Малку се македонските тренери кои може да се пофалат со работни ангажмани во странство, но во Франција успешно работат Иван Марковски и Марјан Колев, а претходно тоа беа Ристо Магдинчев, Данило Брестовац, Томче Петрески…
Еден од најмладите стратези кои успешно чекорат по тренерскиот пат и тоа во Франција е 24-годишниот Светсилав Трајановски, кој работи во тимот на Нанси.
Трајановски потекнува од Куманово, каде што започнал да игра ракомет, но млад заминува во земјата на повеќекратниот европски, светски и олимписки шампион.
„Играчката кариера ја започнав во основното училиште, подоцна продолжив во Куманово пред да заминам во Франција. Играв на позиција лево крило во клубот во Стразбур, но на 17 години имав две повреди поради кои морав да останам цела сезона надвор од теренот. Тоа беше клучниот момент кога одлучив да играм рекреативно, а да се посветам целосно на семинарите со цел добивање тренерска лиценца“, ја започнува својата приказна Македонецот во краткото интервју за 24Ракомет.
Голема е разликата во работата пред се со младите играчи во Македонија и Франција, а тоа го потврдува и Трајановски.
„Мислам дека главната разлика помеѓу македонскиот и францускиот ракомет се наоѓа во самата формација на младите играчи како и пристапот на играчите во однос на тренажниот процес.“
Трајановски работи со машката младинска екипа на Нанси и со женската пионерска на истиот тим.
„Нанси е клуб кој брои околу 300 членови. Станува збор за мал клуб кој во машка конкуренција настапува во регионалната лига додека во женската конкуренција е во националната Н2 лига (Трета лига). Наша цел е формирање на преспективен играчки кадар кој што ќе биде респектабилен, соработуваме со професионални клубови од регионот каде што најталентираните деца имаат отворена врата. Искрено, верувам дека во скоро време во најсилните француски тимови ќе има деца кои поминале низ нашиот клуб“, продолжува Трајановски.
Франција е поинаку организирана кога се работи за натпреварувања во младинските категории.
„Франција е земја поделена на региони, секој регион е поделен на департаменти. Секој департамент прави селекција на играчи во сите младински категории. Играчи кои подоцна се селектираат на регионално ниво. Најталентираните се селектирани во така наречените „Pôle Espoir“, каде што им е овозможено тренирање ракомет и учење. Значи, секој регион има свој „Pôle Espoir“ и неколку пати во годината се организираат турнири помеѓу овие селекции. Најдобрите подоцна завршуваат во младинските репрезентации на Франција. Сето ова звучи убаво и примамливо, но во Франција функционира затоа што секој си ја почитува својата улога и своите квалитети ги става во сервис на ракометот, а не на свои лични интереси. Македонија е мала земја, има доволно ракометно едуцирани луѓе за да се постави по еден експерт во неколкуте региони кои континуирано ќе го следат развојот на децата и ќе прават селекција на истите. Експерти кои би можеле да напишат програма по која што би се воделе сите клубови од регионот па така, тренерот кој штотуку почнал да работи како тренер ќе знае кои квалитети треба да ги развие кај младите и така натаму. Уште една работа која мене многу ми се допаѓа во Франција е тоа што многу често се организираат семинари на кои што професионалните тренери организираат тренинг сесија со младите категории, тоа отвара можност за присуство на многу млади тренери, за меѓусебна дискусија и индивидуално надоградување“, продолжува Трајановски.
Тој го следи македонскиот ракомет и има желба во иднина да го пренесе своето знаење стекнато во Франција во неговата татковина.
„Македонскиот ракомет го пратам во целост, младински категории, како и Супер лига и Прва лига. Среќен ме прави фактот дека во последните неколку години постои подобрување на условите. Посебно ме радува тоа што се организираат неколку ракометни кампови преку кои децата можат многу да научат. Сигурно дека би сакал да работам во Македонија и да го пренесам искуството стекнато во Франција во мојата земја. Но мислам дека сеуште е рано да размислувам на таа тема, се водам според принципот дека што е мое ќе си дојде“, заврши Трајановски.