Министерството за спорт заокружи една година од својата работа, а министерот Борко Ристовски на прес-конференција го сподели годишниот отчет.
Тој потенцираше дека целта, која беше спортот да го добие заслуженото место во општеството, е остварена.
„Кога го формиравме Министерството за спорт, целта беше спортот во Македонија да го добие заслуженото место како една од најважните општествени области. Една година подоцна, можам слободно да кажам дека ја остваривме првичната цел и поголем дел од тоа што го зацртавме како приоритет“, истакна министерот за спорт Борко Ристовски на денешната прес-конференција на која беше презентиран годишниот отчет за првата година од формирањето на Министерството за спорт.
Во изминатите 365 дена работата на Министерството за спорт беше насочен кон подигнување на македонскиот спорт на повисоко ниво со фокус на изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и воспоставување на стабилен систем во кој се вреднуваат резултатите.
„Идејата беше македонскиот спорт да добие институционална поддршка на највисоко ниво, да воспоставиме стабилен систем, јасни критериуми и цврста основа. Да вложуваме во спортот, да му дадеме стимул на врвниот спорт, но и да создадеме услови секоедете да може да спортува и да има пристап до спортски содржини. Ако кажам дека беше лесно, ќе ве излажам. Воопшто не беше ни лесно ни едноставно да се излезе од ќорсокакот во кој беше доведен македонскиот спорт во изминатите години, со свесна немарност, негрижа на системот и изместени вредности, сѐ со цел спортот од општествено добро да се претвори во средство за личен профит“, рече Ристовски.
Во годишниот отчет за работата на Министерството за спорт резултатите беа презентирани и низ конкретни бројки.
„Како Министерство за спорт во изминативе 12 месеци обезбедивме и исплативме рекордни 20 милиони евра директна финансиска поддршка за македонскиот спорт. Овие финансии националните спортски федерации, клубовите и спортистите сега ги добиваат директно од државните субвенции за спортот и дополнителните средства што законски се издвојуваат од игрите на среќа.Во овој дел ги обезбедивме и го исплативме заостанатите- ветени и нерелизирани субвенции од претходната власт во висина од 550 милиони денари за претходната година.Потоа, за 4 месеци во 2025 година обезбедивме и исплативме уште 440 милиони денари како прв дел од државните субвенции за спортот за оваа година. До крајот на годината на спортските субјекти ќе им биде исплатен и вториот дел од субвенциите“, истакна Ристовски.
Во меѓувреме беа исплатени и средствата од игри на среќа како поддршка за врвниот спорт, за училишниот спорт, за поддршка на женскиот спорт и на млади талентирани спортисти.
Со заложба да се почитуваат спортистите и да се вреднуваат резултатите, не беа заборавени ни оние што ги поставиле темелите и што дале огромен придонес во издигнувањето на македонскиот спорт и во негова промоција на меѓународна сцена. Со измените во Законот за спорт, 22 истакнати спортисти, освојувачи на европски и светски клупски титули добија највисоко Национално спортско признание.
„Ова нека биде поттик во иднина да имаме и нови добитници на ова највисоко спортско признание.Покажавме дека сепак, можело да се направи тоа!“, нагласи Ристовски.
Целиот отчет на министерот Ристовски може да го прочитате ТУКА.