📷 Пелистерци од Златибор ќе фаќаат залет за претстојните предизвици

Македонскиот шампион, Еурофарм Пелистер, ја пресели својата тренинг-база во Златибор, каде ќе ја одработи висинската фаза од подготовките за новата сезона.

По стартниот дел во Битола, тимот се смести во познатото српско одморалиште каде ќе престојува десет дена, со цел да ја подигне физичката подготвеност на повисоко ниво.

Новиот тренер Рубен Гарабаја, полека ја наметнува својата ракометна филозофија и визија за настапите во новата натпреварувачка кампања.

По завршувањето на престојот во Златибор, пелистерци ќе се вратат во Македонија каде ги очекува финалната фаза од подготовките, која вклучува учества на турнири во Охрид и Скопје – идеална можност за проверка на можностите на тимот пред стартот на официјалните натпревари.

Тимот од Битола ќе ја отвори сезоната на 3 септември со настап во Супер Купот против Вардар, а веќе на 6 или 7 септември ќе го одигра и првото коло од Супер Лигата против Бутел. На 10 септември, во Битола, Еурофарм Пелистер ќе го има и својот прв меѓународен предизвик – дуел против хрватски Загреб во рамките на Лигата на шампионите.