СЕДМЕРЕЦ: Бод планина, пораз пустина


Планината е скопска, пустината викендов е битолска

1.Крилата на бековите

Во нормална ситуација реми дома е загубен бод. Во „ненормална“ ситуација кога не можеш да составиш ни два бека на терен, тоа е бод како планина! И кога ќе ги нареди човек, сите ситуации, фактори и пехови, ремито на Вардар со Кјелце го заслужи сиот аплауз во „Јане“.
Со се уште заменски тренер, со крила на бекови, а бекови повредени на клупа, со бековска линија во која има само еден бек и просечна висина од 179 сантиметри (Чупиќ 178 – Скубе 179 –Дибиров 180), против Талант и Кјелце во натпревар од Лига на шампиони, крајните 28-28 за Вардар се еднакви на подвиг.
„Од мака, нов стил на игра воведовме во ракометот“ – се пошегуваа навивачите на „црвено-црните“ гледајќи како крилата летаат на бекови.
Во европската ракометна елита тешко поминува импровизација, уште потешко таа носи бодови, освен ако не си ептен среќлија во несреќата. Или…ако си Вардар. Многупати досега вардарци добро испливале во незгодни ситуации, што се вели – добро се истренирани и токму тогаш кликнува оној посебен момент што е веќе заштитен белег на двојниот европски шампион – кога се случува невозможното и секој дава „102 посто“ на терен, а публиката „200“ на трибини.
„Ако фали некој, друг ќе влета да го покрие, тоа е силата на овој Вардар…“ – симпатично, на оној вардарски македонски, се обиде да објасни Иван Чупиќ, како тоа Вардар игра со четири крила.

2. Клучни моменти

Освен што Вардар е веќе навикнат да игра со пеховите, кога Димитар Маневски на клупата има повеќе работа од Кокшаров, Периќ и Писонеро заедно, вреди да се издвојат и неколку посебни моменти што придонесоа Вардар да остане непоразен во овој дуел со Кјелце.
-Тактички перфектно снимена ситуација и искористена максимално рационално. Брза игра и бркотница со Дибиров и Шишкарев беше нешто што најмалку им пасуваше на играчите на Кјелце по дваесетчасовното патешествие до Скопје. Добра проценка за добро отворање на мечот.
– Иако повреден, се очекуваше Криштопанс одвреме навреме да вади ситуација. Наместо тоа, десниот бек остана на клупата, а Вардар нападна на надворешната линија итро, брзо и ниско. Искуството на Чупиќ и на Дибиров помогна, а додека Талант ја престројуваше четата, Скубе ги помина.
– Дека од голман се добива и од голман се губи натпревар, во ракометот не е ништо ново. Калифа Гебдан реши во вистински момент да се искупи за сите „свирнати“ голови во изминатите шест кола и „го изеде“ Волф на другата страна. Да гледаш и да не веруваш!


– Публиката уште еднаш на Вардар му даде крила (тоа се плус 4 од сите страни, на оние 4 на терен). А, со оној посебен гест со кој го поздрави Игор Карачиќ, несвесно му стави „олово на нозете“ на својот миленик, сега за прв пат во Скопје во противнички дрес. Тешко дека некој може да остане рамнодушен на таков спортски момент. Не остана ни Игор Карачиќ.
– Фактор Столе во играта и во тимскиот дух на Вардар е видливо присутен откако се врати капитенот на терен. Она што нишка што недостасуваше во играта на Вардар додека Стоилов го лечеше коленото, сега е добро стегната.
Факт е дека сето ова носи еден голем плус на страната на шампионот во сезоната со големи предизвици. Но, реално, факт е и дека за големи резултати во ЛШ, на Вардар покрај целата магија му треба и квалитетна „дополна“ во составот. Само импровизација не е доволна, колку и да е таа извежбана до перфекција, како оваа „црвено-црната“.

3. Десетка за Работник, педесетка за Пелистер

„Црната дупка“ во Еурофарм Работник, на гостувањето против Спортинг во Лисабон, за „фармацевтите“ резултатски стана „јама“. Ако на почетокот на сезоната избраниците на Стевче Алушовски на неискуство остануваа без бод само за еден гол, во последните три кола, падот добива многу позагрижувачки размери и во играта и во резултатот.
Што е за право, и во Еурофарм Работник си имаат маки со повреди, ама -10 од Спортинг сепак, е малку многу дури и за дебитантот во ЛШ. Посебно во меч во кој има два клучни фактори во позитива – сигурен голман (Митревски 12 одбрани) и ефикасни бекови (Јотиќ 8, Остроушко 7 гола).


Од друга страна, зад двоцифрената негатива на „фармацевтите“ на овој меч стои и двоцифрена бројка на технички грешки и полни раце работа за Стевче Алушовски да ги поправи „фелерите“ во тимот пред да биде предоцна.
Ракометна Битола викендов немаше среќа во Европа ни со женската екипа на Пелистер, дебело поразена и експресно елиминирана од Заjечар во Челинџ купот.
Во по ранг најслабото натпреварување, пелистерки двата меча ги играа на теренот на противникот (од оние колку да поминеме на редот?!) и за два дена два пати стигнаа до неславна 50-ка. На првиот меч со Заjечар примија 50 гола и загубија со 30 разлика! На вториот примија 44 и на крај уште еднаш ја прескокнаа 50-ката, завршувајќи со вкупно 51 гол негатива во двата меча.
За потсетување, ова е втора ваква 50-ка за македонскиот женски ракомет сезонава по оние -59 на ЖРК Металург во блиц настапот во ЕХФ Купот.
Ако е за вака, поарно ич да не одиме во Европа!