И тоа го дочекавме, Вардар да даде само 4 гола во едно полувреме. Да бидеме реални, Кил оваа година има многу високи амбиции и е решен да освои се`што е можно… Но, нашето навивачко срце очекува победа на Вардар во секоја прилика. Токму затоа разочараноста може да биде поголема, но тоа не е доволна причина да го напуштиш твојот омилен клуб, твоите омилени ракометари, твоето омилено столче. Предвреме, да заминеш без да ги поздравиш твоите јунаци, да не знаеш како достојно да се носиш со пораз, зошто нели Вардар се сака само кога е шампион на Европа!
Втор натпревар дома, против Кил, и салата конечно полна (доволно полна како што треба да биде секојпат). Искрено, следејќи го Кил последниве неколку месеци, не очекував бодови, туку само уживање во уште еден ракометен ден. Но, се случи чудо. Вардар својот прв гол го постигна во, единаесеттата минута. Следниот после цели 10 минути. А на полувремето имаа дадено вкупно 4 гола. Ландин, кој мора да признаеме е меѓу првите 3, ако не и број 1 голман во моментот, фати се` што можеше, а и не можеше да се фати. Но, и стативата како да беше негов сојузник, па помогна во неколку напади.
Уште пред да дојдам имав решено да не се соживувам со играта, бидејќи победата ќе беше навистина еден подарок. Но, многумина од тие што, не знам како, решиле да дојдат во салата, не мислеа така… Па веќе на полувремето си заминаа.
Второто полувреме нашите сакани Вардарци го почнаа во свој стил… Со убава игра, некоја си чудна 3:3 одбрана, па гостите мораа да возвратат со игра 7:6 за да ги соберат. Тука свои моменти имаше Гедбан, кој мислам дека постигна 2, ако не и 3 гола, а атмосферата во салата заличе на себе, гласно, навивачки… Сепак, едно полувреме не беше доволно против стегнатиот Кил, па на крајот поразот беше неминовен.
Не е проблем што Вардар изгуби, но изгубивме и ние навивачите… Најверните навивачи со песна го испратија Вардар во соблекувалната, како да сме победиле, затоа што секој момент поминат во Лигата на шампионите со шампионот Вардар е слава. Здравје… Па и лани Вардар заврши трет во групата. Проблем е тоа што голем број од посетителите во салата, одлучуваат во еден момент дека им е доста па ќе си одат.
Па како не ви е срам да си отидете пред да се свири крај, а сте дошле тука облечени во црвено-црни бои? Што ќе добиете со тие неколку минути порано излегување, ако сте дошле да гледате ракомет? А на оние што доаѓаат само на дерби утакмици – каде сте кога Вардар игра против послаби тимови и веројатноста да победи е многу голема?
Македонските навивачи се сметаат за најдобрите во Европа, што значи и најдобри во светот, а против Кил покажавме дека спортската култура и манирите ни се под тој рејтинг… Веќе следниот натпревар дома очекувам повторно салата да биде полна како денес, за да го заслужиме тој епитет „најдобри“, а и да им покажеме на нашите шампиони дека заслужуваме да го имаме овде најдобриот ракомет во светот, како и трофејот за кој многу можат само да сонуваат.
А за нашите играчи, не се разочарувајте, следната недела победете и сите ќе заборават на овој неверојатно несреќен ден!
ПИШУВА А.К.Н.