24Ракомет дознава: Селекторот на Македонија заминува во Саудиска Арабија!

Актуелниот селектор на женската репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, ќе има и клупски предизвик во претстојната сезона. Како што дознава 24ракомет, тој се сели во Саудиска Арабија во тимот на Ал Мудар каде што ќе биде дел од стручниот штаб на клубот.

Ведаш по одигрување на вториот меч од квалифкациите за ЕП 2024 година против Литванија, Грчевски треба да замине на својот прв интернационален клупски предизвик. Тренер на Ал Мудар е Црногорецот Зоран Кастратовиќ, а тој заедно работеше со Кристијан Грчевски во Саудиска Арабија летово, па сега одново двајцата ќе соработуваат, но во клуб. Кастратовиќ кој има и македонски пасош своевремено беше и селектор на различни генерации на македонските сениорки.

Грчевски претходниве неколку сезони беше тренер на Бутел и со екипата ги оствари најдобрите резултати на скопјани, двапати играјќи во европските купови. Летово ја водеше и женската кадетска репрезентација на Македонија на ЕП 2023.

Селекторот паралелно ќе ги извршува двете функции и ќе ја предводи сениорската репрезентација до крајот на квалификацискиот циклус за ЕП 2024 што ќе се игра во Австрија, Швајцарија и Унгарија. После овие октомвриски квалификации, следните се дури на пролет 2024 година.

Грчевски стартуваше победнички на клупата на Македонија, со висок триумф над Азербејџан, а посериозен испит би требало да биде гостувањето во Виљнус кај селекцијата на Литванија в недела од 15:00 часот.