„РЕТРОРАКОМЕТ“ со Наталија Тодоровска: Кометал беше нешто посебно!

Најверојатно не постои човек во нашата земја кој не го памети успехот во сезоната 2001/2002 кога Кометал го освои врвот на Европа. Огромна заслуга за овој подвиг оди на сметка на тогашното десно кирло во тимот – Наталија Тодоровска.

Како дојде до најголемиoт успех во историјата на Македонија, кој и е најдраг спомен од ракометната кариера, каде е Наталија денес прочитајте повеќе во ексклузивното интервју на 24ракомет.мк

-Раскажете ни повеќе за вашите почетоци во ракометот и за деновите поминати во Русија?

Кај нас во СССР принципот на бирање на играчите започнува со тоа што тренерите одат во школите и бираат деца кои ќе ги повикаат на тренинг. Така јас отидов на првиот тренинг и ми се допадна многу тоа што го видов. Особено привлечен беше фактот што државата плаќа за различни патувања и натпревари со деца кои се на иста возраст. Можноста за дружба и патувања беше особено привлечна за мене и така започна се. Набрзо големиот руски тренер Левон Акопјан кога ме виде на еден тренинг заклучи дека имам огромен талент и тоа ме доведе до првиот тим во екипата на Волгоград.

За кратко време следуваа и титулите во рускиот шампионат кои на број изнесуваат вкупно 6 и победа во рускиот супер куп, но особено драг ми е фактот што со мојата екипа дојдевме до голем успех кога го освоивме четвртото место во Европа. Значењето на успехот е уште поголемо бидејќи тогаш дојде до распад на Советскиот Сојуз и ова беше прв голем подвиг на една руска екипа.

-Како се случи да дојдете во Македонија?

Долго време играв за првата екипа во Аква и за руската репрезентација што значеше доста голем напор за мене бидејќи тренинзите се прилично тешки и дополнително секој месец имаше турнири и различни натревари. Руското првенство е многу тешко бидејќи имаше доста силни екипи што значи дека како играч доста се трошиш. Преголемиот напор за жал резултираше со здравствени проблеми кај мене кои се јавија откако го освоивме четвртото место со Русија на Светското Првенство во Германија во 1997 каде што ја добив наградата за најдобро десно крило на светот. Потоа една година играв исклучително во Лигата на Шампионите и следуваше период од една година кога воопшто не бев активна на теренот.

Во една прилика Акопјан ми рече дека уште сум млада и можам да играм. Притоа тој ми зборуваше за Кометал и за Трифун, како се работи за одличен клуб и човек кој што нема да ја изневери мојата доверба. Во тоа време Македонија и општо Југославија не важеа за земји кои ги вршат работите како што треба и обично никој не сакаше да оди таму да игра. Бидејќи имав четири години по ред понуди од Кометал се решив конечно да дојдам тука.

10711337_10153186095792977_721364719_n

-Раскажете ни повеќе за шампионската 2001/2002 сезона?

Првата година кога дојдов тука донесов среќа со освојување на Лигата на Шампионите. Ние со Бујанова дојдовме тука токму со таа намера  и сите бевме убедени дека можеме да го направиме тој успех затоа што имавме одлична екипа која беше предводена од прекрасен тренер. Кометал беше нешто посебно. Имавме многу добра навивачка група која цело време беше со нас за да ни даде целосна поддршка. Многу е битно тоа што ние цело време ја имавме нивната поддршка, без разлика дали победувавме или губевме. Лесно е да те сакаат кога победуваш, но многу е битно да те подржуваат кога губиш. Дури кога игравме во финалето голем број од поддржувачите дојдоа со нивните автомобили пред нашиот хотел и свиреа за поддршка. Постигнавме навистина голем успех кој што до сега никој во Македонија го нема надминато. Морам да напоменам и дека бев многу воодушевена  од македонскиот народ, кога победивме и прославуваме на бина и дојде до една ситуација кога  мене ми падна телефонот во публика и  луѓето ми го вратија.

Секако лично за мене многу битен момент е тоа што токму во Македонија ја пронајдов и љубовта на мојот живот.

-Со кој од играчите најдобро се согласувавте на терен?

Имав одлична соработка со доста играчи, но можам да кажам дека најдобро се согласував со Индира Кастратовиќ. Често пати на тренинг работевме на овој сегмент и затоа на терен едноставно меѓусебно ги читавме нашите намери. Интересна ситуацијата беше кога играв заедно со Кисељева во ист тим бидејќи како што сите паметиме таа секогаш беше прва во контра-напад, но сепак и со неа супер функциониравме.

-Дали имавте други понуди по доаѓањето во Кометал?

Мојот тренер Акопјан секогаш велеше дека е најбитно да се остане човек. Парите не се толку битни бидејќи тие се заработуваат и се трошат. Тука во Кометал, Трифун Костовски,  Драгица Костовска ми беа како родители и така не примија како да сме дел од нивното семејство, па поради тоа никогаш не ни помислував да си заминам од тука иако имав доста понуди од странство. Имав одлична понуда од Ања Андерсен и во тој момент неприкосновениот Шлагелсе, но во една прилика прилика го фатив Трифун Костовски за рака и и реков на Ања Андресен дека поради овој човек јас нема да заминам од Кометал.

-Кој е вашиот најдраг спомен од ракометната кариера?

Во 1993 кога је родив мојата ќерка ние за прв пат како самостојна држава Русија го освоивме младинското првенство. Особено ми е драг успехот бидејќи ја жртвував мојата ќерка која мораше да остане дома со нејзината баба и со освојување на златниот медал донекаде успеав да го оправдам тоа жртување. Исто така во 1997 со Руската А репрезентација го освоивме четвртото место на Светското првенство во Германија и тука бев прогласена за најдобро светско крило.

-Зошто се одлучивте да земете македонско државјанство?

Кај нас во Русија има многу играчи и сакав да им дадам простор на младите играчи. Ако тренерот е сигурен во мене без разлика колку квалитетни помлади играчи има на располагање тој нема да се откаже од мене. Имаше и една ситуација кога јас не бев во тренажен процес, а Трефилов ме замоли да играм на квалификациите против  Шпанија во Тољати. Желбата да дадам шанса на некој од помладите да заигра за репрезентација ме натера да го земам македонското државјанство. Сметав дека тука на никој во тој случај не му го одземам местото, а притоа ќе помогнам на репрезентацијата да дојде до поголем успех. Се започна со квалификации, па подоцна стигнавме и до големите натпреварувања.

-Колку ви влијаеше мајчинстовто врз кариерата?

Кога сте професионален спортист треба нешто да жртвувате. Сакав да направам кариера но истовремно да заработам и доволно пари за ќерка ми да има добра иднина и ова ме водеше низ целата кариера. Покрај тоа што во голема мера таа беше жртва поради мојот спортски живот, многу сум среќна што  порасна во една одлично воспитана млада девојка.

10708479_10153186095762977_1653657596_n
Со ќерката Јулија

-Дали жалите за некоја одлука која сте ја донеле во животот?

Не, не жалам за ништо и од оваа преспектива ништо не би променила. Ако донесете некоја одлука многу е битно да стоите позади истата и да не го менувате мислењето. Без разлика понатаму дали ќе жалите, работите веќе се случиле и вие не можете да ги промените па затоа најдобро е да ги прифатите нештата онакви какви што се и да бидете задоволни од вашите одлуки и само така можете да одите напред во животот. Единствена работа која можам да ја издвојам е дека на мојата ќерка не сум и посветила доволно внимание колку што сакав.

-Колку е променет ракометот во изминативе некоку години?

Се оди нанапред и затоа е логично и спортот да оди во иста насока. Ракометот се менува секоја година. Во наше време беше многу спор, а денес многу добива на брзина. Не постоеше технологија за да се види кој играч од кој позиција најмногу шутира и немаше можност за анализи какви што има денес. Немавме ни теретани, се се сведуваше на игра и борба. Денес имаме и различни типови на тренери, кондиционен, тренер на голмани и квалитетот на играчите е многу подобар.

-Можете ли да направите споредба на Вардар и Кометал?

Не може да се споредат условите кои ги имавме ние тогаш и сега. Во тоа време според ситауцијата која беше низ ракометна Европа ние имавме добри услови и среќни бевме поради тоа што фановите доаѓаа и по три часа порано за да фатат место на трибините во златото Кале. Порано многу беше битен тимскиот дух и тоа беше клучно за играчите при бирање на новата средина за разлика од играчите денес кои се водени најчесто од финасиски мотиви.

-Што прави Наталија Тодоровска денес?

Веќе трета година по ред со мојата добра другарка Јулија Црвенковска имаме фирма за рекламен материјал – “Promo time”.  Сепак желбата да ја работам својата професија и како дипломирана на факултет за физичка култура се решив да конкурирам на изборот за националната академија и сега тренирам деца од трета година. Има доста квалитетни и талентирани деца кои се надевам дека ќе успеат еден ден да се пробијат. Исто така сметам дека државата треба да ја искористи моменталната ситуација во која се наоѓа македонскиот ракомет и со тоа да влијае на него. На пример со носење на закон може да се влијаие на ограничување на бројот на странски играчи кои можат да настапуваат во домашното првенство. Ова секако ќе придонесе понатаму за подобрување општо на спортот во земјата како и на репрезентацијата на Македонија.