Машката сениорска репрезентација на Македонија триумфираше на првата контролка против Грција со 33:30 пред настапот на Европското првенство во Германија.
Двете репрезентации утре, со почеток од 18:00 часот, ќе го одиграат вториот контролен натпревар, кој ќе биде од затворен тип.
Репрезентацијата на јужниот сосед до 22 минута од натпреварот имаше резултатска контрола, водеше со еден до два гола разлика, но избраниците на Кире Лазаров со одличната одбрана во последните осум минути успеаја да направат пресврт.
По предноста на Грција од 13:12, следуваше серија од 2:0 на „црвено-жолтите“, па така составот на Лазаров најпрво израмни на 13:13, потоа во 25 минута дојде до првото водство од 14:13.
Грција целосно потфрли во последните минути од првото полувреме, ги зголеми техничките грешки, се разбрани Митревски, бековите на ривалот тешко пробиваа и Македонија веќе изгради убава предност, во еден момент водеше со четири гола разлика,18:14. По 30 минути игра, резултатот гласеше 18:15 во корист за македонската репрезентација.
Одличната серија на Македонија продолжи и на стартот на вториот дел, нашата репрезентација бргу зголеми за 21:15, јужниот сосед имаше краток залет, намали на 21:17, но до крајот не успеа резултатски да се доближи, влезе во уште поголема криза.
Македонија во преостанатиот дел имаше целосна контрола, во ниту еден момент победата не беше доведена во прашање, репрезентацијата на Грција заостануваше на пет до седум гола разлика и немаше никакви шанси да направи нешто повеќе во последниот дел од натпреварот, успеа само да го ублажи поразот поради опуштањето во домашната селекција.
На овој натпревар во редовите на Македонија не настапи Жарко Пешевски поради болест и Никола Маркоски поради повреда.