24Ракомет дознава: РФМ ги исфрли Скопје и Гевгелија од лигата!

Ракометната федерација на Македонија донесе одлука за последниот меч одигран меѓу Скопје и Гевгелија во рамките на Купот на Македонија. Дисциплинската комисија на македонската куќа на ракометот ги исфрли двете екипи од системот на натпреварување, дознава 24Ракомет.

Казна има и за одговорните лица во двата клуба. За ваквата одлука се известени и клубовите, а покрај исфрлувањето на сениорските екипи, сите останати селекции на Скопје и Гевгелија, ќе бидат исклучени од младинските конкуренции за сезоната 2024/25.

Веројатно утре РФМ ќе ја потврди одлуката и ќе објави детали за членовите според кои е донесена ваквата одлука. Дисциплинците на РФМ реагираа веднаш по скандалозниот натпревар одигран во саботата во Купот на Македонија, кој Гевгелија го доби против Скопје со 17-16, а ракометарките си постигнуваа автоголови, со цел да не победат.

Тоа значи дека во плеј-аутот на Женската лига, каде што требаше да играат Скопје и Гевгелија ќе останат само седум екипи, кои од декември ќе го стартуваат ова натпреварување, а двете екипи нема да го одиграат ниту последното коло од регуларниот дел.