17 Ракометар(к)и ќе добијат Национално признание за врвни достигнувања во спортот!

На свечена церемонија што ќе се одржи утре со почеток во 12.00 часот во Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, ќе им доделат Национално признание на најуспешните македонски спортисти за врвни достигнувања во спортот.

Оваа свеченост е симбол на националната почит и поддршка за спортските вредности што ги градиме заедно. Ова е признание за најдобрите македонски спортисти за нивните исклучителни клупски остварувања во екипните спортови кои досега не беа соодветно вреднувани.

Со измените во Законот за спорт (член 50-а) што ги направи Министерството за спорт, национално спортско признание со кое се стекнуваат спортисти државјани на Република Македонија „може да се додели и на спортист-поединец за освоен златен медал, односно за освоено прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство од највисок степен во екипните олимписки спортови или во случаите на остварување резултат кој е светски или европски рекорд во олимписки спортови остварен на официјален меѓународен натпревар“.

Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот ќе се стекнат:

– фудбал: Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски

– кошарка: Петар Наумоски, Перо Антиќ

– ракомет: Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска, Клара Боева.

Според законските одредби, на спортистот кој стекнал национално спортско признание му се доделува плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата исплатена во Република Македонија во претходната година.

Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а се исплаќаат преку органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Условите како и начинот на доделување на националното спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок, поблиску ги уредува Владата на Република Македонија со уредба.