Легендарниот ракометар на Франција, Дидие Динар, кој од неодамна е нов селектор на машката сениорска репрезентација на Црна Гора, денеска го имаше првиот собир со своите избраници.
Црна Гора оваа недела ќе ги одигра првите два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2026, кое ќе се одржи во три земји – Данска, Норвешка и Шведска.
Црногорците за ривали во својата група ги имаат репрезентациите на Унгарија, Словачка и Финска. Првиот натпревар Црна Гора ќе го одигра на 6 ноември во Подгорица, а гостин ќе биде Финска.
Во второто коло од квалификациите избраниците на Динар ќе гостуваат кај Словачка. Репрезентативците на Црна Гора реванш натпреварите против Финска и Словачка, како и двата дуели со Унгарија, ќе ги одиграат во 2025 година.
Меѓу избраните 18 ракометари кај Динар се наоѓа и членот на Вардар, Вуко Борозан, како и неколку играчи кои што во своите кариери настапувале во македонскиот шампионат – Мирко Радовиќ, Никола Матовиќ, Стеван Вујовиќ, Василије Калуѓеровиќ, Вук Лазовиќ, Лука Вујовиќ…
Динар смета на вардарецот Борозан за дуелите со Словачка и Финска