ИНТЕРВЈУ ЛЕФТЕР БОШКОВСКИ: Имавме талентирани ракометарки, но не им посветувавме внимание

Ретки се личностите во македонскиот ракомет кои со таква посветеност работат со млади категории како Лефтер Бошковски. На 79 години можеби најголемиот „ловец на таленти“ на нашата ракометна сцена, својот ден го организира според тренинг обврските кои ги има со екипата од КЛ7 која ја предводи.

Неговата приказна започнува во Романија, каде и ден денеска е неизмерно почитуван, но неговиот најголем придонес оди за македонскиот ракомет, во кој бил селектор на женскиот сениорски национален тим, тренер на РК Вардар, а работел и во Работнички, Кометал Ѓ.П., потоа го формира Олимпик и во секој од овие клубови приоритет му се младите. И сите го препознаваат како тренер кој знае да препознае талент, знае да пренесе знаење, има трпение и пред се голема љубов кон ракометот и пренесување на неговите тајни.

„Се определив за младински екипи бидејќи мојот карактер е да ги учам спортистите, не да дојдат со некакви познавања, па потоа да поправам грешки…“, уште на почетокот на разговорот објасни Лефтер Бошковски.

Ракометот му е во крвта. Целото семејство е посветено на ракометот. Неговиот син Андон Бошковски сега е тренер на сениорскиот тим на КЛ7, а претходно беше и дел од екипите на Металург, на Вардар, на Струга, на Еурофарм Пелистер. Неговата ќерка Дина исто така се занимаваше со ракомет.
А Лефтер како дел од работата со млади категории беше и во Академијата на Стевче Алушовски, а сега е дел од Академијата на Кирил Лазаров. Чичко Лефтер, како што сите милуваат да му се обратат е најдобриот пример што значи кога „ракометот ти е во крвта“.

„Не можам да не работам. Сакам да се движам, да сум активен… Затоа и прво прифатив четири ипол години да соработувам со Академијата на Стевче Алушовски. Најдобрата соработка што сум ја имал. Тој ме почитуваше како татко. Идеално се согласувавме во сè што е спортски аспект. Имаше тој свои правила, јас мои, но ги усогласувавме, но не се најдовме околу финансискиот дел. Сега, на 79 години прифатив да работам со Лазаров и Ѓоргоновски, во КЛ7, една средина која по мене е најдобро организирана. Како директор Ѓоргоновски така ги има поставено работите што на нас тренерите не ни останува ништо друго освен да мислиме како поквалитетно да го одработиме тренингот. Сè е на едно високо ниво.“

Многу се скромни и едноставни целите и причините за неговата посветеност во работата со младите.

„Спортот е најдоброто за младите. Стануваат поодговорни личности, добиваат дисциплина, воспитувани се со колективниот дух. Да не се биде индивидуа, која ќе мисли само на себе, туку да се биде во корелација со другите, соодносот, комуникација… На едни подготовки го имаме сето тоа, делиме сè… Тоа е и тортура на некој начин, бара жртви и откажувања, но носи големо задоволство. Со сите генерации кои сум работел, а и сега со оваа која ја водам, мое најголемо задоволство ќе биде ако ги видам во националниот дрес.“

„РОМАНСКИ И ГРЧКИ ЗБОРУВАМ ПОДОБРО ОД МАКЕДОНСКИ“

Лефтер за да биде она што е денеска, минал низ големи животни перипетија. Од Егејска Македонија, преку Романија, за да се врати назад дома во Македонија, која никогаш повеќе нема да ја напушти.

„Роден сум во Егејска Македонија и на само осум години однесен во Романија, каде учев основно училиште на грчки јазик. Потоа гимназија, факултет и магистратура за спорт и физичка култура завршив во Романија. Грчки и романски зборувам подобро од македонски јазик (се смее). Кога го комплетирав образованието работев во клуб, Политехника Галаци, за потоа во 1972 година имаше идеја, ние децата од Егејска Македонија да се вратиме во Скопје и вујко ми ме донесе тука. Веднаш почнав да работам како професор во гимназијата ’Ѓорѓи Димитров’, а потоа и во Вардар.“

ПРВ ОСВОЈУВАЧ НА ТУРНИРОТ ВО СТРУГА

Како тренер на РК Вардар, Лефтер Бошковски може да се пофали дека е прв освојувач на пехарот на еден од најстарите и најреномирани македонски ракометни настани, Струшкиот турнир.

„Во Вардар прво работев со жени, а по два-три месеци бев префрлен во машката сениорска екипа. Тоа е генерацијата на Јовановски, Божиновски, Савевски, Огњановски… Кога дојдов во Вардар немаше младинска екипа, затоа работев со сениори и со тој тим во 1973 година бевме прв освојувач на турнирот во Струга. Јас го предводев Вардар и кога избори пласман во Првата Југословенска лига, но се случија некои турбуленции во клубот и ме сменија. Потоа продолжив во Работнички и тука почнав да работам со млади. Имав една генерација, можеби мојата најталентирана како младинци, но не го постигнаа она што јас се надевав… Во тие години многу работев и со младинските селекции на Македонија одевме на турнири „Братство и единство“ низ Југославија.“

ИМАВМЕ ТАЛЕНТИРАНИ РАКОМЕТАРКИ, НО НЕ ПОСВЕТУВАВМЕ ВНИМАНИЕ

По осамостојувањето Бошковски се враќа во женскиот ракомет, како дел од стручниот штаб во Кометал Ѓ.П. каде вели дека имал генерација која можела да стигне далеку доколку добиела сериозен третман и внимание.

„Пет-шест години, веднаш по осамостојувањето, работев во Кометал. Тогаш имав една идеална генерација – Боева, Грчевска, Црвенковска, Савевска, Андреева, Кадриќ, Златановска…, но за жал управата на клубот не доволно ни помагаше. Одлична млада екипа за која кога доаѓаа моите пријатели од Романија велеа дека ние имаме поталентирани ракометарки од нив. Потоа тие станаа европски шампиони, а освоија и не знам колку медали во младинска конкуренција, додека нас не немаше никаде. Не успеавме тогаш затоа што недоволно посветувавме внимание на младите категории. Немавме доволно тренинзи, немавме сретства и услови да патуваме во најблиското соседство и преку натпревари екипата и играчите да растат. Не ни дозволи таа управа еден таков план за развој на девојчињата. Ако игравме со Србија, Хрватска, Романија… верувам дека ќе напредувавме и ќе стигневме до тој степен на квалитет. Ниту во Кометал не посветуваа доволно внимание на нас, но управата ни дозволи и со нивна помош го формирав клубот Олимпик, каде сите овие девојки тренираа и играа. Почнавме од Прва лига и уште во првата сезона игравме финале, но не обезбедивме место во Супер лигата затоа што така беше договорено да нема две екипи на Кометал во иста лига… Олимпик го финансираа родители и јас како професор се обидував колку можам да најдам спонзори, но не беше таа работа за мене и се откажав.“

ЕДИНСТВЕН СЕЛЕКТОР КОЈ ДОБРОВОЛНО СЕДЕЛ НА ТРИБИНИ

Во 1999 година Лефтер Бошковски е именуван за селектор на женската сениорска репрезентација, позиција за која вели дека не ја сакал.

„Случајно бев именуван за селектор на женската репрезентација. Не ја сакав таа позиција, немав што да ги научам девојките. Немаше логика јас да ги водам, кога сите тие тренираа во Кометал ЃП, со Јошко (Јосиф Петковиќ). Кога се договарав со управата на РФМ им реков дека можам да помогнам, дури имав идеја и да направивме селекторот само да ги селектира репрезентативките, а тренерот да ја води екипата. Едно време имаше таква пракса во Југославија, но не беше прифатен предлогот. Во тимот имаше една атмосфера, не знам како да ја објаснам, нечиста за мене. На натпреварите придонесував неверојатно малку, бидејќи што и да зборував ракометарките повеќе беа со Јошко и немаше смисол да се карам, не ни сакав да се карам. Затоа одлучив да седам на трибина за време на еден натпревар и да бидам единствениот селектор кој доброволно го сторил тоа. Во тоа време и политички многу се влијаеше, имаше многу неспортски потези од моја гледна точка.“

Неговата поврзаност со Романија е причината што таа селекција, која подоцна ќе стане и олимписки првак дојде во Скопје да игра пријателски меч со Македонија. И не само тоа, Романците го користат Лефтер и како главен советник кога станува збор за трансфер на некој ракометар или пак, анализа на некој балкански противник.

„На пријателска база женската селекција на Романија, која потоа стана и олимписки првак дојде да игра контролен меч со Македонија во Скопје. Ги чекав во Белград, каде дојдоа од ’Трофеј на Југославија’ во Пула. Имам прекрасен однос со Романската федерација. Задолжително се консултираат со мене кога станува збор за трансфер на некој играч или, пак, бараат видео материјал или некоја информација ако имам кога треба да се соочат со некој балкански противник.“

Веднаш доаѓа и прашањето дали тој е главниот виновник за трансферот на сите романски ракометари во Македонија!?

„Сите Романки дојдоа преку мене, Лекушану, Дину… Преку мене и моите пријатели во Македонија се дојдени и повеќе од 50 романски екипи. Лани имав покането и 110 деца од Крајова на кампот во Маврово.“

ПОВЕЌЕ МЕ ЦЕНАТ ВО РОМАНИЈА ОТКОЛКУ ВО МАКЕДОНИЈА

Повеќе од четири децении чичко Лефтер работи на иднината на македонскиот ракомет, но и натаму има чувство дека повеќе е ценет надвор отколку дома.

„И ден денеска многу повеќе сум почитуван надвор. Односот на луѓето кои работат во спортот во Романија е попристоен. Те ценат ако направиш нешто добро, за разлика од тука, тоа не го чувствувам. Кога одам во Олимписки комитет (МОК) вратите ми се отворени, но кога одам во Ракометна федерација, немаме некој однос кон луѓето кои помалку или повеќе придонеле за афирмација на ракометот. Таков народ сме, такво чувство носиме во себе. Кога се бираше селектор – кандидати бевме јас и Владимир Радиќ и јас им велам ’ако ме изберат мене, Радиќ ќе го земам за помошник’. Сите ми се смееја за таквиот став, но во спортот мора сите да помогнеме ако сакаме успех, но ние не ги гледаме работите така… Жалам поради тоа. Во Романија и денеска ме канат на прослави и јубилеи, ме паметат и ме спомнуваат, се почитуваат ’ловците на таленти’ и луѓето кои придонеле…“

За крај го прашав зошто никогаш не работел надвор од Македонија, а тој одговори:

„Македонија не ја напуштив никогаш иако имав шанси и многу контакти од надвор особено со семинарите за тренери кои се случуваа низ Југославија. Одбив многу понуди пред се поради фамилијата, но и бев почетник во Македонија и сакав тука и да останам.“