За Македонија настапот на Европското првенство во Германија ќе биде осмото учество на континенталните собири и пред се, репрезентацијата треба психолошки да се подготви, акцентот да биде ставен на самодовербата и вербата во своите квалитети и можности. Тоа значи дека не треба да одиме во Германија за да се задоволуваме со минимален пораз или пораз со помал од десет гола разлика од домаќините и актуелниот олимписки шампион Франција. Во ниту еден спорт не треба така да се размислува така, тоа е погубно според мене, јас сум бил и играч и тренер и пред ниту еден натпревар не сум размислувал на такво нешто. Германија не е тоа што беше, ниту Швајцарија е толку страшна, најпрво треба да веруваме во своите квалитети, да не размислуваме за силата на големите репрезентации, бидејќи денес во ракометот секој може да победи секого.
Основа на секој колективен спорт и темел е одбраната и физичката подготвеност. Мора да бидеме беспрекорни за 70 минути игра, не само за 60 минути, доколку сакаме да го издржиме темпото. Според мене, нашата репрезентација не смее на Европското првенство да игра една одбрана, ние не сме некоја сила од рангот на Шпанија, Данска, Франција…Овие репрезентации имаат изградено свој систем, кој го негуваат со години. Сите 16 ракометари на овие земји се беспрекорни, на секоја позиција имаат по два-три екстра ракометари, така што мој предлог за да се подобри играта во нашата одбрана, покрај стандардната одбрана од 6-0 која ја практикува нашиот селектор, мислам дека повеќе му одговара да игра одбрана 3-2-1. Со ова одбрана нашите предни играчи излегуваат на 9-10 метри и го скратуваат залетот на бековите, така полесно можеме да се справиме со нив. Главната наша одлика е брзината,а брзиот центар треба да трча брзо, поради тоа, акцентот треба да биде ставен на физичката подготвеност. Ни одговара и играта 7 на 6, со воиграни варијанти, да се оствави простор за крилата.
Од она што досега го видовме, најголемиот проблем во нападот е немањето идеја и дуелите еден на еден ретко ги добиваме. Нашата главна предност треба да ни биде брзината, затоа во напад наместо да играме еден на еден, или два на два, треба широка распостранетост на бековите, односно на бековите да се остави простор да направат вишок, да има различни вкрстувања, да има брз проток на топка и да доаѓаме до ширина, преку тие широки брзи вкрстувања да имаме продолжена акција до крила, а тоа ќе помогне да има простор и за нашиот пивот, но за тоа да се оствари треба грешките да ги сведиме на минимум, тоа е најбитната компонента, и секако завидна улога на голманите, да имаат удел, но и помош од одбраната. Многу битен елемент во ракометот е играта без топка, ние тоа го немаме, тоа е наш најголем проблем.
Мислам дека никако не смее нашата репрезентација да оди со мислите да ја победи Швајцарија и да го освои третото место, кое ни носи полесен ривал во ждребот за Светското првенство 2025. Ваквите комбинации секогаш биле погубни за било кој, па и за нашата репрезентација, која има промена на генерација. Не треба пред натпревар да се размислува за пораз, замислите само пред 50.000 навивачи Македонија да одигра реми, или пак да ја победи Франција? Што би се случило тогаш…Како што напоменав, репрезентацијата на Германија не е тоа што беше, доста е подмладена, има тројца дебитанти, не ме плаши мене, наше ќе биде на сите три натпревари да го одиграме зацртаното, да наметнеме наша игра и да се обидеме да парираме. Според квалитетот, нашата шанса ќе биде Швајцарија, но не знаеме каков ќе биде исходот на останатите натпревари, секогаш се случувало некое изненадување, дури после првиот одигран натпревар ќе можеме да процениме со каков квалитет располагаат сите четири репрезентации од групата А.
Македонија во последната подготвителна фаза за Европското првенство првенство тестираше со некомплетната Црна Гора и двапати со Грција. Јас првиот натпревар би го одиграл против комплетна репрезентација, во генерална проба би побарал пријателски меч со репрезентација која е една скалило погоре од нас, се со цел да се пробаме, да ги видиме нашите можности, да видиме каде треба да се подобриме, кој колку може, применување на различни тактички варијатни…Тоа е мое лично мислење, така и би постапил, контролен натпревар со квалитетна репрезентација за да имаме посериозен пристап, а уште подобро би било учество на некој турнир. За Македонија добро ќе беше да учествува на турнир со уште 3-4 репрезентации. На тие натпревари фактички се можеш да пробаш и да имаш јасна слика за можностите на секој повикан ракометар.
Нашата земја не е од типот на Франција, во која има 30.000 ракометари, мислам дека во составот можеше да биде и членот на Еурофарм Пелистер, Павле Атанасијевиќ, кој имаше солидни партии во Лигата на шампионите и во Супер лигата, но тоа зависи од вкусот на селекторот. Ќе биде многу појасно после првото коло со каков квалитет располагаме и колку ни се можностите. Горе-доле, составот е скоро идентичен од квалификациските натпревари. Наши најдобри играчи на ова ЕП посакувам да бидат самодовербата и одбраната.
*Стевче Стефановски беше дел од првата селекција на Македонија која дебитираше на Европските првенства во 1998 година, но како играч. Една година подоцна во нова улога како селектор ја водеше Македонија на Мундијалот во Египет, кога на големите натпреварувања дебитираше сегашниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров. Стефановски имаше тренерска кариера и беше на клупата на неколку екипи од Македонија, а сега е координатор на младинските школи во Еурофарм Пелистер.