18 клубови во машка и женска конкуренција во текот на вчерашниот ден упатија приговор за висината на ваучерите што ги добија од Агенцијата за Млади и Спорт.
Ракометната федерација на Македонија веќе испрати листа на клубови кои реагираат и споредбена анализа за претходните две години до АМС, па се очекува средба со претставници од трите страни.
„До Ракометна Федерација на Македонија пристигнаа приговори по основ на распределбата на средствата од страна на Агенцијата за млади и спорт за мерката користење на финансиски средства по основ на даночно ослободување. Приговорите се темелат дека финансиските средства се намалени во однос на минатите години или не се земени во предвид одредени бодувања согласно критериум пополнет образец, со што се доведува во прашање функционалноста на одредени спортски колективи“, се вели во дописот од РФМ до АМС.
Во листата на клубови се 12 машки прволигаши и шест женски тима, а каква ќе биде разрешницата на овој случај останува да видиме.