Алушовски својата тренерска кариера во сениорска конкуренција ја започна од битолски Пелистер, потоа седна на клупата на Еурофарм Работник, а од новата година ќе го предводи составот на актуелниот освојувач на Лигата на шампионите.
Во последниот ден од годината, екипата на Вардар и официјално доби нов тренер, а на клупата седнува, поранешниот ракометар на клубот, Стевче Алушовски, кој доаѓа на местото на Едуард Кокшаров како нов тренер во „црвено-црниот“ тим. После работата во Еурофарм Работник, поранешниот македонски репрезентативец ќе има многу поважна и поголема задача во Вардар. Да покаже дека може уште повеќе како тренер.
Своето прво интервју како стратег на Вардар го даде за 24Ракомет каде што зборуваше за сето она што претстои со „црвено-црните“.
-Какво е чувството да се добие понуда за тренерската позиција од актуелниот европски првак?
„Среќен сум што после 10 години сум пак во Вардар. Чест е, задоволство и голема обврска. Не е едноставно да се биде тренер на европскиот првак. За мене ова е признание за она што досега сум го работел. Требаше да бидам помошник, но излезе да бидам прв тренер бидејќи Писонеро замина од Вардар. Изненаден сум од понудата да бидам прв тренер, но не сум уплашен. Возбуден сум бидејќи ќе работам во европскиот првак. Се надевам дека ќе направиме добри резултати, дека ситуацијата во Вардар ќе се среди. Ќе се обидеме да бидеме што поуспешни. Имаме проблеми со повредени играчи особено на позицијата лев бек. Многу е тешко да се ангажира квалитетен лев бек во моментов, играч кој не играл во Лигата на шампиони. Ќе бараме, во потрага сме, но ќе биде тешко. Сега најважно е сите кои се на Европското првенство со своите селекции да се вратат здрави од шампионатот и дека со една здрава работа и здрав однос ќе направиме повторно Македонија да биде горда на Вардар“.
Неодамна заминавте од Еурофарм Работник, што пресуди да ја прифатите понудата од Вардар?
„Она што се работеше со Еурофарм Работник сигурно луѓето од Вардар го препознаа. Пред сè ве бара европскиот шампион. Секако дека треба да не сте со здрав разум за да не ја прифатите понудата. Изненадување беше тоа што веднаш после моето заминување од Еурофарм Работник, добив понуда од Вардар. Европскиот првак не се одбива. Тоа е една потврда за мојата квалитетна работа со тимот на Еурофарм Работник и затоа се одлучив да го прифатам новиот предизвик“.
-Кога почнуваат подготовките за вториот дел од сезоната?
„Со работа ќе почнеме на 13 јануари. Нема да имаме посебни подготовки бидејќи повеќето ракометари се со националните тимови. Најрано планирам комплетната екипа да се собере на 22 јануари и тоа ќе биде краток период за нешто драстично да се менува, или да дојде до промена во играта. Првиот натпревар ќе биде против Кил на 5 февруари така што ни претстои работа во краток период да се заврши сè и да се направи анализа за првиот ривал. Потоа имаме уште три меча од групната фаза и убеден сум дека ќе се пласираме што повисоко во групата за да вкрстиме со попогоден противник од другата група“.
Што му недостига на Вардар да не губи двоцифрено од противниците со кои до оваа сезона беше егал?
„Вардар имаше големи проблеми во првиот дел од сезоната. Кристопанс беше повреден, Толедо не беше подготвен за настап. Немаше игра со Дибиров и со Чупиќ како крила на бековска позиција. Навистина беше тешко да се формира таква игра за секој тренер. Недостигаа подготвени играчи и здрави. Вардар е најдефицитарен на левата бековска позиција. Ги имаме Горбок и Атман и се надевам дека ќе бидат здрави и подготвени за вториот дел од сезоната“.
Вардар беше познат по шпанскиот систем, кој го игра во последните години. Ќе се менува ли нешто во тој сегмент?
„Имаме мал период за подготовка за она што не очекува во продолжение на сезоната. Некои работи ќе ги смениме, но тоа ќе биде малку во однос на системот на игра и во одбрана и во напад. Ќе додадеме некои нови детали, па ќе се обидеме да извлечеме колку е можно повеќе“.
Дибиров даде една невообичаена изјава за него. Воопшто за Вардар. Како ќе изгледа ростерот за следната сезона?
„Не би сакал да зборувам многу и да ја коментирам изјавата на Дибиров. Разговарав со претседателот на клубот. Знам кои играчи ќе си заминат, а кои имаат потпишани договори. Имаме планови за следната сезона и не би сакал многу да зборувам за тоа. До крајот на јануари ќе биде познат изгледот на ’новиот’ Вардар“.
Каде е дометот на Вардар сезонава?
„Кога сте во екипа која е актуелен европски првак сигурно е да имате високи цели и треба амбициите да бидат високи. Јас сум тренер кој секогаш се трудел и сака да победува. Вардар има група на играчи кои се победници. Знаете кои беа прогнозите за ланската година, па Вардар стана шампион. Затоа не би давал изјави што и како ќе биде. Ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар и најважно е да имаме здрав ростер, да имаме подготвени ракометари кои ќе можат да одговорат на задачите кои ни претстојат, а амбициите секогаш се највисоки“.
Како ќе изгледа стручниот штаб?
„Во стручниот штаб е Дејан Периќ кој е тренер на голмани. Инаку, Даниел Јуришиќ исто така останува како кондициски тренер, а Едуард Кокшаров како спортски директор. Додека не одлучиме кој ќе биде помошник не би сакал да споменувам имиња“.
Како ракометар Стевче Алушовски беше член на ракометниот клуб Вардар, прво во периодот од 2001 до 2004, потоа од 2005 до 2010 година. Доаѓа на кормилото на двократниот освојувач на Лигата на шампионите по краткиот престој на шпанскиот стратег Давид Писонеро, кој оваа сезона требаше да ја продолжи успешната низа настапи на Вардар под раководство на неговите сонародници Роберто Парондо и Раул Гонзалез.