Игор Карачиќ беше прогласен за ракометар на годината во Хрватска, а таа титула е сосема заслужена по освоената круна со Вардар во Келн, како и по признанието за најкорисен играч на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Во интервју за хрватските медиуми, Карачиќ се присетува на времето во Вардар и Скопје.
„Тоа е приказна за цел живот, осум години поминав таму, Скопје ме врза за цел живот. Напишаа Македонците дека можеби ќе живеам таму, но не е така, јас сум повеќе за потегот од Мостар кон југ. Вистина е дека во Скопје ја најдов и љубовта, но тоа не значи дека ќе се вратам таму. Отидов од спортски причини, некои работи престанаа да функционираат, а по осум години ми требаше нов мотив. Добив сјаен договор во Полска, добив врвен клуб и прилика да се остварам како играч. Келце е одлична екипа, и само треба да продолжиме така понатаму. Нема сличности со Вардар, тоа не е за споредба, различен е менталитетот“, вели Карачиќ.
Тој се присетува и на мечот од полуфиналето на Ф4 во Келн против Барселона и на епскиот пресврт во второто полувреме.
„Тоа полуфинале за Барса беше голем притисок, бидејќи пред две сезони со голот на Циндриќ ги елиминиравме. Тој притисок кај нив се виде во последните 15 минути, кога цела сала се дигна на нозе и почна да навива за нас, а тогаш бевме на минус четири. Тоа беше незаборавно. Се сеќавам дека Чупиќ на полувремето го имаше главниот збор во соблекувалната. Потоа играта од тоа полуфинале ја продолживме и во финалето против Веспрем, кој немаше шанси, дури и кога се приближи. Бевме толку самоуверени, тоа едноставно беше Вардар во вистинско светло. МВП никако не очекував, секогаш мислиш дека некој друг ќе биде…мораш да имаш барем 5 МВП во тимот ако сакаш да освоиш титула. Ние го имавме Кристопанс, и Милосављев, и Стоилов, и Дибиров, и Скубе…едноставно беше одличен тим“, заврши Карачиќ.
Со македонскиот тим Карачиќ освои две титули, а три пати настапи на завршниот турнир во Лигата на шампионите.