Германија ја освои својата прва титула во историјата на Светското кадетско првенство откако по едно од највозбудливите финалиња во историјата на ракометот, ја совлада Шпанија со 41:40 по изведување на седмерци. Финалето во Каиро траеше неверојатни 80 минути, а победникот беше решен дури по пенал-рулет.
Шпанија имаше шанса да стане само третата репрезентација со одбрана на титулата по Данска и Франција, но германската селекција ја испиша својата историја, правејќи хет-трик на сите нивоа – по сениорска и младинска, сега ја освоија и кадетската светска круна.
Шпанците подобро го отворија мечот и по серија од четири гола поведоа со 11:6, предводени од Паљота Де Андрес и голманот Давид Фуентес кој собра четири одбрани во првите девет минути. Германија се врати во игра со агресивна игра „седум на шест“ и на полувреме замина со минимален минус, 16:14.
Во второто полувреме „панцирите“ целосно ја анулираа предноста, со Јан Грунeр и Линус Шмид како најдобри стрелци. Сепак, Шпанија пак ја презеде контролата, а Серхио Санчез Видал постигна три гола по ред. На крајот на регуларните 60 минути резултатот беше 27:27 – прво финале во историјата на ова натпреварување што влезе во продолженија.
Во првото продолжение Германија поведе со 29:27, но Фис го врати својот тим и со два гола израмни на 31:31. Второто продолжение му припадна на шпанскиот состав кој поведе со 36:33, но драмата штотуку започнуваше. Во последните 80 секунди Шпанија направи серија грешки, а Германија со три гола во низа избори пенали, 36:36.
Во пенал-серијата Германија беше посигурна – реализираа пет од седум удари, додека Шпанците само четири. Германските голмани Кнаак и Дурмиќ одбранија три клучни седмерци и ја запечатија најголемата победа во историјата на германскиот ракомет во младинските категории.