Она што го ветија охриѓани го потврдија на дело. Тврдината е одбранета! Охрид го совлада македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со резултат 29-25(13-11) во рамки на 17. коло во домашното првенство и го зема првиот скалп меѓу фаворитите оваа сезона.
Четири дена по победата против Вардар во Битола, шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер одигра уште едно пеколно дерби на исклучително незгодниот терен, кај амбициозниот Охрид.
Спортската сала „Билјанини извори“ беше претесна да ги собере сите навивачи кои сакаа да ги гледаат своите ракометари, па во одлична атмосфера со поддршка од верните „Рибари“ и „Чкембари“ започна уште еден дуел во македонската Супер лига, кој ќе прерасне во големо ривалство на две одлични екипи.


























