24Ракомет анализа – Група Ц: Познато кој ќе игра во осминафиналето

Во група Ц нe очекувам да има поголеми изненадувања што значи дека во следната фаза ќе играат Германија, Хрватска, Унгарија и Белорусија. Германија, која игра без Пекелер, а можеби одредено време ќе биде и без Генсхајмер, но со Гландорф во составот мислам дека во овој момент е најквалитетна репрезентација во оваа група и би требало да го освои првото место.
Хрватска, која изгуби неколку играчи ќе биде во доста изменет состав во Франција. Тука Дувњак е клучниот играч, а околу него ќе има еден куп млади играчи желни за докажување на големо натпреварување. Сè на сè, интересно ќе биде да се гледаат нивните дуели, бидејќи мислам дека се во мала предност во однос на Унгарија за второто место.

1. Германија

Европскиот првак е главен фаворит за освојување на групата во Руен. Под водство на новиот селектор Дагур Сигурдсон, тие повторно се во самиот врв на светскиот ракомет. По освојување на Мундијалот во 2007 година, славата во германскиот ракомет ја превземаа бундеслигашките клубови. Откако во Катар се пласираше преку вајлд-карта, Германија се врати на голема врата освојувајќи го европскиот шампионат минатата година. И покрај недостатокот на искусни играчи, младите германски репрезентативци, златото од европскиот шампионат го надоградија со бронза од олимписките игри. Практикуваат брза и енергична игра, која ги носи во Франција како фаворити за подиумот на Светскиот шампионат. Ова ќе биде последен турнир за селекторот Дагур Сигурдсон на клупата на Германија. Архитектот на новата подобрена верзија на Германија започнува нов предизвик со јапонскиот национален тим веднаш по мундијалот во Франција. А, исландскиот стратег сигурно ќе сака да го затвори поглавјето во германскиот национален тим во голем стил.

Клучни играчи: Холгер Гландорф и Андреас Волф

33 Годишниот десен бек на Фленсбург, Холгер Гландорф повторно ќе биде дел од големите собири, откако се збогуваше од националниот тим во 2014 година. Селекторот Сигурдсон се одлучи за искуството на десниот бек, кој своето деби во националниот состав го имаше во 2003 година, а досега има постигнато 576 голови за својата земја.

Чуварот на мрежата на Кил, Андрес Волф беше еден од клучните ракометари во освојувањето на европскиот шампионат минатата година. Со високиот процент на одбранети удари и одличните реакции во клучните моменти на натпреварите од ЕП ги придоби симпатиите на германскиот национален тим, но и почитта од сите љубители на ракометот.

2. Хрватска

Хрватска е една од најтрофејните репрезентации во поновата ракометна историја. Има вкупно 13 медали од олимписките игри, светските и европските првенства. Хрватска никогаш не испуштила настап на едно големо натпреварување, а последниот медал го освои на Европскиот шампионат во Полска, каде завршија како бронзени. Хрватска, која изгуби неколку клучни играчи ќе биде во доста изменет состав во Франција. Дувњак е тука клучен играч и околу него еден куп млади играчи желни за докажување, артилерија од типот на Мамиќ, Јотиќ и Мандалиниќ, добро ќе се надополнуваат со Циндриќ и Обрановиќ.

Натпреварот кој го одбележа Европскиот шампионат, високата победа над домаќинот Полска која им овозможи пласман во полуфинале, не се повтори на Олимписките игри.  Елиминацијата во четвртфиналето на Олимпискиот турнир во Рио, го зема својот данок и под притисок на јавноста тренерот Жељко Бабиќ поднесе оставка. Но по само два месеци повторно беше назначен да ја предводи новата генерација хрватски ракометари. Ова е сигурно последна шанса за докажување на кормиларот на клупата на Хрватска, бидејќи Хрватите очекуваат на ист начин да им вратат на Французите за поразот во финалето на СП 2009 во Загреб. Сè на сè интересно ќе биде да се гледаат, сметам дека се во мала предност во однос на Унгарија за второто место во групата.

Клучни играчи: Домагој Дувњак и Мануел Штрлек

3. Унгарија

Унгарија која настапува во најсилниот состав моментално и со враќањето на Фазекаш дава до знаење дека на ова првенство оди да стигне што подалеку. Со искуството на Фазекаш, Миклер доби грб и голманската позиција ќе им биде навистина стабилна. Наѓ, кој е движечка сила во нападот, ги има позади себе Анчин и Балог, кои ја прават позицијата десен бек одлична. На лев бек минутажата би требало да ја трошат Бодо и Џамали, кои немаат одиграно ништо позначајно на едно големо натпреварување. На средина се можеби потценети, но сосема коректните Часар и Лекаи. На пивотменската позиција, Унгарците се бараа неколку години, со тоа што Зубаи трошеше најголем дел од времето на терен, а не беше вистинскиот квалитет за нешто повеќе. На ова првенство очекувам и  се надевам дека шанса ќе добие младиот Банхиди. Сигурно очекуваат дека можат да ја нападнат Хрватска и да го бркаат второто место.

Клучни играчи: Ласло Наѓ и Роланд Миклер

4.Белорусија

Белорусија е репрезентација која вака-така се изнаигра на првенствата во последните години, но е без значаен резултат. Прво нешто позначајно се случи во Полска, кога извадија одлични млади играчи и почнаа да создаваат интересна млада екипа, која очекувам да расте од година во година. Пуховски и Никуленкау се лидери на екипата, заедно со Шиловиќ и надополнети со Кулеш, Јуринок, Каралек, Кадкевич и голманот Салдаценка, сочинуваат екипа која е спремна да се надигрува со секого. Го покажаа тоа на последниот меч од евроквалификаиите кога ја победија Србија. Не знам колку би имале сила да изненадат една од првите три репрезентации, но четвртото место е реално.

5. Чиле

Чилеанскиот тим ќе го имаат четвртиот последователен настап на Светското првенство во Франција. Чиле во 2010 година беше домаќин на Пан-американските првенство и го освои бронзениот медал. Оттогаш имаат голем напредок. Поранешниот шпански репрезентативец Матео Гаралда е предводник на чилеанската репрезентација, која на ова СП ќе биде ослабена за неиграњето на пикерот Марко Онето, кој е повреден, но има повеќе ракометари кои играат во Асобал Лигата и нема да биде толку лесно против нив како што веројатно им изгледа на противницте. На последниот Пан Американски шампионат, групната фаза ја минаа само со еден пораз, а во полуфиналето беа подобри од Уругвај, пред воборбата за трофејот да го намачат Бразил.

6. Саудиска Арабија

Најголемата земја од блискиот исток дваесетина години, е редовен учесник на големите ракометни првенства без забележителен успех. Во 2012 година, Саудиска Арабија го назначија  трофејниот хрватски тренер Ненад Кљаиќ, олимпискиот шампион во 1996 година, за да донесе повеќе тактички и технички вештини во националниот тим. По краткото искуство во катарскиот клуб Ал Рајан, период во кој кормилото го превзема Горан Ѓокиќ, хрватскиот стратег повторно се врати на клупата на Саудиска Арабија во декември 2015 и заврши 4-ти на првенство 2016 што се одржа во Манама. Саудијците ќе имаат за цел да го постигнат највисокиот пласман во својата историја во Франција (19 место во 2003 и 2013 година) за нив ова ќе биде 8-мо учество на Мундијалите.

ВАНЧО ДИМОВСКИ