Селекцијата на Франција е првиот финалист на Европското првенство во Германија, откако славеше против се уште актуелниот првак Шведска со 34-30. Французите имаа плус седум во првиот дел, Шведска се врати во игра, во финишот на мечот водеше и со плус два, но грешката на Готфридсон и шутот на Пранди во последната секунда од слободен удар го однесоа овој меч во продолженија. Таму уште по две минути Франција се одлепи на плус три, и до крајот успешно ја задржа разликата. Овој натпревар го судеа македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Швеѓаните отворија со водство од 3-1 на стартот, но набрзина израмнија Деска и Фабрегас. Европскиот шампион имаше криза во нападот и не постигна погодок девет минути.
За тоа дел од „вината“ имаше и францускиот голман Самир Беласен, кој собра девет одбрани во првото полувреме. Франција се одлепи на 10-4 и таквата разлика ја сочува до паузата, 17-11.
Но европскиот првак покажа зошто е на тронот на стартот на вториот дел. За десетина минути стигна до егал, 18-18. Паличка имаше неколку интервенции, Французите ја снемаа течноста на нападот и Жил мораше да бара тајм-аут.
По минутата одмор Франција заигра подобро, успеа да стигне до плус три набризна, 21-18, но како стигна до таквата предност, така и ја загуби. Паличка одбрани пенал на Деска, уште повеќе ги мотивираше соиграчите, кои одново израмнија на 21-21.
ЕП 2024: Франција – Шведска
Беше и 22-22, Паличка одново беше во елеменет и му фати пенал и на Мае, а двете селекции не реализираа во следните напади и на десет минути до крајот се влезе со реми, што беше најава за големи возбудувања.
Шведскиот голман им одбрани удари и на Мем и на Пранди, а неговите соиграчи реализираа за плус два за европскиот првак 25-23. По голот на Лен, Франција имаше шанса од пенал да се избори за ново реми, но Паличка одбрани уште еден седмерец.
Готфридсон донесе 27-25 кога имаше да се играа уште осумдесетина секунди. Жил повика тајм-аут, Лен стрелаше за минус еден, а останаа 15 секунди за Шведска. Готфридсон направи грешка, но за Франција остана уште слободниот удар.
Чудото што го посакуваа Французите се случи. Пранди од 12 метри од слободен удар упати силен шут во голот на Паличка кој не ја ни виде топката за 27-27 и победникот мораше да се реши во продолженија.
Франција почна силовито во првото продолжение со три гола на Наи за 30-27, но Готфридсон и Паличка, кој во меѓувреме сам се повреди незгодно, ја вратија Шведска во игра, 30-28.
На стартот на второто продолжение Дебоне одново беше во елемент, му одбрани на Ване, а кога Пранди зголеми на 32-28 веќе немаше време за Шведска да размислува за нов камбек и мораше да се помири со елиминација.
Најдобри стрелци во победничката репрезентација беа Деска со осум и Мем со шест погодоци, додека голманот Беласен имаше девет интервенции. Во составот на Шведска се истакна Клар со девет гола, а голманот Паличка имаше 15 одбрани.
Ривал на Франција во финалето ќе биде победникот од Германија и Данска, додека поразениот од второто полуфинале ќе се соочи со Шведска во битката за трето место.