Клубовите и играчите треба да покажат поголемо ниво на професионализам

Федерацијата ги направи сите мерки да овозможи враќање на спортот во салите, од едукација, подготвување протоколи, мерки и контрола, тестирања, и нема што повеќе да се превземе од она што е веќе направено. Во оваа фаза сè се сведува на свеста и совеста на играчите и клубовите. А дел од играчите па можеби и некои клубови досега покажаа низок степен на свест кога е во прашање заштитата.

Постојат протоколи за одржување на тренинзи, натпревари, однесување пред и после тренинг и натпревар, но секој индивидуалец, односно играч е должен да се придржува кон препораките. Само така може сите да се заштитат од коронавирус. Појавата на заразени во четири клубови од Супер лигата, одложувањето на натпреварите на целата група за две седмици го отвора прашањето – дали играчите и клубовите навистина се придржуваат кон протоколите?

Само што тргна ракометната сезона, а веќе по првите две кола од т.н. забрзан систем во Суперлигата имаме 15-дневна принудна пауза во групата А. Наеднаш 16 ракометари и членови на стручниот штаб од КЛ7 се позитивни, следуваат двајца од Радовиш, па седуммина од Струга, и уште двајца од Охрид. Сите клубови се дел од групата А. Ниту официјалните лица не останаа имуни – еден позитивен случај на судија, кој делел правда на некој од овие натпревари.

Среќна околност е што голем дел од заразените немаат симптоми, и што често има тестирања. Така полесно ќе се спречи евентуалната трансмисија на вирусот.

И веднаш доаѓа прашањето – кој погреши? Дали некој воопшто греши? Дали клубовите не доволно ги едицираат играчите и ги спроведуваат протоколите? Дали играчите се придржуваат кон препораките?  Најголемиот дел од заразените се млади, некои и тинејџери. А тие најмногу сакаат да шетаат, да се дружат. Забораваат ли на основните препораки, намалено дружење, држење дистанца, одржување хигиена, носење маска кога има многу луѓе.

Ако пред почетокот на сезоната се констатираше дека одговорното и дисциплинирано однесување на сите учесници во системот на натпреварување може да донесе сезона без проблеми, тоа падна во вода по само две кола. Сега треба да се вложи повторно голем напор, се да се врати во нормала.

РФМ пред почетокот на сезоната најави дека има план А, Б и Ц за сите ситуации, но исто така најави и дека ќе се однесува во сооднос со ситуацијата, а одговор на ширењето на коронавирусот низ клубовите беше со „суспензија“ на групата А на две седмици.

Федерацијата ги направи сите мерки да овозможи враќање на спортот во салите, од едукација, подготвување протоколи, мерки и контрола, тестирања, и нема што повеќе да се превземе од она што е веќе направено. Во оваа фаза сè се сведува на свеста и совеста на играчите и клубовите. А дел од играчите досега покажаа низок степен на свест кога е во прашање заштитата. И не само што самите се ставаат во опасност, туку исто така ги ставаат во незавидна положба и другите соиграчи, официјалните лица, клубот и противниците.

Клубовите, барем оние кои се во групата А, а немаат позитивни на ковид-19 (засега) им дадоа некој ден оддишка на играчите, а веќе од утре воведуваат дополнителни превентивни мерки. Информациите до кои дојде 24ракомет се дека дел од екипите на свој трошок ќе направат тестови за коронавирусот. Тоа покажува дека покрај илјадниците евра потрошени за функционирање на клубот сакаат да имаат здрава екипа која ќе се натпреварува.

Некои клубови имаат и клупски дисциплински правилник кога станува збор за однесувањето на ракометарите во услови на пандемија, уште посериозно ќе ги применуваат доколку има случај на несовесно однесување. И казните се навистина високи.
Сите клубови потенцираат дека играчите добиле детални предавања и насоки за тоа како да се однесуваат на теренот и надвор од него, како на почетокот на подготовките, така и секојдневно на тренинзите, и одново пред официјалниот старт на сезоната, заедно со деталите околу протоколот од РФМ и Комисијата за заразни болести.

Задача на клубот е често да го проверува здравјето на играчите, навреме да се откријат симптомите, па понекогаш и да се ризикува да се загуби меч или да не се одржи тренинг ако постојат и најмали сомневања. Професионален клуб со аматерско однесување на неговите членови е најлошата комбинација.

Играчите секогаш велат дека се придржуваат кон препораките. Но желбата за излегување со врсниците во кафулиња, дружење по станови во групи тешко дека лесно се менуваат навиките, особено ако се „туѓинец“ во градот, ако го немате семејство близу вас и за се треба самите да се грижите. Токму тогаш се гледа професионализмот, посветеноста и пред се одолевање на искушенијата што претстојат.

Сите алудираат на високото ниво на свест кое сите го покажуваат во врска со пандемијата, но таа некако експресно таа „влезе“ во Суперлигата. Викендов сезоната ја започнаа и дамите, а веќе следната недела во најава е и Првата машка лига. Треба многу внимавање, и секој да се заштити самиот. Само така ќе ги заштитиш и другите.