Барселона е сон на речиси секој играч, а Швеѓанецот Хампус Ване реши да замине од шпанскиот гигант и следната сезона да игра за дански ХОЈ, тим што обезбеди место во највисоката данска лига.
Крилото во интервју за веб-страницата на ЕХФ откри зошто летово ќе ја замени Барселона со данскиот клуб ХОЈ.
„Беше навистина одлично да се претставува овој клуб. За мене, тоа дури и не беше цел, бидејќи секогаш ми изгледаше толку далечно. Моја главна цел беше да играм во Бундес лигата, но кога се појави можноста да дојдам во Каталонија, веднаш ја прифатив. Беше неверојатно искуство. Благодарен сум што имав шанса да играм тука“, изјави Ване.
Новата сезона ќе биде нешто сосема различно.
„Играв во Лигата на шампиони и во најдобрите лиги цели 12 години, така што ќе биде навистина чудно за првпат да ги гледам натпреварите на главното европско натпреварување на телевизија. Но, со нетрпение го очекувам тоа. Многу разговарав со претставници на клубот ХОЈ пред да донесам одлука да одам таму. Верувам во овој проект. Како Швеѓанец, ми годи што ќе бидам блиску до дома. Тоа ми недостасуваше изминатите 12 години“, изјави шведскиот ракометар.
Барселона на последниот Ф4 во Келн не успеа да ја одбрани титулата, бидејќи беше елиминирана уште во полуфиналето. Потоа загубија и во мечот за трето место, од екипата на Нант. Ване даде два гола во мечот за трето место.