Ракометарите на Јехона имаа победнички старт во новата сезона во Првата лига, откако на првиот турнир во Кичево, потешко од очекувањата го совладаа тимот на Борец од Велес со 33-35.
Гостиварци иаа убедлив старт и се одлепија на 6-10, но велешките ракометари беа упорни и стигнаа до реми на полувреме, 13-13.
Во второто полувреме Јехона ја имаше предноста и водеше со еден до три голови разлика, но Борец секогаш беше тука некаде и се враќа во игра. На десетина минути до крајот, избраниците на Фари Селмани стигнаа до плус четири, 27-31, но не можеа да бидат мирни во финишот.
Велешани преку Гочев и Димески намалија на 30-31, а тогаш поради трето исклучување Јехона остана без Бошковски. Сепак неговиот тим успеа да поведе со 31-34, но Борец пак се врати на минус еден 33-34.
Во драматичната завршница, Гочев направи фаул, доби црвен картон, а Јехона доби удар од седум метри. Успешен реализатор беше Тасески за 33-35 и голема радост на гостиварци.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Салиу со 12 голови и Тасески со осум, додека кај Борец се истакнаа искусниот Мачавелов со седум, како и Сиљанов и Атанасовски со шест погодоци.