„Експертите“ се фаворит број еден во групата „А“ и на првенството
Групата А е составена од четири европски, една азиска и една јужноамериканска селекција каде домаќинот Франција е апсолутен фаворит, како за првото место во групата, така и на целиот турнир. За преостанатите три места кои водат во следната фаза рамноправно ќе се борат Норвешка, Русија, Полска и Бразил.
Норвешка е млада и полетна, Русија со голем фонд на играчи на бековските позиции
Прв фаворит меѓу еднаквите за второто место во групата е Норвешка имајќи ја предвид играта која ја прикажа на последните две големи натпреварувања, возраста, искуството и стилот на игра. Полска и Русија иако се големи ракометни велесили, сепак едната соочена со промена на генерации и многу повредени клучни играчи (Полска) и втората со долга апстиненција од забележителни резултати (Русија) ќе имаат голема задача да се пласираат понатаму во следната фаза. Бразил кој години е меѓу најдобрите јужно-американски селекции, а во моментов и со доста играчи во европските лиги сигурно ќе има што да каже на на ова првенство.
1. Франција
Што да се каже за популарните „експерти“, а до сега да не е кажано. Апсолутна доминација последниве 10-тина години на големите натпреварувања, соединувајќи ги титулите од сите големи натпреварувања. Предводени од безвременските Тијери Омејер на голот и Никола Карабатиќ во поле и домашната публика како „ветар во грб“ се апсолутни фаворити за златниот медал. Она што во минатата година го видовме сега и официјално се реализира, Клод Онеста и официјално му ја препушти „палката“ на поранешниот најдобар светски дефанзивец, Дидие Динар кој на ова првенство ќе има задача да ја врати Франци ја на самиот врв (по поразот од Данска во Рио). Многу цврста одбрана, со физички контакт каде французите се доминантни, одличен голман и ефективни директни контранапади се најсилното оружје на „експертите“ веќе подолг период. Во случај на мирен напад, работите во голема мера зависат од Никола Карабатиќ, кој e помогнат од Сораиндо на „црта“ и Н’Гесан и Њокас на левата бековска позиција. Вообичаено искусната селекција знае да тактизира во првата фаза за како доаѓа времето да игра сè подобро.
Клучни играчи се Никола Карабатиќ и Седрик Сораиндо кои одлично се познаваат и играат феноменално на двете страни од теренот и голманот Тиери Омејер кој иако влегува во петтата деценија од животот сè уште е нeприкосновен на голот на французите.
2. Норвешка
2016-та беше една од најдобрите за норвешкиот национален тим имајќи предвид дека на ЕП во Полска најпријатно изненадување, промовирајќи неколку млади ракометни ѕвезди меѓу кои сигурно најголема е Сандер Сагосен, играч кој го бара „пола Европа“. Карактеристично за скандинавска селекција играат исклучиво одбрана 6-0, подвижна и без изразито високи играчи, но одлично вклопени во системот на тренерскиот тандем Кристијан Берге и Берге Лунд. Бековските позиции покрај Сагосен, се „пополнети“ со одлично технички потковани играчи (типично за скандинавци) меѓу кои сигурно најпознати се Ли Хансен, О’Саливен, Тонесен и Раинкинд. На претходното големо натпреварување Норвешка покажа дека има одлични крила (Бјорнсен и Јондал). По откажувањето на Штајнер Еге, голманската позиција е една од послабите точки во тимот имајќи предвид дека и Еревик некое време не дел од некоја екипа со големи амбиции.
Клучни играчи се Сандер Сагосен, модерен централен бек кој покрај организаторски има одлични шутерски предиспозиции и иако доста млад на теренот се однесува многу искусно. Исто така Мирхол како одличен дефанзивец и прва опција во нападот на позиција пивот е важен дел од тимот на Берге.
3. Полска
Соочена со промена на генерации (Б. Јурецки, К. Лијевски, К. Белицки и С.Жмал) и голем број на повреди на клучни играчи (Сипржак, Јурашик, М. Јурецки, Јуркевич и Вишомирски) полската ракометна репрезентација предводена од легендарниот Талант Дујшебаев за првпат после неколку големи натпреварувања не се вбројува во фаворитите на завршниот турнир. Проблемите со централен бек и натаму остануваат кај полската селекција, а со повредата на Вишомирски и голманската позиција ќе биде по нивото кое се бара. Подвижна зона со доста изненадувања и „лесни“ голови донекаде може да ги надополнат „загубите“ на играчки план во таборот на Дујшебаев.
4. Русија
Од друга страна селекцијата на Русија иако на ЕП во Полска не забележа резултат за паметење, според играта е многу поблиску до второто место во групата. Од клупата предводени од Торгованов и Вороњин, играчи кои освоиле многу репрезентативни трофеи, веќе се во ситуација од нив да се бара резултат. Како никогаш последните години одлично покриени на бековските позиции со огромен број на квалитетни играчи од типот на Горбок, Деревен, Атман, Асланиан, Острашенко, Житников и Шелменко е предуслов за одличен турнир и ги става на исто рамниште со Норвешка во борбата за второто место во групата „А“. Покрај тоа имаат солидни крила (Дибиров и Ковалев), а како најтенка и натаму останува голманската позиција. Со промена на тренерскиот тандем , Торгованов кој повеќе години играше во Германија ќе се обиде максимално да ја забрза играта, со модифицирана 5-1 зона и голема ротација во играчкиот ростер ќе се обиде да го „истроши“ противникот и на тој начин да се дојде до позитивен резултат.
5. Бразил
Бразил е редовен учесник на големите натпреварувања и со Аргенитна сигурно е најдобар репрезент на јужно-американскиот континент. Одлични физички предиспозиции кои им даваат можност да играат подвижни зони на долги периоди во натпреварот, надополнети со искуството кое клучните играчи Педро Да Силва (Шамбери), Петруш До Сантош (Пик Сегед), Рожерио Фереира (Вардар) и Гилерме Де Толедо (Висла Плоск) го имаат од играње во силните европски екипи (читај лиги) ги става „кариоките“ во позиција да се надеваат на пласман во следната фаза. За тоа покрај победа против аутсајдерот Јапонија, ќе треба да изненадат една од европските велесили Полска, Русија или Норвешка.
6. Јапонија
Јапонија е домаќин на следните летни олимписки игри и започнува да гради нов тим кој треба да ја има својата кулминација за четири години. Предводени се од шпанецот Ортега на селекторската позиција, но е аутсајдер во оваа група.
Група А вкрстува со групата во која се наоѓа македонската репрезентација и од тој аспект ќе биде многу интересна за нас.
ГОРАН ЃОРГОНОСКИ