Од Стара Пазова до Словењ Градец ќе се токми составот на македонската репрезентација за ЕП.
1.Ќе се исплати ли ризикот на селекторот?
„Подготвен сум да ризикувам и да уфрлам млади играчи на Европското првенство…“, најави селекторот Данило Брестовац на стартот од подготовките на машката ракометна репрезентација на Македонија пред настапот на Европското првенство во јануари. Ризикот на селекторот носи нов пристап во подготовките, поширок состав, одмор пред ЕП за оние што се искусни и сигурни и шанса за другите да изборат доверба за преостанатите 5-6 места.
Од Стара Пазова преку Букурешт до Словењ Градец ќе се токми составот на македонската репрезентација за шестиот настап на европските шампионати, петти во серија од 2012 наваму. Два меча со Кувајт во Стара Пазова, два со Алжир и со Романија или Холандија во Букурешт ќе бидат „изборни“ за играчите од поширокиот состав. Контролата со Словенија во Словењ Градец два дена по Нова Година ќе биде финална пред континенталниот шампионат во Виена.
Ќе се исплати ли ризикот на селекторот пред неговото прво ЕП како прв човек на македонската клупа? Ќе одговорат ли играчите на шансата и предизвикот? Дали од вниманието на „поширокиот“ ќе трпи подготовката на „потесниот“ состав што ќе игра на ЕП? Доволна ли е само една седмица заеднички подготовки пред ЕП за да се склопат коцките, да се врзе играта, па ако сакате и хемијата во тимот што ќе игра во Виена?… Прашања има колку сакате! Оти, ние стандардно, секогаш помалку тешко „ги вариме“ промените.
Сепак, во случајов, многу поважни се одговорите. А, и нив ќе ги добиеме за брзо, по празниците.
2.Бундес-клупата ни го ремети сонот
Но, сите оние прашања од погоре се од оној површински „техничко-тактички“ дел за кој ризикот го носи селекторот со стручниот штаб. Делумно причински-последнично поврзано и со она што е малку под површината како реална состојба зад идеалната слика и големите очекувања.
Што може да очекуваме од репрезентација во која капитенот со 39 е играч на месецот во Франција, а ударната сила од новата генерација со 22-23, „грее“ клупа во Германија? Во перспектива не многу, освен ако не се смени нешто магично во оние 7-8 дена пред Виена.
Парадоксот е што Македонија никогаш досега немала толку многу репрезентативци во најсилната лига во светот, а од друга страна, токму Бундес лигата, најмногу ни го ремети сонот пред ЕП. Секоја чест за напредокот на Мартин Томовски и на Жарко Пешевски, ама бундес-клупата на Филип Кузмановски и на Филип Талески, може и тоа како да биде проблем за ударната бековска двојка да се врати во шутерски ритам и подготвеност да преземе одговорност на ЕП.
Во октомвриската недела на ЕХФ, Кире Лазаров за проба, поседе на клупа и туркавме некако со Грузија. Ама едно се пријателски со Грузија во Скопје, а комплетно нешто друго ќе бидат дуелите со Украина, со Чешка и со Австрија што не очекуваат во првиот круг на ЕП во Виена за продолжен престој на „синиот Дунав“.
Различен е и теренот и влогот.
3.Тивко испраќање, весело враќање
Дека селекторот Брестовац ќе има многу работа, а богами и главоболки во овие петнаесетина дена, тоа е сигурно. Но, тактички, барем тргна од глава дел од оној дополнителен притисок што репрезентацијата традиционално го трпи пред секој голем настап.
Македонските ракометари овој пат, во поголем дел од подготовките пред ЕП, ќе биде далеку од очите, па и од притисокот на домашната јавност која, да бидеме искрени, понекогаш знае да биде и помалку напорна во онаа пред-јануарска еуфорија. И колку и да жалиме дека ете, нема ни еднаш да ја гледаме нашата репрезентација во живо пред ЕП, тоа сепак, можеби е и најдобар избор за да можат репрезентативците да бидат целосно посветени и фокусирани на подготовките.
Ако се сеќавате, една слична „изолација“, чинам беше на Копаоник, во една слична транзициска ситуација пред првиот голем настап на СП 2009 во Хрватска, тогаш се покажа како полн погодок на македонскиот стручен штаб. Искрено, посакувам да биде таква и оваа „словенечка“ изолација пред ЕП на репрезентацијата.
Тивко испраќање, весело враќање. Подобро отколку обратно.
Виена колинг – Скопје чека!
„Сонувај. Победи. Запамети.“