Регионалната лига на Балканот, за почеток со три земји, Македонија, Србја и Црна Гора засега сè уште не е официјално формирана, но по вчерашниот состанок во Белград веќе е јасно дека не станува збор само за почетна идеја. Како што дознава 24Ракомет, во разговорите не се зборувало само за тоа дали лигата може да стартува, туку и каква тежина би можела да има уште од самиот почеток.
Најинтересниот детал што излегува од тие разговори е можноста победникот на идната регионална лига директно да добие место во Лигата на шампионите. Ако тоа навистина се реализира, тогаш целиот проект веднаш би добил многу поголема вредност и сосема поинаква димензија.
Во таков случај, регионалната лига нема да биде само уште едно дополнително натпреварување во веќе густ календар. Таа би станала конкретен пат кон европската елита. Тоа би значело дека земја од овој регион, ако веќе има обезбедено место во Лигата на шампионите преку редовниот систем, би можела преку ова натпреварување да добие уште еден клуб во елитата. Засега ниту една земја нема директно место во ЛШ, и сите шампиони ќе мораат да бараат вајлд-карта. Меѓу нив и Македонија, иако досега редовно сме добивале, па не сме стравувале дали во нашите сали ќе се гледаат мечевите од ЛШ. А македонските клубови во Европа, последниве години имаат и забележителни резултати.
Токму тука лежи и најголемата разлика во споредба со досегашните регионални проекти. СЕХА лигата, и покрај целата атрактивност што ја имаше во одреден период, и силните клубови кои учествуваа никогаш немаше ваква директна натпреварувачка поддршка од ЕХФ. Победникот таму не добиваше пласман во Лигата на шампионите, ниту автоматски влез во некое европско натпреварување. Ако оваа нова лига навистина добие таква вредност, тогаш сосема е јасно дека ќе стане многу попривлечна и за клубовите и за федерациите.
Засега, официјална потврда од ЕХФ за ваков модел нема. Сепак, според информациите што кружат во ракометните кругови, постои расположение и наклонетост оваа идеја да добие институционална поддршка. Не се исклучува можноста таа поддршка да биде добиена и многу скоро, особено ако се знае дека неколку дена пред новиот состанок во Скопје, каде што на маса треба да седнат федерациите и клубовите, ЕХФ ќе има состанок на својот Извршен комитет.

Тоа дополнително ја крева важноста на целата приказна, бидејќи постои реална можност токму регионалната лига да биде една од темите што ќе се најдат на дневен ред. Ако од таму стигне позитивен сигнал, тогаш проектот во Скопје ќе добие многу посилен ветер во грб.
Она што засега официјално е познато е дека на состанокот во Белград претставниците на федерациите на Македонија, Србија и Црна Гора разговарале за формирање машка и женска регионална лига и притоа покажале јасна желба тие да стартуваат веќе од следната сезона. Кај мажите е планирано да настапуваат клубови од овие три држави, додека кај жените, покрај Македонија, Србија и Црна Гора, во приказната треба да се вклучат и Словенија и Хрватска. И кај мажите би имало проширување со нови земји, но најважно е да се почне.
Сепак, клучните работи допрва треба да се решаваат. Форматот на натпреварувањето, начинот на организација, календарот, финансиската конструкција и сите останати детали треба да бидат тема на следниот состанок во Скопје, каде што ќе бидат вклучени и клубовите.
А токму таму и почнуваат најголемите дилеми.
Идејата на хартија звучи привлечно, но клубовите и понатаму ја гледаат со доза на скепса. Прашањата се логични – како ќе изгледа организацијата, според кои стандарди ќе се игра, колку ќе чини учеството, каква ќе биде ТВ вредноста, дали календарот ќе издржи и, најважно од сè, дали оваа лига навистина ќе донесе јасен спортски бенефит, и нормално финансиски за клубот.
Токму затоа евентуалната поддршка од ЕХФ би била пресудна. Ако европската куќа на ракометот навистина застане зад проектот и ако победникот добие директен пат кон Лигата на шампионите, тогаш целата слика веднаш се менува. Во таков развој на настаните, скепсата кај дел од клубовите многу полесно би можела да се претвори во подготвеност за влез во лигата.
Во спротивно, ќе остане прашањето дали ова ќе биде само уште една амбициозна регионална идеја која убаво звучи, но тешко се спроведува во пракса.
Според досегашните информации, идејата за ваква лига потекнува од спортските институции и министерствата на трите земји. Нејзината основа беше поставена уште лани во Скопје, кога се одржа турнир од промотивен карактер. Сега веќе се разговара и за тоа државите да помогнат финансиски за проектот да може да живее, додека паралелно се бараат и решенија во календарите за лигата да биде прифатлива за сите.

Тоа и ќе биде најтешкиот дел. Без јасна финансиска рамка, без сериозни организациски стандарди и без доволно простор во сезоната, лигата тешко може да стане стабилен и одржлив проект на подолг рок.
Во целата оваа приказна, Македонија влегува од позиција на земја која во моментов има најквалитетна лига меѓу трите пазари што се споменуваат. Домашното првенство носи многу повеќе неизвесност, повеќе дерби натпревари и посилен натпреварувачки ритам отколку што тоа во моментов е случај во Србија и Црна Гора. Во Македонија веќе има четири сериозни и квалиттени екипи, и според буџетите и според играчкиот кадар. Еурофарм Пелистер игра во Лигата на шампионите, Вардар стигна до четвртфиналето на Лига Европа, Охрид исто така игра четвртфинале на Купот на ЕХФ…
Токму затоа, кај македонските клубови дилемата е најчувствителна. Дали да се влезе во проект што може да донесе нов престиж, дополнителна видливост и европски бенефит, или да се ризикува нарушување на систем што веќе произведува квалитет и конкурентност. И домашното првенство на Македонија е неизвесно и секој меч е дерби без разлика против кого се игра.
Одговорот на тоа прашање најверојатно ќе почне да се добива во Скопје. Ако до тогаш стигне јасен сигнал од ЕХФ, а можеби и конкретна формална поддршка, тогаш регионалната лига ќе влезе во сосема нова фаза. Ако не, тогаш и понатаму ќе остане отворено прашањето дали станува збор за проект со вистинска европска тежина или за уште една добра идеја што тешко ќе се вклопи во реалноста на клубовите.
Регионална лига ќе има, a во каков формат – ќе се решава во Скопје!
Што добива, а што губи – и треба ли регионална лига на Македонија?
























