Репрезентацијата на Унгарија настапот на Европското првенство 2024 го заврши на петтото место, откако со пресврт славеше над Словенија со 23:22.
За Унгарија освоеното петто место е најголемото достигнување на континенталните собири, додека Словенија ќе мора да се задоволи со 6. позиција.
Како што се и очекуваше, првото полувреме мина во изедначена игра, имаше надигрувања, пресврти и голема борба за секоја топка. Ниту една од двете репрезентации не успеа да направи посериозна разлика, па така првиот дел даде до знаење дека ќе гледаме интересна битка за петтото место.
Иако Словенија отвори добро, поведе со 5:2 во воведниот, сепак, Унгарија по лошиот старт бргу се врати во игра и со серија од 3:0 израмни на 5:5. Од тој момент, па до крајот на првиот дел, двата состави наизменично се менуваа во водство. Избраниците на Урош Зорман кон крајот на првиот дел успеаја да бидат подобриот противник на теренот.
По нерешените 11:11, ракометарите на Словенија со два гола во низа се одлепија на 13:11, додека на пауза заминаа со предност од еден позитива, 13:12. Голема заслуга за минималната предност на Словенците на полувреме имаше голманот Клемен Ферлин, кој првиот дел го заврши со осум интервенции.
Словенија од стартот на вториот дел, па до 40 минута водеше со еден до два гола разлика, не реализираше во неколку напади за плус три и по предноста од 16:14, унгарската репрезентација направи камбек израмнувајќи на 16:16. Следуваше игра гол за гол, ракометарите на Родригез во 48 минута за момент го презедоа водството, поведоа со 19:18.
Откако беше 20:20, избраниците на Зорман повторно дојдоа до два гола предност, поведоа со 22:20 во 55 минута, но дозволија повторно Унгарија да направи камбек и да израмни на 22:22 во 57 минута, а минута подоцна и да поведе со 23:22. Составот на Зорман на неполни триесетина секунди пред крајот не реализираше за нерешено, а тоа значеше голема радост на унгарската клупа.