднаш, но за неколку години можеби. Сегашните репрезентативци ги имаат сите услови и предиспозиции да можат да напредуваат, да го покажат карактерот, да успеат и да ја израдуваат јавноста“.
По завршувањето на играчката кариера, Темелков планира да остане во ракометот и веќе ги води дел од младинските селекции на Керјенг.
„Искрено многу ми е жал што не сум во Македонија и што не можам моето искуство да го пренесам на младите генерации таму. Би било многу драго ако работам со млади играчи во Македонија, но засега сум тука концентрирам. Кога ќе завршам со играчка кариера, ќе бидам тренер во Керјенг на младинската екипа и ако видам дека ме бива, сигурно ќе продолжам во некој сениорски тим. Имам Б лиценца, гледам многу натпревари и без ракомет не можам. Се уште одам на тренинг со истиот елан како и првиот пат“.
Откако не игра во репрезентацијата вели дека нема никаков контакт со РФМ, ниту со поранешните соиграчи.
„Откако не играм во националниот тим немам контакт со Ракометната федерација, ниту со некогашните соиграчи од репрезентацијата. Едно време не следев ништо од македонскиот ракомет, но сега полека преку порталите и преносите следам се што се случува, особено европските настапи на Вардар, Металург или Еурофарм Пелистер“.
Темелков секогаш се подредуваше на тимот и не сакаше многу да го има низ медиумите, иако со задоволство ја прифати поканата на 24Ракомет за ова интервју. Смета дека неговата ненаметливост не му пречела во кариерата.
„Тоа можеби е добро, можеби е лошо, но јас сум едноставно таков човек. Сите знаат дека јас бев 100% професионалец кога бев во репрезентација и не сакав да се наметнувам никаде, ниту кај соиграчите, ниту кај селекторот, ниту кај јавноста. Мојот однос беше ист кон сите соиграчи и не бев дел од никаков „клан“. Не гледам тука трагедија, сакав само да се наметнам на јавноста само со моите игри. Знам колку вредам и задоволен сум од тоа што досега го имам постигнато во мојата кариера. Не сум во никој случај разочаран или љубоморен што не бев во првиот ред така да кажам. Секој натпревар со националниот тим беше за мене нешто најголемо и само жалам што не направивме нешто повеќе од петтото место во Србија, можевме и до медал. Но некои играчи немаат ни играно на ЕП и СП, а камоли нешто повеќе, па јас секогаш гледам од позитивната страна.