Пеколна конкуренција за Металург или Куманово во женската ЛШ – кои екипи се можни ривали

Македонија по две години пауза би требало да има претставник во групната фаза од Лигата на шампионите во женска конкуренција, со оглед на тоа што според ранкингот ни следува едно место. По Кометал Ѓорче Петров и Вардар, Куманово или Металург би можеле да станат трета женска екипа во групната фаза од ЛШ (тимот од Автокоманда, ТК Бренд и Еуростандард Ѓорче Петров имаа обиди во квалификации).

Според одлуката на РФМ, за место во европските купови за следната сезона, се важат резултатите од минатата сезона во Женската лига. Тоа значи дека претставник во ЛШ ќе биде Металург, а доколку тимот од Автокоманда не се пријави за елитното натпреварување, тогаш нема да може да игра во друг европски куп. Второпласираниот од претходната сезона, Куманово, исто така испрати барање до РФМ да биде пријавен во ЛШ доколку Металург не го искористи правото. Која македонска екипа ќе биде наш претставник останува да видиме на 1 јуни.

Пеколна ќе биде конкуренцијата за македонската екипа во групната фаза, и јасно е дека со сегашните ростери и Металург и Куманово не можат да бидат рамноправни со останатите екипи. Но веќе некое време има идеја низ ракометните кругови, РФМ и клубот претставник да направат клуб-репрезентација во кој ќе играат најголем дел од младите репрезентативки што се дел од сениорскиот национален тим, кои низ тие 14 натпревари од ЛШ, ќе можат да стекнат големо искуство што ќе им биде од корист за Европското првенство во 2022 година што ќе се игра во Македонија, Словенија и Црна Гора.

Од оваа сезона женската ЛШ исто како и машката ќе се игра во две групи по осум екипи, по што ќе следи осминафинале, четвртфинале и Ф4. Според рејтингот, директно место во групната фаза добиваат тимовите на Ѓер, Ростов Дон, Валчеа, Есбјерг, Брест Бретањ, Кристијансанд, Борусија Дортмунд, Куманово/Металург и Будуќност, плус претставник од земјата што има најмногу титули во последните три години во ЕХФ Купот, а тоа е данскиот Оденсе. Останатите шест места ќе бидат пополнети со екипи што ќе побараат вајлд-карта.

Според нас, романскиот, унгарскиот и францускиот вицепрвак – ЧСМ Букурешт, ФТЦ и Мец сигурно ќе добијат вајлд-карта, а третопласираниот тим од Русија, ЦСКА Москва, чиј спонзор е спонзор и на ЛШ, нема сомнеж дека ќе дебитира во елитата, па остануваат уште две празни места. Словенечкиот Крим и хрватската Подравка ќе се борат за едно од нив, додека за последното има многу кандидати – полскиот Лублин, чешкиот Мост, шведскиот првак Хор, норвешкиот вицепрвак Сторхамар и германскиот Битигхјам. Турскиот Кастамону и шпанската Бера Бера тешко дека ќе влезат во конкуренција за вајлд-карта, а прваците на Словачка, Белорусија и Австрија веројатно нема да пријават екипи во најелитното натпреварување.

Можен изглед на ЛШ за сезоната 2020/2021

Ѓер
Ростов Дон
Валчеа
Есбјерг
Брест Бретањ
Кристијансанд
Борусија Дортмунд
Металург/Куманово
Будуќност
Оденсе
———————–
ЧСМ Букурешт
Мец
ЦСКА Москва
Ференцварош
Крим/Подравка
Лублин/Кастамону/Бера Бера/Сторхамар/Хор/Битигхајм

Деталите би требало да бидат познати кон средината на јуни, па ќе видиме дали сите овие набројани екипи ќе се пријават за учество во елитната конкуренција. Едно е јасно, кризата со корона ќе ги намали буџетите на екипите, а со настапот во ЛШ ќе можат да ја подобрат финансиската конструкција со оглед на што ќе има богат награден фонд. Затоа борбата за место во елитата ќе биде тешка.

Натпревари од женската ЛШ, за разлика од машката, останува да се играат за време на викендот, в сабота и недела со почеток од 14:00 и 16:00 часот. ЕХФ на почетокот на јуни веќе треба да ги собрано пријавите од екипите за европските натпреварувања, а кон средината на тој месец ќе бидат познати сите детали и конечните листи на учесници пред ждрепката на 1 јули.