Кога зборуваме за македонски ракомет, домашно првенство, судии и делегати, организација на големи и мали настани, ништо од нив не може да се замисли без присуството на Камер Металари. Неговата константна посветеност за доброто на македонскиот ракомет го направи незаменлив во сите овие сегменти.
Официјално е во пензија, но остана и натаму да помага во Ракометната федерација на Македонија. „Ракометот ми е живот“ – потенцираше уште на стартот на разговорот, во кој Металари ни откри дека за неколку месеци ќе направи точно 50 години како во континуитет е инволвиран во мак-ракометот.
Ракометар со 18-годишна кариера зад себе, домашен и меѓународен судија со 25 години стаж, домашен и меѓународен делегат, скоро седум години Комесар за натпреварување во РФМ, претседател на Судиска комисија… Бил дел од организацијата на сите меѓународни натпреварувања кои биле организирани под капата на РФМ од осамостојувањето, а повеќе од 25-пати како дел од организацијата или официјалните лица учествувал на Струшкиот турнир. Ова е сублиматот за сработеното на популарниот Метла во изминатиот половина век.
„Во април 1971 година првпат сум регистриран како играч на Пролет и од тогаш без прекин сум дел од македонскиот ракомет, а за пет-шест месеци, во април следната година ќе направам јубилеј – 50 години. Во текот на мојата кариера сум минал буквално сè. Почнав како ракометар, лево крило во Пролет, кариерата од 17-18 години ја завршив во Металург. Потоа ги минав сите скалила – судија, меѓународен судија (25 години), делегат, меѓународен делегат, преку сите Комисии до Комесар за натпреварување. Во два мандата по пет години бев во Комисија за делегирање, скоро седум години самостојно работев како Комесар и за тоа време сум бил скоро во сите Комисии. Не знам дали постои некој друг со стаж како мојот во македонскиот ракомет“ – запраша Камер Металари на почетокот од разговорот.
ВО ВРВОТ НА ЛИСТИТЕ НА ИХФ И ЕХФ
На судењето интензивно му се посветува по завршувањето на играчката кариера и за кусо време (година дена) ги минува сите нивоа стигнува да суди Суперлига, а во сезоната 94/95 добива статус и на меѓународен судија. Како судија трипати го менувал партнерот.
„Почнав да судам со Чавдаров две сезони, потоа со Камишевски и завршив со Аце Ванев. Самата работа, самото судење, ангажираноста, пристапот кон натпреварите… некои од моите партнери не можеа да ме следат. Јас многу брзо одев напред и ми беше потребен некој кој може да одговори на предизвиците. Во тоа време имаше повеќе повозрасни судии на екс-Ју просторите и многу брзо влегов меѓу нив и морав да најдам партнер со кој нема само да парирам туку ќе одам уште напред. Со Камишевски како пар бевме во врвот на европското судење, заедно со Марјан и Драган Начевски. Три години бевме меѓу најдобрите 30 судиска пара на листата на ИХФ, една сезона во Европа делевме второ место со Шпанци, додека Маки и Наче беа први. Во Македонија тогаш 80 посто од дерби дуелите ги судевме. Во тоа време во Македонија имаше многу силно првенство, со многу притисоци и беше многу потешко да се суди отколку денеска. Дури надвор ни беше многу полесно да судиме. Се сеќавам бевме делегирани со Камишевски во Германија, меч од ЛШ, во клуб во кој играше пола хрватска репрезентација по Олимпијадата и играа против Пик Сегед. Не гледаа со скептицизам, судии од Македонија, со потценување. По мечот сите челници дојдоа да ни се извинат затоа што не потцениле, затоа што одлично си ја завршивме работата.“
Не беше никаков проблем да направи споредба на судењето тогаш и сега.
„Сега е многу лесно да се суди. Денеска клубовите ги имаат сите услови, луѓето покултурно се однесуваат. Тогаш мораше домаќинот да победи, а нашата работа не беше тоа, моравме да бидеме неутрални и релативно успевавме во тоа. Тогаш беа и салите полни, многу квалитетни екипи, клубовите имаа повеќе пари, имаа квалитетни играчи, имавме многу силно првенство. За илустрација Неготино се бореше за опстанок секоја година, но кој ќе победи на тоа гостување стануваше шампион. Богданци, Битола, сите терени беа жешки, најмирно, најбезбедно беше во Скопје, кога играше Вардар. На секое друго место беше тешко и да се суди и да се игра. Денеска е полесно, самите луѓе се сменети, односот кон играта е сменет, правилата многу повеќе се почитуваат од секој поглед, и безбедносен аспект и квалитетот на ракометната игра. На младите момци кои судат сега им е многу полесно.“
СВЕСНО НЕ СУМ НАШТЕТИЛ НА НИТУ ЕДЕН ТИМ
Времето во кое бил судија познато е дека клубовите се обидувале и надвор од теренот да го добијат натпреварот, па неизбежно беше прашањето дали имал непристојна понуда и каква била таа.
„Не е чесно да споменувам клубови и имиња. Имало неколку такви ситуации. Се случувало со обезбедување да напуштиме натпревар и сала, имало луѓе кои по секоја цена сакале да добијат натпревар, но тоа за мене не е коректно. По 18 години играчка кариера секогаш кога судам сум се поставувал во позиција на играч. Кога мене некој ми правел неправди знам како сум се чувствувал и затоа никогаш не сум си дозволил да правам такво нешто. Свесен сум за последиците кои ги има. Со знаење никогаш не сум наштетил на некоја екипа, можеби несвесно, да, но не ми било тешко да се извинам на играч. Момент е, ќе свирнеш, ќе донесеш одлука, и ако си згрешил и се извиниш играчите генерално го сфаќаат тоа. Сум имал ситуации, во Битола беше многу тешко да се суди, се кршеше салата, имаше по пет илјади луѓе на трибините. Ќе се случи да згрешиш, но ќе стане Зарков, Алушовски, било кој од играчите, ќе крене рака и трибините ќе се смират. Тие сфаќаат дека е моја грешка и дека тие се во право, но за да ја ’смири топката’ и за да се заврши натпреварот како што треба ја смирува ситуацијата. Соработката со играчите ја имавме и тоа многу значеше…. Сите ги знаеја судиите и кај кој како може да се однесуваат. Како ќе се поставиш така ќе продолжиш. Во мојата кариера сум судел мал милион натпревари, но никогаш не сум имал проблеми или физички напад.“
А, што е најтешко за еден судија на еден натпревар? Што било најтешко за тебе?
„Најтешко ми беше кога имаше тенденции некоректно да се сврти работата. Ти се обидуваш да си ја завршиш работата најкоректно што можеш и во согласност со правилата. На еден меч потребно е да се најде балансот, да се остави тренерот да си ја врши работата, а ти твојата. Не може да му се стави фластер на уста на тренерот, но не може и тој да прави што сака. Мене правилата ми дозволуваат и ако сакам можам да реагирам, но не е тоа поентата. Да се најде балансот со кој по мечот и тој што загубил и тој што победил да бидат задоволни од тоа како ти си ја завршил работата и да дојдат да ти пружат рака.“
НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА СУДЕЊЕТО ЌЕ СЕ ПРОФЕСИОНАЛИЗИРА
Со неговата 25-годишна ангажираност како судија, а потоа и како делегат, логично беше да го прашаме дали може да се живее од ракометот, и покрај тоа што овие две функции (судија и делегат) не се професионализирани.
„Ние работиме за нормална плата, но и да се вратам назад пак истото би го направил. Не верувам дека може да се професионализираат овие функции, генерално тешко е да се направи тоа. Ракометот не може по популарност да се спореди со фудбалот и сретствата не го дозволуваат тоа. До неодамна еден судија кој суди во Лига на шампиони земаше 400-450 евра, сума која е смешна во однос на платата на играчите кои земаат 20-30 илјади евра. Тоа е комбинација на аматеризам со професионален дел. Од оваа сезона условите се подобрени, но тоа не е доволно. Луѓето кои живеат на Запад и одат да судат и да бидат делегати ќе добијат некои 200-250 евра, пари кои повеќе ќе ги загуби дома бидејќи нема да оди на работа. Тука е таа неисплатливост да се биде посветен само на ракомет. Тој проблем и ЕХФ го знае, но и тие сега почнаа посериозно да се посветат на тоа, но ќе видиме како ќе биде со оглед на кризата со пандемијата.“
Во домашни рамки нема никаква тајна дека сме дефицитарни со судии и делегати и дека секоја година и покрај сите напори, се потешко е да се регрутираат нови кадри.
“Начинот на живот општо се смени. Младите не сакаат сами да заработат, се научија на готово. Не дека се некои големи сретства за наши услови, но не се ни мали. Да се суди еден пионерски меч, еден судија индивидуално добива 750 денари, што и не е за потценување. Тој млад човек со пет-шест натпревари во месецот може да има еден пристоен џепарлак. Во Македонија со плати од 300-400 евра тоа е добра сума, но не го сфаќаат тоа така. Тие не гледаат перфпектива во тоа, од млади категории да растат во судии во Прва Лига, па Суперлига, каде во моментов не се доволни тие такси според платите кои играчите ги земаат во клубовите. Три – четири клуба имаат енормна сума на плати во однос на стандардот. И сега доаѓа до таа диспропорција, каде пред некоја сезона играат Вардар и Металург и неофицијално имаше играчи со плати од 10 до 40 илјади евра, а ние судиме или сме делегати за 50-тина евра. Во старт тука немаш авторитет, таа диспропорција е многу голема. И ние потфрливме комплетно како организација. Не работиме доволно со младите, потребно е да им се даде повеќе шанса. Не значи дека ако јас сум најдобар само јас треба да судам, треба да им се остави повеќе простор за нив.“
КАКОВ ТАТКО, ТАКОВ СИН
Во македонскиот ракомет имаме многу примери каде синовите ги следат судиските стапки на татковците, а така е и со синот на Камер, Исмаил Металари, кој исто така има меѓународна значка.
„Никогаш и никако не сум влијаел на неговите одлуки. Исмаил беше играч на МРК Вардар и потоа негова лична одлука беше да продолжи со судење. Многумина го гледаат тоа како непотизам, а зошто никој не коментира дека лекарите се во 99 посто татко доктор, па син доктор. Никогаш не сум му бил делегат на син ми, а и лично избегнувам да одам на натпревари, затоа што има секакви дофрлувања, на кои не знам и не можам да премолчам. Но ги следам сите дуели и имаме многу конструктивни дебати и караници, кои и по кажување на другите делегати го прават и него подобар судија. Тој веќе 11 години суди во Суперлига, а сега исто така е и со меѓународна значка.“
ОДБРАНИОТ СПОРТСКИ КРУГ Е НАЈГОЛЕМОТО ЗАДОВОЛСТВО
Веќе напомена Камер, дека ако треба одново би го направил истото, 50 години би посветил на ракометот, а најголемото задоволство од тоа му се пријателите.
„Најголемото задоволство му го носи фактот дека имам многу голем круг на пријатели. Сум запознал многу луѓе, многу сум патувал и дружењето со одбрано друштво на спортисти и спортски работници, тоа е чисто уживање. Времето лета, како вчера да бев играч…“