Сехалигашите и кажаа „НЕ“ на РФМ и на домашното првенство
1.Привилегирани и деградирани
Вардар и Еурофарм Пелистер не го прифаќаат предлогот на РФМ за враќање на сехалигашите во проширената верзија на домашната Супер лига. Ланскиот шампион и ланскиот вицешампион и кажаа „НЕ“ на РФМ држејќи се до правната норма дека промена во системот на натпреварување мора да се најави една година порано. И тоа е така во нормални услови кога промена во системот на натпреварување мора да биде усвоена од Собранието на РФМ една година пред да се имплементира.
Во вонредни услови кога првенството е прекинато, шампион не е прогласен, а за поделба на местата во европските купови се уште се дискутира, РФМ излезе со вонреден предлог за вонредна промена на системот на натпреварување. Една проширена верзија за следната сезона и една скратена за таа по неа. Основната идеја беше да се вратат сехалигашите комплетно во домашното превенство.
Предлогот за промена на системот на натпреварување кој повторно ќе го стави на прво место домашното првенство, уште од лани беше отворен и актуелен. Во вонредните услови сезонава, кога првенството беше прекинато пред да почне плеј-офот, уште повеќе дојдоа до израз негативностите на овој систем во кој два тима се привилегирани, а сите други деградирани. Вардар и Еурофарм Пелистер без ниеден одигран натпревар во домашното првенство, според нивниот став, треба да останат на привилегираните позиции и во наредната сезона во однос на другите 10 суперлигаши што испаѓа, залудно одиграле 17 кола во домашнта Супер лига. Или парактично тоа ќе значи Вардар и Еурофарм Пелистер, иако последните натпревари во македонското првенство ги играле во 2019, (не)формално да останат шампион и вицешампион и во 2021. Односно, и во сезоната 2020/2021 да играат во СЕХА, ама да не играат дома до плеј-офот во март 2021 и да ги добијат најдобрите две места во европските купови – Вардар во Лигата на шампионите, а Еурофарм Пелистер во групната фаза од новата Европска лига. Другите ќе делат тоа што ќе остане. Ако се согласат да останат во позиција на „субјекти од втор ред“ и ако РФМ оди по линија на помал отпор.
Во тој случај, можеби најпаметно е да остане се по старо и во наредната сезона. И, потоа „по пропис“ од 2021 да се скрати лигата и да се вратат сехалигашите. Оти инаку нема логика вонредната промена на системот – за едни по редовна постапка, за други по вонредна. РФМ во ќорсокак!
2.Еден компромис влече уште десет други…
Зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано! Не знам од каде „генијално“ излезе, ни зошто вонредно требаше да се протне, ама предлогот на РФМ за проширување, па за скратување на лигата, од старт „мирисаше“ на дополнителен хаос. Најсилните лиги и во Франција и во Германија и во Шпанија се во едно, а кај нас треба да биде поделна во две групи?! Затоа што имаме многу силни екипи или пак сме ептен голема територија, па тешко е да се стигне од Велес до Прилеп? Или пак е некој компромис и полудиригирана „желботека“ за мир во куќа?
Една работа, никако не ми е јасна. Ако е добар предложениот проширен систем, зошто наредната година пак треба да се менува? Ако е лош, зошто воопшто се воведува? Во тоа некако баш и нема многу логика!
Наместо концентрација на квалитет за поголем интерес во домашното првенство, сега може да добиеме разводнета полуаматерска лига. Наместо да се вратат шампионот и вицешампионот во Супер лига ќе влезе, безмалку цела Прва лига! И првите две, па и третите или вкупно шест ако Вардар и Металург ги повлечат вторите тимови. Кај многу од прволигашите, парите се ситни, а играчите со двојни професии, од 8 до 16 на работа, па потоа на трениниг…Тоа е перспектива за Супер лигата или во кризата кај нас нешто магично ќе се смени?
И после, се чудиме како може две моментно, најуспешни екипи да се стават над сите други и над домашното првенство од кое всушност се делегирани за надвор?
Е, па може кога веќе се е компромис.
Колку и да е добронамерен, еден компромис потоа влече уште десет други. Ако четири, а може и шест прволигашите во „желботеката“ станат суперлигаши, логично е потоа да им се попушти и на сехалигашите бидејќи концентрацијата на квалитет одма паѓа во вода.
Ќе бидат ли така сите задоволни? Дали јасни правила на игра или компромисот е решение за „мир во куќа“?
А, ракометот, кај ни е?
3.Почнаа трансферите
И додека на големо го мозгаме системот како во македонската Супер лига вонредно, да ја напикаме цела Прва лига, ама заради ваучерите да ја викаме „СУПЕР“, а сехалигашите да ни остават фотографија да не заборавиме дека и тие се од овде, останува да се поделат и местата во европските купови. И сите пак да бидат задоволни додека ситуацијата не се нормализира. Со прекинато првенство во кое едни играа други не играа, ама сепак, неспорно се моќен фактор на сцената, тешко е да се прецизираат критериумите по кои РФМ ќе ги подели позициите, а сите пак да бидат задоволни.
Од една страна имаме екипи со рејтинг и „минат труд“. Од друга страна, имаме одиграни 17 кола, вложен труд и средства што исто така, не може да се занемари. И како битен фактор – амбиција, но и гаранција за стабилна иднина, пред се на финансиски план.
Во таа насока, иако неизвесноста во повеќе сегменти се уште виси, почнаа трансферите и креирање на тимовите за следната сезона. Засега најмногу активности на тој план официјално има во Битола. И во заминувања и во доаѓања. Во Еурофарм Пелистер, можеби се очекуваа мали корекции за посилен тим во следната сезона, но Жељко Бабиќ сепак, направи малку поголема реконструкција. Впрочем, ќе беше чудно да не биде така…
Од ланскиот состав на Еурофарм Пелистер заминаа седум играчи, а засега официјално, дојдоа три нови имиња. Најнеочекуван од сите овие трансфери од и кон Битола е последната потврда дека од клубот заминува македонскиот репрезентативен голман Никола Митрески. Кога се менува речиси комплетниот костур на екипата и посебно кога заминува домашен играч со најголем придонес, дефинитивно, значи нова стратегија во најава. Колку ќе биде успешна ќе покаже времето.
Вардар, вообичаено е секогаш интересен во овој период. Годинава во една подруга ситуација кога враќањето на минатото за Вардар е воедно и гаранција за иднината. Михајло Михајловски одново ги презема работите во свои раце, а со него лесно се поврзува и враќање на некои добро познати имиња во „црвено-црниот“ дрес. Меѓу желбите, надежите, финансиската сила и можностите, не е исклучена ни неостварлива идејата Вардар повторно, да стави поголем акцент на репрезентативната база.
Од водечката тројка, ни Металург се уште не ги отворил картите до крај. Поранешниот шампион и вицешампион, беше на лидерската позиција во Супер лигата, со план да остане на стабилен курс и да се бори за дел од старите позиции. Засега официјално се потврдени и неофицијално најавени, неколку заминувања од Автокоманда. Плановите за „акција“ во обратен правец се уште не се обелоденети. Сигурно во голем дел, акцијата ќе зависи и од тоа каква ќе биде лигата дома и стартмната позиција на Металург во Европа.
И кај останатите клубови многу работи зависат од разврската на настаните. Дали ќе помине „желботеката“ или РФМ ќе ги затегне конците? Кој, каде, за кого и за што ќе игра…