1 јули – денот кога „новиот“ Вардар ќе ги дознае ривалите во „новата“ ЛШ (ФОТО)

Следната сезона во Лигата на шампионите се враќа системот на играње со смо 16 екипи, но за разлика од пред шест сезони, кога екипите беа поделени во четири групи по четири тима, догодина ќе бидат две групи по осум тима. Иако нашето првенство заврши, а распределбата на местата во Европа се уште не е потврдена, јасно е дека Вардар ќе биде дел од елитната конкуренција во следната сезона.

„Црвено-црниот“ тим можеби нема да има состав каков што навикнавме да гледаме во Скопје последните шест сезони, состав за високи дострели, но сигурно и понатаму достојно ќе го претставува македонскиот ракомет на европска сцена. Кои тимови ќе му бидат ривали на Вардар во една од двете групи следната сезона ќе биде познато на 1 јули, за кога е закажана ждрепката во седиштето на ЕХФ во Виена.

Покрај македонската Суперлига, и во дел од другите европски шампионати не се потврдени шампионите или учесниците во Европа, но познати се екипите што можат да бидат дел од ЛШ. Според рејтингот, сигурни учесници се десет екипи – ПСЖ, Кил, Вардар, Веспрем, Барселона, Келце, Алборг, Загреб, Порто и Фленсбург. Остануваат уште шест празни места, односно вајлд-карти што треба да ги додели ЕХФ, но тоа може да бидат само екипи од државите што се наоѓаат до 18 место на рејтинг листата и кои треба да исполнат одредени критериуми – сала, тв пренос, публика односно навивачи, историјат на европски настапи и буџет.

Една федерација може да испрати само по едно дополнително барање за место во ЛШ. Па така Франција ќе мора да се реши меѓу Нант и Монпелје, а еден од нив сигурно ќе добие место, a ЕХФ сигурно нема да дозволи да има трета германска екипа. Следната вајлд карта би требало да оди за унгарскиот ПИК Сегед, и доаѓаме до бројка од 12 тима.

Со оглед на тоа што ЕХФ сигурно нема да сака да го загуби скандинавскиот пазар, ќе додели вајлд карта на норвешкиот или шведскиот првак – Алингсас или Елверум. За следната покана би требало да се борат екипите од поранешниот СССР – белорускиот Мешков Брест, украинскиот Мотор и рускиот Чеховски Медведи, а фаворит за место во ЛШ е новиот тим на Сташ Скубе.

Португалскиот Спортинг, кој прави одличен состав за следната сезона и сигурно ќе сака да биде дел од ЛШ, ќе има голема конкуренција бидејќи во овој кош ги ставаме и данскиот Гудме, полска Висла Плоцк и шпанскиот Адемар Леон. За последното место би се бореле екипи од типот на Целје, Динамо Букурешт, Татран Прешов и Кадетен Шафхаузен, но словенечкиот првак би бил фаворит со оглед на славното минато во историјата на ЛШ.

Можен изглед на ЛШ за сезоната 2020/2021

ПСЖ
Кил
Вардар
Веспрем
Барселона
Келце
Алборг
Загреб
Порто
Фленсбург
ПИК Сегед
Нант/Монпелје
Алингсас/Елверум
Мешков Брест/Чеховски Медведи/Мотор Запорожје
Гудме/Спортинг/Адемар Леон/Висла Плоцк
Динамо Букурешт/Кадетен/Татран Прешов/Целје

Деталите би требало да бидат познати кон средината на јуни, па ќе видиме дали сите овие набројани екипи ќе се пријават за учество во елитната конкуренција. Едно е јасно, кризата со корона ќе ги намали буџетите на екипите, а со настапот во ЛШ ќе можат да ја подобрат финансиската конструкција со оглед на што ќе има богат награден фонд. Затоа борбата за место во елитата ќе биде тешка.

Натпревари од ЛШ веќе нема да гледаме за викенди, термините се среда и четврток, со почеток во 18:45 и 20:45 часот. ЕХФ на почетокот на јуни веќе треба да ги собрано пријавите од екипите за европските натпреварувања, а кон средината на тој месец ќе бидат познати сите детали и конечните листи на учесници пред ждрепката на 1 јули.