По двојната круна што ја освоија вторпат по ред, ракометарките на Ѓорче Петров беа на прием кај градоначалникот на општината, Александар Стојкоски.
„Градскиот татко“ на Ѓорче ги прими „лавиците“ во својот кабинет и им честита за големиот успех и оваа сезона.
Избраничките на Симе Симовски немаа голема конкуренција во Женската лига и убедливо ја освоија титулата, со само еден пораз на 28 натпревари.
„Им честитав од срце за истрајноста, посветеноста и спортскиот дух што го покажуваат – не само оваа сезона, туку континуирано, како вистински амбасадори на нашата општина. Ѓорче е гордо на вас!“, напиша Стојкоски на социјалните мрежи.
Покрај титулата во Женската лига, ѓорчепетровски го освоија и трофејот во Купот на Македонија, откако ги победија Вардар и Чаир.